Македонија
Ивановска: Поразително за државата е доаѓањето на тим од Вашингтон
Претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска смета дека е поразително за државата доаѓањето на тим од Вашингтон, САД, за справување со високата корупција кај нас. Ја поздравува секоја активност за борба против корупцијата, вклучително и оваа со тимот од Вашингтон, и вели дека ваква реакција од американската амбасада била очекувана ако се земе предвид дека сите забелешки и укажувања на странските фактори што сме ги добиле, меѓу кои и од Американците, не се земени сериозно.
„Очекувано е затоа што повеќе пати амбасадорката кажа дека се зачудила од начинот на избор на обвинителот, за она што се преземало од наша страна. Тој дури не чувствуваше ни морална одговорност, да речеме, да се повлече. Што се случи со сите негови гласачи? Како општество не видовме што се случи, односно ништо не се случи. Како и да е, прочитав во медиумите дека државата побарала помош, не знам дали е тоа вистина. Во наредниот период ќе се расчистат сите овие дилеми зошто и како се дојдени тие. Тоа за нас е поразително затоа што ние не сме си ги завршиле сите домашни задачи дома, затоа доаѓаат“, рече претседателката Ивановска денес на одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
Доаѓањето на американскиот тим Ивановска го гледа како помош и поттик за надминување на реалните проблеми со правосудниот систем кои треба да се решат имајќи предвид дека сме земја која е сериозен кандидат за членство во ЕУ, а Американците нè поддржуваат во тоа.
Антикорупционерот Горан Трпеноски објасни дека доаѓањето на американскиот тим за борба против корупцијата е очекувано оти потрошиле милиони за обука на нашите правосудни органи.
„Колку милиони фрлија и потрошија за обука на обвинителите, на судиите за институциите, десетици милиони. Мислам дека ќе има некаков ефект гледајќи ги реакциите на нашите политичари. Сите што треба да се борат, односно сите кои ги водат секторите во коишто има најголема корупција, има основани сомневања за корупција, тендери, сите тие сега изјавуваат дека се борат против корупцијата. Мислам дека тоа не е реална радост, тоа е пораз за политиката бидејќи да се дојде до тоа ниво да дојде тим од Америка, единствено слична ваква работа имаше во Бугарија, кај што ја контролираа, значи дојдено е вистина до дното. Не ги прифаќаат сите лаги и она што им се сервираа дека еве ние се бориме против корупцијата, им даваат погрешни информации и сега дојдени се да слушнат со свои учи и да видат со свои очи каде се тие пари“, рече Трпеноски.
Пред два дена американската амбасадорка Ангела Агелер соопшти дека тим од Вашингтон допатувал во земјава за да направи поагресивен преглед на минатите и сегашните корумпирани актери и посочи дека на судството му требаат повеќе истраги за да покаже дека никој не е над законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Минатата недела санкционирани 𝟣𝟫𝟦 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 04.11. до 10.11.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 194 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од ПОЦ.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар, соопшти ПОЦ.
Македонија
Пожарникари дежураа кај манастирот над село Смолари, пожарот на Беласица е се уште активен
Регионалниот ЦУК Струмица, известува дека пожарот на планината Беласица помеѓу село Смолари и село Мокрино беше локализиран. Во интервенцијата учествувале ТППЕ Струмица со 7 пожарникари и две противпожарни возила, и 2 од ПШС Беласица Струмица. Но, сношти, во 22.30 часот пожарот се активирал повторно. На лице место извршено е увид од страна на директорот на ЈП ПШС „Беласица“ и од МВР ПС Струмица, по што се побарало ПП возило од ТППЕ Струмица да дежура ноќта поради опасност кон викендица и манастирче.
Пожарот бил на околу 200 метри од објект и според проценка на пожарникарите од ТППЕ Струмица немало опасност кон објекти или кон село. На лице место биле првите луѓе од Полицијата од Струмица и од ЈП ПШС „Беласица“ и 4 полицајци кои ке патролираат. Екипа од ТППЕ Струмица, со 1 пп возило и 3 пожарникари и 1 ПП возила и 1 пожарникар од Ново Село дежураа кај манастирот над село Смолари. Направен бил заштитен појас од околу 500 метри. Пожарот е сопрен на околу 100 метри од манастирот. Инаку, синоќа од безбедносни причини беа евакуирани луѓето од манастирот. На терен дежураа и 4 полицајци од ПС Струмица, извести ЦУК.
РЦУК Струмица извести дека пожарот на Беласица е се уште активен и дека на терен се интервенира.
Македонија
Скопје најзагаден град а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух, велат од СДСМ
„Скопје утрово е повторно меѓу најзагадените градови во Европа а ниту градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ниту владата на Мицкоски не преземаат нешто за загадениот воздух“, соопшти СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ е централна власт и локална власт во Скопје, има градоначалници и мнозинство во советите во Скопје, во Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и никој ништо не презема.
Ветуваа многу, а не реализираат ништо, досега нема ниту една мерка за подобрување на квалитетот на воздухот.
Каде се новите зелени површини кои ги ветуваа? Нема ниту нови дрвја ниту зеленило. Не се чистат депониите, не се чистат улиците, ѓубре на секој чекор, не гледаме ниту еден еколошки проект ниту пак има долгорочни мерки за намалување на загадувањето во Скопје.
ВМРО-ДПМНЕ не смее да го игнорира ова важно прашање за здравјето на граѓаните и мора веднаш да преземе мерки против загадувањето“, се додава во соопштението на СДСМ.