Македонија
Изнајмување електричен автомобил ќе чини 22 денара за километар и 5 денари за минута, Божиновска и Меџити направија сефте возење

Од денес во Скопје може да се изнајми електричен автомобил за 22 денари за километар додека вози и 5 денари за минута додека стои. Словенечката компанија „Авант кар“ ја донесе услугата во Скопје и за почеток стави на располагање 100 електрични автомобили за кои обезбеди посебни паркинзи.
Сефте возење денес промотивно направија министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за животна средина, Изет Меџити. Тие пред Владата дојдоа со одделни електрични автомобили, а ги пречека сопственикот на компанијата „Авант кар“, Матеј Чер.
„Се надевам и сигурен сум дека денес направивме мал чекор за одржлива иднина. Ќе бидат зафатени помалку паркинзи, ќе има помалку бучава во Скопје и секако без загадување, а она што е најбитно за сите граѓани е што таа одржлива мобилност ќе донесе корист, односно поевтин превоз и секако подобра средина за идните генерации. Се наплаќа од километар и од минута. Услугата е достапна и за сите фирми, јавни установи и слично“, рече Чер, чии очекувања се проектот да биде прифатен, да се прошири и во други македонски градови и за две-три години од сегашните 100 автомобили во земјата, да бидат донесени 1.000 електрични автомобили за изнајмување.
Министерот Меџити рече дека излегол да го промовира и поддржи проектот оти сите ќе имаат придобивки од него, како што се почист воздух, помала бучава, помалку сообраќај и поспокојна средина во градските јадра.
Министерката Божиновска очекува изнајмувањето електрични автомобили особено да ги привлече младите. Таа очекува да бидат одобрени паркинг-локации за електричните автомобили во близина на универзитетите, а во постапката на одобрување на локациите за паркирање повика да се вклучат повеќе градоначалници.
За изнајмување на електричните автомобили неопходна е апликација на мобилните телефони, која од денес им е достапна за заинтересираните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекинато водоснабдување во дел од Општина Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на шибер од ф – 80 мм на ул. Руѓер Бошковиќ бр. 15, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците лоцирани на потегот од бул. Осми Септември до раскрсница со ул. Никола Тесла. (општина Карпош).
Македонија
Мицкоски ќе се сретне со Орбан во Будимпешта

Премиерот Христијан Мицкоски в петок ќе присуствува на CPAC конференција во Будимпешта, Република Унгарија, соопшти владината прес-служба.
Мицкоски во рамки на посетата ќе се сретне со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
Македонија
Сојузниците од НАТО треба да трошат по 5 отсто од БДП за одбраната, му рекол Рубио на Муцунски

Државниот секретар на САД, Марко Рубио на средбата со шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, нагласил дека е неопходно сојузниците во НАТО да дадат поддршка и да постигнат 5 отсто издвојување за одбраната, соопшти Стејт Департментот во соопштение по средбата.
Двајцата ја потврдиле силната врска меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија и ги истакнале заедничките интереси во однос на регионалната стабилност, економската соработка и НАТО.
Тие разговарале и за можностите за проширување на економската соработка, вклучувајќи ја трговијата и инвестициите.
Муцунски по средбата соопшти дека е потврдено стратешкото партнерство со САД, а нашата држава продолжува да дава активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции повеќе од 2 отсто од БДП во одбранбениот сектор.