Македонија
Ибрахими: Имаме обврска да ја промениме преамбулата на Уставот и да го смениме пејоративниот термин 20 отсто за албанскиот јазик

Зеќирија Ибрахими, лидерот на Алтернативата, зборувајќи за последните политички теми што се дискутираат во јавноста истакна дека е обврска да се промени прeамбулата на Уставот со цел да се отклучи патот кон ЕУ.
Во овој контекст, како што рече, треба да се промени и пејоративниот термин 20 отсто за албанскиот јазик.
„Се согласувам дека државниот грб не го отсликува најдобро идентитетот на нашата нова држава, но доколку сме подготвени да разговараме на оваа тема, ова е добра можност и за вистински и неопходни реформи, кои би ја преобликувале иднината на Северна Македонија. Како што знаеме, ние имаме должност да ја смениме и преамбулата на Уставот за да го деблокираме патот кон европската интеграција. Ова не е само политички туку и стратешки чекор кон стабилност и развој“.
Според него ,потребен ни е и нов текст и за државната химна, кој, како што оцени, ќе биде сеопфатен и ќе обезбеди инклузивност за сите граѓани на државата.
„Еднакво важно е и отстранувањето на навредливата формулација 20 % за албанскиот јазик бидејќи албанскиот не е статистичка категорија, туку е јазик на автохтоно и достојно население, кој бара соодветен третман. Во овој пакет и семејството мора да го дефинираме како заедница помеѓу маж и жена во согласност со нашите традиционални вредности. Токму овие промени, отаде симболиката, овозможуваат поголема социјална кохезија, гарантираат европска интеграција, ја унапредуваат јазичната еднаквост и овозможуваат инклузивен национален идентитет за сите граѓани“, изјави Ибрахими.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Милошоски се сретна со амбасадорката на Данска: „Западен Балкан е добредојден во ЕУ“

Претседателот на Комисијата за европски прашања и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, денеска оствари средба со нерезидентната амбасадорката на Кралството Данска надлежна за земјава, Н.Е. Перниле Деилер Кардел.
Главна тема на средбата беа актуелните случувања на глобалната сцена и процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, при што беа разменети мислења за предизвиците и перспективите со кои се соочува нашата земја во овој контекст. На средбата се разговараше и за тековните состојби во однос на клучните реформи во рамки на пристапните преговори и нашата заложба и посветеност, како држава, за надминување на предизвиците, исполнување на обврските во евроинтегративниот процес и обезбедување на негов континуитет.
Милошоски изрази благодарност за важната поддршка од Кралството Данска за нашите евроинтеграции, притоа истакнувајќи дека очекува нејзино продолжување со несмалено темпо и за време на данското претседавање со Советот на Европската Унија, во втората половина на 2025 година.
Во однос на евроинтеграцискиот процес, амбасадорката Кардел подвлече дека позицијата на Данска е дека Западен Балкан е добредојден во ЕУ, за што, како што рече, треба да се постигнат критериумите во делот на владеењето на правото, демократијата и заштитата на човековите права.
Соговорниците разменија искуства за процесите на евроинтеграција и за актуелните предизвици со кои се соочува Европската Унија. На средбата беа разменети и мислења за придобивките за граѓаните од членството во ЕУ, како и за потребата од постојана промоција на тие вредности.
Македонија
Ѓорѓиевски: Не позајмуваме, првпат имаме повеќе приходи од долгови

2024 година е трета година од мојот мандат, но и трета година во историјата на Кисела Вода кога финансиските средства на општинската сметка се значително повисоки од обврските. Денес, за разлика од минатото, ние не позајмуваме, ние инвестираме, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на почетокот од своето денешно обраќање пред Советот на Општина Кисела Вода, каде што се усвоија кварталните извештаи.
Во своето излагање, тој ја истакна трансформацијата на општината во изминатите три години, посочувајќи ги рекордните финансиски резултати и историските капитални инвестиции.
-2023 и 2024 година се години со највисоки капитални инвестиции во историјата на нашата општина. Истовремено, 2024 е годината со највисоки приходи остварени во буџетот споредбено со било кога во минатото. Ги срушивме старите лоши навики на моите претходници, ја запревме праксата на непланирани трошења и создадовме модел на развој кој гарантира стабилност и раст, изјави Ѓорѓиевски. Информираше и дека со оваа историски највисока реализација на капитални проекти во износ од 155.898.143 денари, не се вклучени ниту еден од проектите чија реализација е во тек и ќе бидат завршени во 2025 година: Изградба на Основно училиште „Климент Охридски; Доградба на детска градинка „8-ми Март“; Доградба на Основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“; Реконструкција на коловоз на ул. „Ѓорѓи Димитров“; Изградба на пат кон манастир „Пеленица“; Изградба на потпорни ѕидови и уредување на речното корито „Мала Рада“.
„Цело време говоревме дека работиме домаќински – ги скративме сите непродуктивни расходи, но истовремено ги зголемивме приходите. Денеска можеме со гордост да кажеме дека поставивме здрави темели и изградивме просперитетна и самоодржлива општина“, потенцираше градоначалникот, додавајќи дека делот на приходите, разликата меѓу работењето денес и она во минатото е драстична.
-Реализираните приходи во консолидираниот Буџет за 2024 година се за 38% повисоки во однос на 2020 година, односно за 287.541.464 денари повеќе. Во 2020 година, претходната власт користеше кредит од 54.451.735 денари, кој сега ние го враќаме. Без тие средства, разликата во нашето работење во 2024 година изнесува 341.993.199 денари повисоки приходи.
Кога на ова ќе се додадат сите скратени непродуктивни трошоци, јасно е зошто денеска имаме најмногу капитални проекти, а истовремено и рекорден број на субвенции и помош за жителите“, истакна градоначалникот, додавајќи дека Буџетот за 2025 година ќе овозможи многу повеќе приходи, со тоа и многу повеќе капитални проекти и субвенции, како и целосна реализација на ветената pрограма.
Македонија
„Нептун Македонија“ со 430.000 денари донирани на СОС „Детското село“ – благодарност до клиентите за поддршката

Нептун Македонија трета година по ред е стратешки партнер на СОС Детско село и со различни активности ја поддржува мисијата на СОС Детско село – ниту едно дете да не расте само.
Минатата година компанијата ја спроведе големата хуманитарна акција „Заокружи сметка“ која е активност на поддршка, со што им се овозможува на потрошувачите на лесен и едноставен начин да помогнат на оние кои им е најпотребно – децата без родителска грижа. Секој купувач имаше можност да ја донира разликата помеѓу износот на сметката и првиот поголем износ. Како благодарност и поддршка, на собраните средства од своите клиенти, компанијата се приклучи со донирање на 430.000 денари во месец февруари, во рамки на кампањата „Месец на љубовта“.
„Како компанија која ја цени и ја негува традицијата, зачувувањето на семејните вредности е од големо значење за нас. Имаме повеќе од 400 вработени, и семејниот дух, топлината и тимската енергија се присутни во секој наш проект. Оваа донација е дел од континуираната акција на компанијата, резултат на заедничката поддршка и ангажман на нашите клиенти, кои со своите купувања станаа дел од иницијативата за подобро утре. “ – изјави Александра Тасевска, Координатор за корпоративен маркетинг.
Токму преку Хуманитарната акција „Заокружи сметка“ Нептун сака да помогне во зајакнувањето на капацитетите и потенцијалите на згрижувачите и децата, а воедно да постави позитивен пример и мобилизира и други компании во намерата за поттикнување на позитивни општествени промени.
„Како дел од својата долгорочна стратегија за корпоративна одговорност, НЕПТУН редовно спроведува донации и иницијативи со цел да придонесе за подобро општество. Знаејќи колку е тешко да се живее без родители, вложуваме максимални напори да придонесеме кон подобар животот на децата поддржани од СОС Детско село. И, да бидам искрена, пресреќни сме кога гледаме колку значи поддршката од локалната бизнис заедница. ” – додава Тасевска.
Радуваат и податоците дека од година во година, потрошувачите покажуваат се поголема солидарност и желба да го „заокружат“ износот на својата сметка, донирајќи за подобра иднина на децата поддржани од СОС Детското село, и заеднички со Нептун Македонија испраќаат силна порака дека не се сами во светот.
ПР