Македонија
ИЈЗ: Намалување на бројот на заболени, смртноста намалена 33 проценти

Регистрирани сe 1.818 нови позитивни случаи од 30 града во државата, со намалување од 27,4 % во однос на минатата недела (n=2.504). Процентот на позитивност се движи од 7,8 до 13,8 %, просечно 11,6 %.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 7.3.2022 до 13.3.2022 година тестирани се вкупно 15.264 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 12 % во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи е од Скопје (n=983; 54,1 %), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 167,6/100.000, Ресен – 163,4/100.000 и во Скопје – 155,0/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=505, 27,8 %). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 години (n=60; 3,3 %).
Во однос на претходната недела, се регистрира намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 41,7 % во возрасната група од 0 до 9 години.
Во согласност со новиот алгоритам за оздравување, во текот на минатата недела статус оздравени стекнале 2.400 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 267 реинфекции, со намалување од 28,2 % во однос на претходната недела.
Пријавени се 34 смртни случаи во 13 града во текот на изминатата недела, 33,3 % помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив е од Скопје (17). Во однос на возраста, регистрирани се 33 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50 до 59 години.
На 17.2.2021 во РС Македонија почна вакцинацијата против COVID-19. Заклучно со 12.3.2022, вакцинирани се вкупно 871.669 лица барем со една доза вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 851.655 лица, а со трета доза – 147.223 лица.
Детаљниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 7.3. до 13.3.2022, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија, се објавува на веб-страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Лефков објави видео од хаосот во Собрание

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков објави видео на Фејсбук од хаосот во Собранието.
Од опозициската партија велат дека претседателот на Собранието, Талат Џафери ги заклучил внатре.
„ Заклучени пратеници и хаос во Собрание! Диктатурата на ДУИ/СДСМ олицетворена во Талат го покажува грдото лице во Собрание!“.
Македонија
Џафери ги заклучи вратите на салата во Собранието и ги исклучи микрофоните

Собранискиот спикер Талат Џафери побара да се заклучат собраниските врати од салата за да службите пребројуваат пратеници, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираа и посочија дека тоа се прави со цел во салата да не можат да влезат и други пратеници. По заклучувањето на вратите, пратениците прашуваа врз основа на што заклучува собраниски врати, а тој одговори: „Деловникот“. Пратеници
„Немате право да зборувате во прво лице“, рече Силјановска, а тој одговори: „Вас во петто ќе ви зборам, оди седи таму не ви дадов збор“, а пратеничката врати: „Знаете каде ви е вам местото“
Џафери на реакциите да не заклучува врати, посочи: „Јас наредувам. Спушти камера, затворете врата. Пребројте пратеници колку има“, а пратениците се собраа околу неговиот пулт. Џафери одново реагираше: „Тргни се од тука, не сум те повикал. Тргни се од тука. Седете на свои места“.
„Кој ти дава право да заклучиш сала?“ одново го праша Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а Џафери кажа: „Деловникот“.
„Правото на движење е мое право“, му одговори Мицевски, а Џафери возврати: „Јас сум претседател на Собранието“.
„Кој ти дава право да не заклучуваш тука? Не сум ти затвореник јас тебе. Врз основа на што ме држиш?“, реагираше Мицевски, a Џафери возврати со ист одговор: „Деловникот“.
Бидејќи микрофоните во салата беа исклучени, а јавноста не може во живо да ги следи седниците поради тоа што Собранието нема можност за тоа, пратеникот Бојан Стојаноски се обрати до јавноста преку социјалните мрежи:
„Автократот ги исклучи микрофоните. Неколку пати ги заклучуваат вратите, за пратениците од надвор да не можат да влезат во Собранието. Вака не се одлучува демократски. Ова е срамота, насилие. Ова се случува по скандалозното однесување кон собраниските службеници“, кажа Стојаноски.
Жестоката расправија во Собранието продолжи. Додека се правеше список за говорници, Џафери му даде процедурално на координаторот Никола Мицески.
„Заклучивте врата на пратеничка група надвор од секое поведение. Уставот вели дека движењето е неприкосновено. Си толкуваш деловник како сакаш. За што се боревте, за да не заклучат тука, да не киднапираат? Не сме ние Кастриот! Срамота е бе! Па Кастриот можете да го чувате на бели ѕидови, не пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Влегуваш од грешка во грешка, срамота е ова! Заклучувањето на вратата е скандал. Да заклучиш пратеници, 40 пратеници, кој ти дава право, која е таа сила?“, реагираше Мицески.
И Силјановска имаше жестока реакција.
„Пцуевте, пуаквте на избирачко место, што ли ќе доживееме од вас!“, реагира Силјановска.
Македонија
Османи – Дендијас: Грција продолжува да биде силен лобист за Македонија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес беше домаќин на својот хомолог министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендијас, кој допатува во работна посета на Северна Македонија.
За време на тет а тет средбата констатирана е подготвеноста за натамошно унапредување на стратешкото партнерство преку конкретни форми на соработка и ангажмани, што обезбедува поблиско поврзување меѓу двете држави и двата народа. Ваквата соработка претставува модел за целиот регион, за тоа каква треба да биде соработката и како успешно да се разрешуваат отворените прашања меѓу два соседи. Во тој контекст, се разговараше за исполнувањето на обврските од преспанскиот договор, како и влијанието на договорот врз севкупниот развој на односите и соработката меѓу Северна Македонија и Грција. Постигнатите резултати, беше нагласено, го надминуваат националното ниво и позитивно влијаат врз севкупните односи во регионот.
Соговорниците разменија ставови за најновите состојби во регионалната соработка, руската агресија врз Украина, соработката во рамките на НАТО, како и ЕУ портфолиото на Северна Македонија и останатите држави од регионот, меѓу другото и поради фактот што Грција продолжува да биде силен лобист за нашата интеграција.
„ Како НАТО сојузници ние имаме и обврска да се грижиме за регионалната стабилност и во оваа насока особено сум задоволен што имаме координиран пристап во интерес на регионот и на Европа”, нагласи Османи, аргументирајќи дека стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија претставува најдобриот начин да се врати европскиот кредибилитет во регионот, и во оваа насока додаде „особено ме радува фактот што ја имаме целосната поддршка на Грција“.
„ Се разговараше и за економската соработка, енергетското поврзување, кое е клучно за обезбедување на диверзификација во снабдувањето со енергенси, брзото оспособување и отворање на граничниот премини Маркова Нога-Лемос и туризмот.
Посетата на министерот Дендијас е втора посета на грчкиот шеф на дипломатијата во помалку од една година, што говори за неговата посветеност за иднината на нашите билатерални односи и за европската перспектива на нашиот регион. Министрите ќе имаат прилика да продолжат со серијата средби на претстојниот самит на Процесот за соработка на Југоисточна Европа кој ќе се одржи во Солун на почетокот на јуни, како и за време на вториот Преспа форум за дијалог на кој ќе учествува и министерот Дендијас, кон средината на истиот месец во Охрид.