Македонија
Катица Јанева е библиотекарка во „Идризово“, и годинава користела велигденски викенд
Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и годинава користела продолжен празничен викенд исто како и минатата година. Новиот директор на затворот „Идризово“, Зоран Јовановски, за „Макфакс“ вели дека Јанева уредно се вратила во затворот и веќе ги извршува редовните затворски обврски.
„Не знам точно кога излезе, но постапи според она што ѝ беше дозволено и се врати во затворот. Од утрово веќе ги извршува тековните затворски обврски. Работи во библиотеката, библиотекарка е. Користи викенди и излези секогаш кога тоа го дозволува правилникот, работиме строго по него. Го добива она што ѝ следува во согласност со издржаниот дел од казната“, вели директорот Јовановски.
Затворската казна на Јанева ѝ истекува на 21.8.2026 година, но директорот Јовановски не ја исклучува можноста за помилување.
„Според она што го имаме како податок во моментот, дополнително проверував, таа треба да остане во затвор до 21.8.2026 година, тогаш ѝ истекува седумгодишната казна затвор. Но, тоа е само во овој момент оти Јанева има можност да биде помилувана, амнестирана. Не можам да зборувам за претходно, но откога јас сум директор, таа е примерен затвореник“, рече директорот Јовановски, кој на предлог на премиерот Димитар Ковачевски беше назначен за директор на 21 март годинава.
Некогашната шефица на специјалното јавно обвинителство првпат искористи излез за празничен викенд за велигденските празници лани. Беше забележана како пазарува во супермаркет, а Управата за санкции, на барање на медиумите, објасни дека Јанева стекнала право да користи викенди токму на Велигден, на 23 април, кога се празнуваше Велјасабота оти издржала една третина од казната.
Јанева беше притворена на 21.8.2019 година, а во јуни 2020 година беше осудена на седум години затвор во случајот „Рекет“ за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Заедно со неа на девет години затвор беше осудени Бојан Јовановски-Боки 13 за примање награда за противзаконско влијание и перење пари и Зоран Милески-Кичеец, кој за истото дело како и Јовановски призна вина и доби три години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.