Македонија
Камчев: Боки беше навреден зашто сум му ги спакувал од по 50 евра, но ги зеде парите

Осомничениот бизнисмен Орце Камчев во сведочењето пред судот рече дека однапред знаел преку Бојан Јовановски кој ќе дојде на распит, кој ќе биде уапсен.
„Ми беше два дена претходно најавено, знаев дека ќе ме викнат на распит, пред да ме извести Обвинителството”, рече Камчев пред судот.
Тој кога дошол во собата за сведоци во СЈО со неговите адвокати Драган Малиновски и Антонио Апостолски, Катица Јанева лично му рекла: „Катица ми вели, да го завршиш тоа што го договорате со Бојан. Директно ми кажа”.
Камчев рече дека неговата сметководителка Мими му ги спакувала во банкноти од по 50 евра.
„Му ги спакував намерно во Луј Витон, зашто тоа го сакаше, да не биде адидас… Боки беше навреден зашто сум му ги спакувал од по 50 евра, но ги зеде парите”
„Беше повикан во СЈО, спроведен од затворот, во шест навечер во канцеларија. Таа и Лила јадеа мекици со сирење. Тие седеа и рекоа дека гаранцијата нема да важи зашто е под хипотека. Јас реков дека тоа не така…” кажа сведокот Камчев на прашање од адвокатот на Боки 13, Сашко Дуковски, за висината на гаранцијата од 14 милиони евра, која не му била прифатена.
„Гаранцијата беше одбиена за Катица и Лиле да глодаат како хиени”, рече Камчев, а реагираше адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев, Камчев да не ја навредува неговата клиентка и останатите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се превртел камион кај Марвинци, повредени триесетина мигранти, возачот побегнал

Доцна попладнево се случила сообраќајка на патот Удово-Гевгелија, а притоа повредени се мигранти.
Според информациите од брзата помош од Кавадарци, повредени биле триесетина мигранти, од околу 50-тина кои се наоѓале во камионот.
Потврда за веста има и од МВР.
„На 10.08.2022 во 18:10 пријавено е дека товарно возило излетало од патот на клучка од с. Марвинци кон М1, рег. пат Гевгелија – Д. Капија. Утврдено е дека се работи за товарно возило „Сканија“ со приколка со скопски таблици. Возачот се дал во бегство, а на лице место се пронајдени мигранти. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ информираат од МВР и за утре најавија детални информации.
Македонија
КЗБ за сите суспектни случаи на мајмунски сипаници во земјава препорачува изолација и епидемиолошко следење

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ја анализираше актуелната состојбата поврзана со појавата на суспектен случај на мајмунски сипаници во земјата.
Беше констатирано дека сите надлежни институции се активно вклучени во процесот на епидемиолошка анализа, лабораториска потврда и изолација на суспектниот случај, се вели во соопштението од КЗБ.
„Комисијата за заразни болести препорача воведување мерки изолација/карантин и тоа: изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање; изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите; секојдневно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на траење на инкубацискиот период од 21 ден“ велат оттаму.
КЗБ ја реафирмира препораката до Министерството за здравство да се преземат сите неопходни превентивни мерки.
Македонија
Кабинет на Пендаровски: Плочата за АСНОМ во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ за Илинден беше од времен карактер

„Плочата за АСНОМ којашто беше поставена во манастирот ‘Св. Прохор Пчињски’ за Илинден беше од времен карактер со цел да се реализира посетата на претседателот Стево Пендаровски и државната делегација, за првпат по повеќе години“ велат од кабинетот на шефот на државата по објавените информации во медиумите дека плочата веќе ја нема на местото на чествувањето.
„Тогаш беше договорено во најбрз можен рок да се формираат работни групи составени од претставници од двете министерства за надворешни работи, министерствата за култура, како и од други државни институции коишто ќе ги утврдат начинот и формата за прослава на 2 Август, Илинден во ‘Св. Прохор Пчински’ за наредната година. Целта на таквата формализирана соработка е да се воспостави институционална форма за одбележување на празникот Илинден во манастирот ‘Св. Прохор Пчински’“ – се наведува од кабинетот на Пендаровски.
Спомен-плочата за одржувањето на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, беше поставена на празникот Илинден во параклисот на манастирот „Св. Прохор Пчињски“ каде што по долгогодишна пауза чествуваше македонска државнo-црковна делегација предводена од претседателот Стево Пендаровски.
На спомен плочата двојазично, на македонски и на српски јазик, пишува:
„На 2 август 1944 година на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.