Македонија
Ибицата, Дебелиот и Телевизорот: Пуштени 10 нови бомби за „Труст“
Во кривичниот суд во Скопје, на предлог на Специјалното јавно обвинителство, беа пуштени 10 необјавени бомби за предметот „Труст“. Најголемиот дел од разговорите се меѓу ексдиректорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.
Во еден од разговорите Чинговски и Божиновски се договараат како да ги задоволат и Сеад Кочан и Горан Иванов (Ѕинго), за добивање на тендерот на ЕЛЕМ.
Кирил Божиновски на Чинговски му вели: „На Ибицата да му направиме филм дека ќе го добие Брод-Гнеотино“, на што Божиновски му одговара дека и двајцата нема да бидат задоволни.
Кирил Божиновски му вели на Чинговски да не биде Горан Иванов тој кој што би можел да биде извисен: „Да не е Дебелиот тој што ќе го зае*еме“.
Чинговски на Божиновски му објаснува дека машините на Сеад Кочан, кои му се под лизинг, може да му ги уважат за негови.
Во друг разговор, Божиновски му вели на Чинговски дека за да го добие тендерот требало да има 27 камиони, а тој имал само 20.
„Да не зборуваме за цени, може нѐ прислушуваат“, Чинговски го предупредува Божиновски.
Во разговор, сопственикот на „Сител“, Горан Иванов (Ѕинго), му вели на Чинговски дека останатите кои поднеле понуди не смеат да се жалат: „Кај смеат да се жалат? Ќе им ја е*еме мамата!“
Чинговски му одговара дека може да стигне жалба до комисијата бидејќи постапката е електронска.
„Вчера ги викнав и разговаравме, ама Дебелиот нема техничка опрема. Густо е“, му вели Чинговски на Божиновски, поради фактот што „имало проблеми со Ибицата и Dебелиот“ бидејќи немале финансиски извештаи.
„Ова е електронски. Не можиме да дадeме, да ставиме, да правиме…“, Чинговски му вели на Божиновски.
Меѓу разговорите има и такви во кои се слушаат гласовите на Силјан Мицевски, Коста Папастеревски. Овие бомби се последните дополнети докази на СЈО за предметот „Труст“, по што треба да бидат изречени завршните зборови и пресудата.
Во предметот „Труст“, Кочан и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и ВАТО се обвинети дека со фалш документи учествувале на тендер на „Електрани на Македонија“ во вредност од 17 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

