Македонија
Одбиени барањата на Јанева и Боки 13 за укинување на притворот
Основниот кривичен суд Скопје ги одби барањата за укинување на мерката притвор на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и на Бојан Јовановски – Боки 13, кои се осомничени во случајот „Рекет“.
„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по предлози на обвинетите К.Ј. и Б.Ј., поднесени од нивните бранители, за укинување на мерката притвор определена со решенија на судии на претходна постапка, ценејќи ги фактите и околностите во предлозите донесе решенија со кои: -Предлогот на обвинетата К.Ј. за укинување на мерката притвор определена со решение на судија на претходна постапка, а продолжена со решнија на кривичен совет, поради постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т.1 од ЗКП, со прифаќање на гаранција или определување на мерки на претпазливост – се одбива како неосновано. Предлогот на обвинетиот Б.Ј. за укинување на мерката притвор определена со решение на судија на претходна постапка, а продолжена со решенија на кривичен совет, и замена со поблаги мерки за претпазливост – се одбива како неосновано“, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.
Против овие решенија, странките имаат право да поднесат жалба во рок од три дена до Апелацискиот суд – Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Џафери – Бомгартнер: Франција е значаен партнер на Северна Македонија на пристапниот пат во ЕУ
Претседателот на Владата Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорот на Француската Република во Скопје, Сирил Бомгартнер.
На средбата беа констатирани три децении одлични билатерални односи и пријателството меѓу нашите две земји, карактеризирани со високо развиен, конструктивен и партнерски политички дијалог. Воедно, беше изразен и интересот во следниот период да се стави поголем акцент на економската и трговската соработка.
Џафери го поздрави севкупниот и засилен француски ангажман во регионот на Западен Балкан, олицетворен преку низа иницијативи и конкретни чекори во изминатиот период насочени кон зајакната стратешка, политичка, економска и општествена соработка. Во таа насока, се заблагодари за поддршката на Франција во процесот на проширување на Европската Унија со целиот регион, и Северна Македонија посебно, и ја нагласи посветеноста на Владата која ја предводи, да ја продолжи започнатата динамика на патот кон ЕУ.
Бомгартнер ја поздрави досегашната одлична соработка со Џафери во чиј мандат како Претседател на Собранието беше направен голем исчекор во развојот на билатералната парламентарна соработка. Изрази подготвеност за натамошна сестрана соработка со Владата во насока на натамошно јакнење на односите меѓу двете земји, кои се засновани на долга историја на пријателство.
Бомгартнер ја нагласи силната посветеност на Франција кон европската перспектива на Северна Македонија и истакна дека Франција ќе продолжи активно да манифестира конструктивност и поддршка на тој пат, при што се осврна и на важноста на претстојните парламентарни избори во Северна Македонија, изразувајќи надеж дека идната Влада и Собрание ќе продолжат активно да ја спроведуваат европската агенда.
Премиерот го честиташе 20 март – Денот на Франкофонијата и нагласи дека Северна Македонија останува активно посветена на Меѓународната Организација на Франкофонијата и ќе продолжи со активностите за афирмација на францускиот јазик во државата.
Македонија
Дали дуизацијата на судството ќе заврши на црната листа, прашуваат од коалицијата „Вреди“
Го поздравуваме проширувањето на американската црна листа со поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Токму нејзината лична определба, наместо испорачување правда да се стави на страната на криминалците заради лични интереси, создаде предуслови да нема одговорност за политичка корупција. Оваа ознака, за жал, докажува дека политичката корупција во Северна Македонија длабоко ги внела своите корени во системот, во институциите, а особено во правосудниот систем, истакнуваат од Коалицијата „Вреди“.
„Кога зборуваме за правосудниот систем, силно веруваме дека нашите американски сојузници лоцирале дека политичката одговорност за тоа што Мијалков брише под со правосудниот систем, за неговото ослободување од најтешките обвиненија, како и заштитата на неговиот имот од конфискација, е направена преку актери и политички експоненти на таканаречената „прогресивна“ – односно ДУИ, кои ги заробија судијата, обвинителството како и надлежните државни институции кои беа инволвирани во случајот Мијалков“, потенцираат од оваа коалиција.
Сите граѓани на Северна Македонија, како што додаваат, очекуваат американската администрација да ја истражи конкретната улога на обвинителите, судиите, експертите, истражителите и државните институционални лидери, сите избрани или именувани со политичко влијание на ДУИ, во спречувањето обвиненија, судења, спречување на пресудите како и штитење од конфискации, во сите случаи на нивниот партнер насилник – Сашо Мијалков.
Според нив, промената доаѓа. За ослободувањето на Мијалков, оценуваат дека ќе има политичка одговорност.
„Правдата ќе се врати на почитуваното место во општеството како предуслов за враќање на довербата на граѓаните во државните институции. Уставниот амандман за спречување на застарувањето на кривичните дела сторени со политичка корупција е чекор во таа насока“, велат од Коалицијата „Вреди“.
Македонија
Митрески – Ларсон Џеин: Одличните политички односи и пријателство ќе ги зајакнеме и преку сојузништвото во НАТО
Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин.
Амбасадорката упати голема благодарност за подршката за членството на Шведска во НАТО имајќи предвид дека Собранието на Република Северна Македонија беше меѓу првите парламенти на земјите членки на алијансата, кое уште летото 2022 година со огромно мнозинтво го ратификува протоколот за пристап на Шведска и Финска во алијансата.
Двајцата соговорници се согласија дека во време кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, членството на Шведска ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност.
Од своја страна, Митрески изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, особено од интензивната соработка меѓу пратениците на двата законодавни дома во изминатиот период во рамките на меѓупарламентарната соработка за демократски развој. Тој искажа и уверување дека одличните политички односи и пријателство ќе бидат дополнително зајакнати и преку созујзништвото во НАТО.
Митрески се осврна и на престојните претседателски и парламентарни избори и го сподели своето верување дека и во идниот состав македонското Собрание ќе продолжи со блиската меѓупарламентарна соработка и меѓусебната подршка на меѓународен план, особено во контекст на нашиот евроинтеграциски пат.
Амбасадорката Ларсон Џеин нагласи дека Шведска ќе продолжи да дава активен и континуиран придонес кон демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку многубројни развојни проекти, а особено кон нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија.