Македонија
(Видео) Кажале дека бараат часовник што го изгубил затвореник додека си играл со кучката Цеца, а барале кокаин и марихуана во топка, кривични за штипски затворски полицајци
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, поднесе кривични пријави против неколкумина затворски полицајци од затворот во Штип оти во февруари дозволиле непознат автомобил да влезе преку една од капиите и преку ѕидот да фрли кокаин и марихуана спакувани во топка, а потоа затворски полицајци заедно со затвореници ја барале топката во тревникот. Настанот се случил на 20 февруари во 21.40 часот, па откога во мракот не ја нашле дрогата, затворските полицајци и затворениците следниот ден се правдале дека барале изгубен часовник. Целиот настан го регистрирале безбедносните камери во затворот, директорот Пандов најави дека снимката ќе ја испрати до медиумите, а на прес-конференција во Владата раскажа што се гледа во видеото оти јавноста ќе го добие со послаб квалитет.
„На 20 февруари пред затворот Штип доаѓа едно возило. Во самиот затвор има две првични капии и третата, која е за самиот влез во затворот, возилото ја поминува првата капија и доаѓа до втората. На таа капија постои дежурана, постои стражарска служба и постои затворски полицаец. Веднаш да напомнам дека тој затворски полицаец не запишува во дневникот кој дошил и кој се појавил и таквото појавување возило и човек што не е вработен во затворот е забранета работа. Ќе ми дозволите да не ги кажам целите имиња и презимиња, во дежураната е затворски полицаец со иницијали М. Т.. Следно се гледа дека од возилото излегува лице што доаѓа до ѕидот на затворот. Веднаш да појаснам, тоа лице преку ѕидот префрла топка. Настанот се случува во 21.40 часот вечерта“, раскажа директорот Пандов.
Понатаму, од снимката Пандов објаснува дека се гледа како во дворот се појавуваат двајца затвореници, Ж. Ж. и Р. К., од кои едниот било јасно видливо дека цело време зборува на телефон и двајцата почнале да бараат нешто во тревникот. Зад нив се појавил и затворски полицаец, кој ги предупредил да се вратат оти не им е дозволено да бидат во тој дел од затворот, но за кратко и тој почнал со нив да бара нешто во дворот. По наредба на командирот на смена Т. И. биле повикани уште четворица затворски полицајци со иницијали З. Г., Т. С., С. Ј. и С. М.. Пандов вели дека на снимката се гледа дека и тие затворски полицајци се вклучиле во потрагата во дворот, со вклучени батериски ламби, а затвореникот Ж. Ж. цело време зборува на телефон и никој од нив не го предупредува. Потрагата не била успешна оти не успеале во дворот да ја најдат топката.
„По наредба на директорот, следното утро повторно се бара она што го барале затвореникот и затворските полицајци во тревникот. Се наоѓа топка во кеса, во која се пронајдени 35 грама бела материја во прав, кокаин и 50-ина грама марихуана. Кога директорот им поставува прашања на затворската полиција и на командирот што баравте и зошто баравте, зошто не реагиравте, објаснувањето и во нивната службена белешка е дека затвореникот Ж. Ж. си играл со кучката, имаат кучка Цеца таму, дека си играл со неа, а имал скап часовник, кој морам да потенцирам дека претходно го нема пријавено, навел дека бил 1.000 евра, го нема пријавено кога е донесен во затворот во Штип иако мора да го пријави. Кажале дека часовникот му го има земено кучката Цеца, дека трчала низ тревникот и дека му го изгубила, па вработените за да му излезат во пресрет, го барат часовникот“, рече директорот Пандов и нагласи дека дрогата истиот ден ја предале во СВР Штип.
По наредба на директорот, осум дена подоцна била формирана дисциплинска комисија од петмина члена. Сите ја виделе видеоснимката, но тројца затворски полицајци гласале дека вмешаните колеги немаат вина. Против бил само еден затворски полицаец и госпоѓата, која е на ресоцијализација.
„За жал, полицајците Б. Д., К. П. и З. А. не пронаоѓаат вина и веруваат во тоа дека затворската полиција го бара часовникот што го изгубил затвореникот Ж. Ж. оти кучката Цеца му го однела некаде настрана“, рече директорот Пандов.
Тој посочи дека платите на затворските полицајци вклучени во инцидентот се од 57.000 денари до 67.000 денари. Управата за извршување санкции направила вонреден инспекциски надзор за овој случај, сите документи ги предала на истражните органи, а денес поднеле и кривични пријави против затворските полицајци.
Директорот Пандов очекува енергични санкции за сите вмешани оти само на тој начин може да се справат со криминалот и корупцијата, кои во затворите, според него, се најголеми оти затвореници и вработените во затворите се вмрежени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( Четврток )поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхолмска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности. (општина Карпош).
Македонија
Евроинтеграцијата е дијалог, а не диктат: Сиљановска-Давкова се обрати на Парискиот мировен форум
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на осмиот Париски мировен форум, се обрати на сесијата посветена на младите и европската перспектива на Балканот.
Таа укажа на суштинската важност на регионалната соработка и повика на разбирање и дијалог потенцирајќи дека евроинтеграцијата не може да биде диктат, туку е дијалог.
„Регионалната соработка за мене е неверојатно важна. Не може да избегаме од регионот, тој ни е судбина, ова важи не само за нас кои се уште чекаме да станеме кандидати или да ги завршат некои држави преговорите со ЕУ, но и за оние коишто веќе се во ЕУ, а припаѓаат на нашиот регион“, изјави таа по завршувањето на сесијата, со којашто модерираше Мишел Дикло од „Институтот Монтејн“.
На сесијата таа говореше и за безбедносната состојба во Европа поради која не смееме да бидеме оставени во геополитички вакуум и го реафирмираше ставот дека проширувањето на Унијата е безбедносно, а не само прашање на проширување.
„Она што е чудно е што во 2019 година беа сменети правилата на играта среде игра, што е невообичаено ни за спортски натпревари, ниту пак во политички преговори, бидејќи беше воведена нова методологија“, вели Сиљановска-Давкова во изјавата.
Според неа од интерес за регионалната стабилност, регионалната демократија, но и за Европската Унија е, да гледа на регионот како на систем на врзани садови и да направи храбар чекор како оној во 2004 година, односно да покаже иновативност во креирањето на конечни решенија за т.н. Западен Балкан, како неразделен дел од Европа.
Македонија
„Вреди“: Ноќ што испиша историја, Филхармонијата го воздигнува името на земјата во Виена
Вчера бевме сведоци на голем културен успех на нашата земја, историскиот концерт на Филхармонија на Македонија во Златната сала на Музикферајн во Виена, една од најпрестижните сцени за класична музика во светот.
Овој концерт, кој се одржа во величествена и емотивна атмосфера, го демонстрираше високото уметничко ниво и професионализам на нашата филхармонија, која со своите брилијантни интерпретации на делата на композиторите Бете Илин, Сони Петровски, Смокварски и Дворжак, го воздигна името на нашата држава и нашата култура во срцето на Европа, велат од „Вреди“.
„Вреди“ изразува посебна благодарност до директорот на Филхармонијата, Мустафа Имери, за визионерското управување, посветеноста и напорната работа што ја претворија Филхармонијата во примерна институција за успех и меѓународна културна соработка.
Посебна благодарност им упатуваме на Министерството за култура и туризам, предводено од министерот Зоран Љутков, државниот секретар Марија Ѓоргова, амбасадорот на Република Северна Македонија во Виена, Освит Росоклија и националниот координатор за интеркултурализам, Абаз Селмани, за нивната поддршка во реализацијата на овој важен национален проект.
Ова е пример за тоа како преку институционална соработка, професионализам и почитување на уметноста, нашата земја може достојно да се претстави пред светот“.
Културата, како што додаваат, е мостот што нè обединува и го зајакнува нашиот идентитет, а овој концерт во Виена беше јасен доказ дека Северна Македонија знае да го зборува јазикот на уметноста достоинствено и со светска класа.
„Вреди“ изразува благодарност до сите уметници, членови на оркестарот, диригентот Јерухам Шаровски, солистите Ана и Игор Дурловски и сите оние што придонесоа за оваа незаборавна вечер што ќе остане како златна страница во историјата на нашата култура.

