Македонија
Интервју со Ѓоко Велковски: Ќе скратиме од „Бехтел и Енка“ и на пензионерите ќе им дадеме линеарно по 5.000 денари до Нова година

Техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, милионската злоупотреба на парите од социјална помош ја открил при рутинска контрола, која првпат Министерството ја направило електронски. Најави дека корисниците кои биле незаконски исплатени ќе може да ги вратат парите на рати. Оптимист е дека за пензионерите, со кратења во буџетот, ќе се обезбедат пари за линеарно покачување од 5.000 денари, зборува за листите за чекање во градинките, кажува зошто не им се извини на вработените во центрите за социјална работа, зборува за градоначалничката Данела Арсовска, за министерките Јована Тренчевска и Мила Царовска…
Обвинивте за милионска проневера на државни пари преку исплата на социјална помош, што Ве наведе да се посомневате дека имало незаконски исплати? Како дојдовте до идејата да проверите?
„Првично стигна во системот од 20 јануари дека имаат склучено договор, дотогаш било меморандум за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика за електронска размена на податоците по матични броеви. Дотогаш податоците се разменувале, условно кажано, пеш. На 20 јануари веќе имаат склучено нов договор двајцата тогашни министри, со кој размената треба да се прави електронски. Нашата спил-единица, каде што е целата електронска база, сега праќа податоци до Министерството за внатрешни работи по електронски пат и добива назад податоци во однос на секој матичен број дали има моторно возило или не. Во една таква ситуација се појавија над 1.200 возила со матични броеви, кои се наши корисници во тој момент, и тоа кај нас го вклучи алармот за проверките што требаше да ги направиме дополнително во системот“.
Значи, Вие не направивте ништо повеќе, туку рутинската работа ја направивте по електронски пат?
„Да, како што е наложено во договорот што е склучен на 20 јануари. Мора да потенцирам, ако ние на 20 јануари имаме склучен договор за размена, тој е важечки веднаш, од истиот ден, но нејасно е зошто се чекало до 5 март како датум да се разменат овие податоци. Тоа можело да се направи веднаш или по ден-два или три. Лесно оди процесот на проверка. Од 20 јануари до 5 март ние немаме сознанија, ниту сме постапиле по договорот да ги размениме податоците“.
Се сомневате ли на политичко подметнување заради техничката Влада бидејќи во периодот кога бил потпишан договорот и можело да се постапи по него, таа беше веќе извесна?
„Да, имам сомнение. Од два аспекта. Овој процес во кој се исплаќале овие корисници со месеци и години претходно, тоа не е само еден месец, најмалку до една година се проверени овие корисници, а ќе покаже исплатата на 5 април колку овие луѓе, за жал, ќе треба да вратат средства во системот. Ова е првиот момент, некој со месеци и години го злоупотребувал системот и не правел проверка, а можел да направи, немал пречка. Секој можел да направи проверка и да направи прекин на одредено право. Проверката ја правеле рачно, ги имале податоците, но никој не постапувал. Нема прекини, а законот е дециден – вели најмалку еднаш годишно се обврзани да направат проверка, а по индиции треба да се прават и повремени контроли. Такви повремени контроли очигледно, еве, не се правеле и не биле преземени мерки“.
Во колкав период нема прекини на социјалната помош?
„Ние имаме податоци за најмалку една година по спил-системот, меѓутоа инспекциите се на терен. Работат активно. Преку тој процес ќе дојдеме до податоци колку временски траело, дали било повеќе од една година или колку е тоа во месеци“.
До каде е истрагата? Кога јавноста ќе ги чуе првите резултати од вонредните надзори во социјалните центри?
„Инспекциите се на терен. Веќе имаат поминато два или три центри. Бавно оди проверката оти се работи за обемна документација, навистина. Одиме буквално во проверка и квалитетно создавање записници, не само да се помине како инспекција“.
Првите резултати ги очекувате пред изборите или по изборите?
„Јас ќе кажам дека како индиција за ова што го објавивме пред десетина дена, на 5 април кога ќе биде исплатата на социјалната помош и другите права од социјалната заштита, тогаш ќе видите за колкава бројка се работи. Можам да кажам дека има илјадници на кои ќе им бидат прекинати правата поради тоа што имаат моторни возила и никој не постапувал со месеци. Веќе на 5 април ќе имаме конкретни бројки, а понатаму ќе утврдуваме каде системот затаил, кои се причините и зошто е настаната ваквата состојба. За тоа дополнително ќе мора да почекаме од инспекциските служби“.

Во петок ќе знеме бројка на корисници на социјални права кои ќе треба да враќаат пари на државата, рече техничкиот министер Велковски
Ќе мора да почекаме денови, недели или месеци?
„Според индициите и она што го имаме како капацитет во самите инспекциски служби, тоа ќе потрае сигурно повеќе од еден и пол месец. Инспекторите си постапуваат како што е законот и според процедурите. Јас лично не сум ги повикал да им дадам упатства. Си постапуваат по законот“.
Колкав рок ќе им дадете на оние што треба да ѝ ги вратат парите на државата имајќи предвид дека се работи за ранливи категории?
„Ние за тоа имаме пракса. Ова не е нешто што се случило само сега. Сега е само голема и алармантна бројката на лицата што ќе треба да враќаат пари. Во пракса си има закон според кој на странките им се дава решение за престанок на правото со задолжување колкава сума треба да вратат назад во системот. Има законски рокови, но има можност и за спогодби. Тоа е законски елемент што се користи. Условно кажано, спогодбата е можност на рати да ја вратат сумата што незаконски ја добиле“.
Дополнителната министерка Ви укажа да го прочитате законот, а директорите на центрите побараа извинување оти сте им го нарушиле интегритетот на вработените со обвинувањето за милионска проневера. Дали го прочитавте законот и зошто не се извинувате?
„За разлика од дополнителната министерка, јас сум учествувал во креирањето, измените и дополнувањата на законот до 2016 година. Таа не учествувала, за жал, во овој закон. Многу подобро го знам законот во целост. Таа, за да го занемари фактот дека имало илјадници вакви исплати во претходните месеци, алудира и ја трга на друга страна целата ситуација. Ако, пак, ги видите имејловите од директорите на центрите за социјална работа, ќе видите дека се оркестрирани бидејќи текстот што го испратија до медиумите беше идентичен кај сите. Откога објавивме, јас продолжив со посетите во центрите според распоредот во Македонија. Се сретнав со вработените, разговаравме и им укажав за она што го кажав на прес-конференцијата дека има одредени одговорни лица, дека одговорно лице е и министер и раководител на сектор и директор, не значи дека одговорно лице е вработениот во центарот за социјални работи. Вработените многу добро знаат на што мислам, а директорите на тие средби еден по еден се извинуваат за она што го имаат напишано бидејќи знаат дека не е вистинито ниту, пак, реално. Тоа не го прават јавно, знаеме од кои причини“.
Значи ли ова дека ќе барате одговорност и од Тренчевска?
„Јас, верувајте, не би се занимавал со неа во овие 60 дена. Може да видите дека никаде не ја споменувам, кажувам министри, одговорни лица во множина. Со име и презиме речиси и да не сум ја споменал и ќе продолжам така бидејќи сум човек што доаѓа од ова Министерство. Секого го ценам како човек, како професионалец. Јас ќе се занимавам со политиките на Министерството, да биде сè во најдобар ред, а оставам таа да ја прави политиката, народски кажано, рекла-кажала“.
Велите министри, значи ли тоа дека и од Мила Царовска ќе барате одговорност?
„Конкретно, за овие постапки има служби. Си има други надлежни органи кои треба да постапуваат кога ќе завршат инспекциските надзори. Тие ќе се занимаваат со нив, ниту сум судија ниту обвинител. Има други што ќе се занимаваат со таа работа. Јас сум тука да спречам исплати што не се законски, да не се трошат средствата на граѓаните неполезно“.
Има ли решение проблемот со лиценците на воспитувачите? Како ќе постапите доколку Собранието не изгласа измени, а речиси е очигледно дека нема да се изгласаат?
„И до мене како и до вас допре информацијата дека Собранието се распушта и после само интервентно ќе функционира. Јас повикав уште пред неколку дена да се изгласа законската измена, која беше поднесена по моја иницијатива од страна на некои од пратениците во Собранието. Се работи буквално за измена на неколку зборови, со што даваме можност, сега веќе над 1.000 баратели, да добијат лиценци за воспитувачи, негуватели и друг стручен кадар, но не се одѕваа на повикот. Само неколку минути им требаа за да изгласаат една ваква промена, да ни отворат можност нам како Министерство и на комисијата за лиценцирање овие луѓе, кои се баратели во 2021, 2022 и во 2023 година, да имаат можност да се лиценцираат. Измената не е изгласана и немам индиции дека ќе биде ставена на дневен ред. Пропадна и последната можност оваа техничка Влада да им помогне на овие над 1.000 луѓе. Нема друго решение“.
Градинките немаат воспитувачи, но вие одите во градовите и ветувате дека ќе ја нема листата на чекање од 5.000 деца во градинките како да имате магично стапче. Зошто ветувате иако нема начин да го реализирате ветеното?
„Набргу по 8 мај, ова ќе биде направено. Не ни дадоа шанса во овие 100 дена да го направиме тоа, ќе го завршевме како постапка и веќе на 10 мај, буквално по изборите, ќе може овие луѓе да им бидат достапни на детските градинки во процесот на вработување. Не ни дозволија, не го прифатија тоа што го предложивме како најдобро решение, ама по 8 мај ,ќе го завршиме ова со брзи чекори. До септември ќе овозможиме градинките да имаат кадар“.

Велковски смета дека со кратење од „Бехтел и Енка“ и сличните на нив ќе се најдат пари за линеарно покачување на пензионерите
Оваа недела пензионерите треба да добијат 5 отсто покачување на пензиите место линеарно за сите од 5.000 денари како што бараа. И ова Вие и Вашата партија ветувате дека ќе го исполните веднаш по изборите, со кој буџет?
„5,3 проценти е нивното покачување. Јас упорно тврдам дека тоа е порамнување на животните трошоци. Дури и тоа е малку ако инфлацијата е 14 проценти затоа што 5,3 е многу помалку од 14 ако ги гледаме бројките. Како ќе постигнеме покачување на пензиите за линеарни 5.000 денари? Буџетот на Република Македонија знаеме во каков дефицит е и тоа ѝ е јасно на целата јавност. Но, Ако сето тоа го потиснеме, ако буквално го стегнеме ременот околу буџетот, верувајте дека 5.000 денари за овие пензионери ќе има. 220.000 наши сограѓани живеат со помалку од 20.000 денари пензија денеска. Значи, има можност и тоа е реалност. Треба првин ваму да ги затегнеме работите, да нема повеќе расипничко крадење на буџетот за да дојдеме до можност да им помогнеме на пензионерите“.
Ќе скратите од ‘Бехтел и Енка“ и сличните и ќе им дадете по 5.000 денари на пензионерите веднаш по изборите?
„Постапката за ребаланс треба да заврши. Знаеме дека на оваа ставка ќе недостигаат средства. До крајот на годината ќе се овозможи ова за пензионерите. Треба да се направи и промена на одредени законски процедури, треба да се интервенира во тие два-три месеца по изборите. По екипирањето на владата, ќе имаме време да ги средиме овие работи и здравје боже до крајот на годината да бидат реалност на пензионерите“.
Јавноста Ве памети како секретар на Град Скопје разрешен од градоначалничката Данела Арсовска оти влијаел на милионски тендер за пречистителната станица. Што Ве охрабри да прифатите функција технички министер и дали ќе останете на функцијата и по изборите доколку Вашата партија победи?
„ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и верувам дека ќе биде подобро за Македонија. Тоа е една кариерна приказна во мојот живот, која заврши на начин таа обратно да го презентира во јавноста, како што нејзе ѝ одговараше како градоначалничка. Јас бев тој што си поднесе писмена оставка и тоа е видливо од документацијата. Заминав од таму, таа ме поврза со некој милионски тендер од ‘Водовод’ за кој денеска гледаме дека таа го склучи, а со кој јас не бев поврзан ниту, пак, беше пријавено во Обвинителството или во некои истражни органи. Тоа ѝ беше само медиумска фарса на градоначалничката за да нè оттргне од неа како политичка партија, претпоставувам. И, видовме, знаете како заврши целата оваа работа.
Охрабрувањето да бидам технички министер е единствено поради доброто познавање на системот за социјална заштита. Во ова Министерството седум години, буквално од најниското скалило, сум стигнал до едно ниво од кое буквално го знам системот од многу сегменти. Мислам дека може да придонесам да има додадена вредност во Министерството како технички министер. Затоа и се нафатив, а граѓаните, по победата на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и партиските органи, ќе одлучат кои ресори и каде треба да бидат некои од нас сместени. Ќе оставиме за тоа да говориме малку подоцна“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети му порача на Мицкоски дека Албанците не се гости во оваа држава

На завршниот мобилизациски собир на ДУИ во Арачиново, лидерот Али Ахмети испрати остри политички пораки до премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за обиди да се загрози соживотот и мултиетничкиот карактер на државата. Во преполна сала со граѓани, Ахмети го искористи говорот за да ја заокружи кампањата на ДУИ и да реагира на најавените промени на закони кои, според него, директно ги засегаат Албанците.
„Ние не ја носиме државата со себе – ние имаме право да ја водиме, тоа ни припаѓа! Албанците се над 30%, живеат континуирано на своите огништа и се нераскинлив дел од државноста“, изјави Ахмети, реагирајќи на стравувањата дека Албанците наводно ја „преземаат државата“.
Ахмети упати и директно прашање до Мицкоски, барајќи објаснување за измените во Законот за употреба на јазиците и за Охридскиот рамковен договор.
„Зошто го менува Законот за употреба на јазиците? Зошто го менува Охридскиот Мировен Договор? Зошто го загрозува мирот, стабилноста и безбедноста на државата?“, праша Ахмети, посочувајќи дека таквите политики водат кон опасна радикализација и поделби.
Особено ја осуди реториката за „чесни Албанци“, оценувајќи ја како враќање на идеологии од минатото.
„Знаете ли кој ја користеше филозофијата за ‘чесните Албанци’? Милошевиќ! А секој што денес ја промовира таа идеја, ја оживува логиката која Албанците ја поразија“, рече Ахмети, потенцирајќи дека Албанците денес се академски и политички оформени, со три универзитети и илјадници стручни кадри.
Според него, државата не може повеќе да се води едноетнички, а оние кои, како што кажа, „му служат на злото“, не можат да бидат партнери на Албанците.
Во завршницата, Ахмети повика на регионално помирување и европска интеграција, со јасно отфрлање на националистичките проекти:
„Ние не бараме Голема Албанија, ниту Голема Србија, ниту Голема Бугарија – туку Голема Европа без граници, како што направија Германија и Франција.“
ДУИ, со овој собир, стави крај на низата мобилизациски средби низ земјата, најавувајќи продолжување на политичката борба за еднаквост, соживот и европска иднина.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пресудата за модуларната болница е срамна и политички мотивирана

ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на судската пресуда за трагедијата во модуларната болница во Тетово, во која во септември 2021 година животите ги загубија 14 лица. Од партијата ја оценија пресудата како срамна и донесена под политички притисок од страна на СДСМ и ДУИ.
Во партиското соопштение се посочува дека казната затвор од една година и шест месеци за поранешните директори на тетовската болница, како и паричната казна од околу 16 илјади евра за Клиничката болница Тетово, не ја одразуваат тежината на трагедијата.
„Оваа пресуда не е во служба на правдата, туку единствено во служба на Венко Филипче и Али Ахмети“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата сметаат дека правосудниот систем е под целосно влијание на владејачките партии, и побараа институциите да поведат постапка за разрешување на сите инволвирани во носењето на одлуката.
„Ги повикуваме надлежните да поведат постапка за разрешување на судиите кои донеле срамна пресуда, како и Управата за јавни приходи да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе оваа одлука“, стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ исто така упатија остри зборови кон поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кого тврдат дека „свесно и по налог на Заев, Анѓушев и Ахмети го презел тендерот за изградба на модуларните болници од локалната самоуправа“.
Партијата истакна дека ќе поддржи секоја форма на револт и незадоволство од оваа пресуда и додаде дека „право, правна држава и одговорност мора да има“.
Македонија
Вреди: Ахмети не може да се спаси ни со нови зделки

Коалицијата Вреди жестоко го нападна ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети, обвинувајќи ги за политички манипулации, корупција и обид за спас преку нови задкулисни зделки. Според Вреди, „времето на Ахмети е завршено, а Албанците веќе не се подготвени да се залажуваат со празни ветувања и темни сценарија“.
Во нивното денешно соопштение, Вреди посочува дека ДУИ се обидува да се одржи на власт по секоја цена, дури и користејќи ги како алатка поединци кои, според нив, го напуштиле патот на промените.
„Ова е уште еден обид на ДУИ да создаде димна завеса и да го одвлече вниманието од сопствениот политички пад. Арбен Таравари денес е дел од таа мизерна шема. Тој не е креатор, туку само алатка на една очајна политика“, велат од Коалицијата Вреди.
Од таму велат дека ДУИ две децении ги држи Албанците како заложници преку „црни листи, уцени и манипулации“, додека политичката моќ на Ахмети била изградена врз страв и закани.
„Албанците веќе препознаваат кој им ја украде надежта и кој патриотизмот го претвори во алиби за корупција. Вреди е тука за да гарантира дека времето на неказнивост ќе заврши. Промената е во тек и нема враќање назад“, велат од коалицијата.
Коалицијата ги повика сите разочарани членови и симпатизери на Алијансата за Албанците да им се придружат во „борбата за достоинство, правда и чесно претставување“.