Македонија
Изложба на 17 идејни решенија за уредување на Кале
Изложбата „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале“, беше отворена денеска во Музејот на современа уметност.
На отворањето присуствуваше градоначаникот Петре Шилегов, кој упати благодарност до сите учесници во овој конкурс, без оглед на тоа кој како бил оценет од стручната комисија.
„Ме радува фактот што на овој конкурс имаше толку голем интерес – добивме 17 труда со предлози како да ја зачуваме круната на Скопје, зашто Калето е круна на нашиот град. Ви благодарам што размислувавте како овој дел од градот што во минатото беше напуштен и запуштен може сите заедно да се обидеме да го облагородиме и да го направиме многу, многу поатрактивен“, рече Шилегов.


„Кале, културна тврдина“ е проект што Музејот на современата уметност во соработка со Архитектонскиот факултет почна да го развива од 2016 година за да го сврти вниманието на јавноста кон потенцијалите на овој драгоцен простор во центарот на Скопје и да понуди визија и концепти кои би го претвориле во динамично, атрактивно и гравитациски силно културно средиште.
Меѓународниот конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале, што траеше од 5 април до 15 мај 2019 година е втората фаза од реализацијата на овој проект, во кој се вклучени и финансиски го поддржуваат Градот Скопје, како дел од ROCK проектот финансиран од програмата за истражување и иновација Horizon 2020 на Европската Унија за ревитализација на културното наследство во историските градски центри.
„Убеден сум дека меѓуинституционалната соработка и почитувањето на мислењето на стручната јавност се единствениот исправен начин на кој може да се дојде до квалитетен производ, особено кога размислуваме за уредувањето на јавниот простор“, додаде Шилегов.

Целта на конкурсот беше развој на идеен архитектонско-урбанистички проект, што го опфаќа просторот на ридот од тврдината до Француските гробишта и чијашто основна цел е да ја поттикне обновата и преобразбата на Калето во нов градски предел со различни програмски, просторни и пејзажни квалитети.
Втората важна задача за проектните предлози се однесуваше на Музејот на современата уметност како носечка програмска платформа за организирање на уметнички, скулпторски, архитектонски, мултимедијални, резиденцијални, едукативни семинари и работилници и други видови интердисциплинарни или општествени проекти и јавни настани, и во таа смисла во делот на потесната локација на МСУ да предложат концепти за поставување неколку привремени градби од павилјонски тип наменети за дел од музејските активности.
На конкурсот пристигнаа вкупно 17 трудови од архитекти и архитектонски тимови од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Германија, Турција и Англија. Проектите понудија визии и сценарија со кои преку внесување различни содржини, патеки и парковски решенија, средновековната тврдина и Музејот на современата уметност ќе добијат достојно значење и отворени можности за многу поголем пристап до публиката, а истовремено и ридот Кале ќе го претвори во силна туристичка и рекреативна зона од која се отвораат најубавите глетки на скопската котлина.

Седумчленото жири составено од архитекти и професори на Архитектонскиот факултет, претставник од Музејот на современата уметност и од Управата за заштита на спомениците на културата, додели две рамноправни први награди од 125.000 денари на проектот на Александра Шулевска и Кристоф Шлислер, архитекти од Берлин и на проектот на Ана Рафаиловска, Марија Антиќ Николова, Лидија Ристовска и Невенка Манчева Аџиевска, архитекти од Скопје. Третата награда од 50.000 денари му е доделена на проектот на Александар Врангалоски и Елеонора Поповска, архитекти од Берлин, со соработниците Лазо Лазаров и Маја Бошкович.
На изложбата насловена „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале“ се претставени сите 17 проекти. Изложбата ќе трае до 3 ноември 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

