Македонија
Катја Матева: Илјадници Македонци живеат на бандера во Бугарија
Електрична бандера која се наоѓа во село во близина на Благоевград во Бугарија, била пријавена како адреса за живеалиште на илјада Македонци со бугарско државјанство, а сето тоа е дел од измама организирана ширум Бугарија и осмислена за продажба на сертификати за издавање на државјанства. Ова во интервју за „ЕУ Обзервер“ го тврди Катја Матева, поранешна директорка на одделението задолжено за издавање на државјанства во бугарското Министерство за правда.
Матева вели дека првиот човек во месноста, ја пријавил бандерата како адреса на Македонците кои во готовина плаќале за сертификатите, со цел да станат натурализирани бугарски државјани.
„Илјада луѓе се пријавени на електричната бандера“, наведува Матева.
Таа тврди дека дел од бугарската политичка елита имала корист од ова, и укажува на вицепремиерот, Красмир Каракачанов и член на партијата „ВМРО-Бугарско национално движење“, која е партнер во владата на премиерот Бојко Борисов.
Бриселскиот сајт објаснува дека Матева работела во министерството до 2016 година и тврди дека добила отказ кога одбила да учествува во измамата.
Матева вели дека исплатите за лажните сертификати се вршеле сред бел ден, на тротоарот пред институцијата во центарот на Софија.
Бугарската полиција во октомври ги објави првите апсења за оваа афера, кога директорот на Државната агенција за Бугарите во дијаспората, Петар Харалампиев беше приведен заедно со уште 20 осомничени.
Матева тврди дека и по апсењата измамите не престанале, а лажните сертификати и понатаму се користат за добивање државјанства.
Таа наведува дека исплатата варирала од 500 до 7.000 евра, во зависност од тоа колку е имотно лицето кое се обидува да набави сертификат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Не мора да влеземе во ЕУ за да ја градиме економијата, можеме и претходно
Денес во Кавадарци се одржа четвртата трибината од циклусот Македонија повторно горда за претставување на изборната програма на кандидатката за претседател на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова. На трибината зедоа учество Сања Божиновска, Маја Кадиевска Војновиќ и Зоран Ставрески.
Гордана Сиљановска-Давкова потенцираше:
„Еден амбасадор, мој пријател, често ми вели дека секогаш кога ќе појде во Кавадарци гледа нешто ново што го инспирира. Се сеќавам дека порано економската дипломатија на Македонија беше инспирација за сите соседи. За жал, последниве години не е така. Јас постојано мислам дека ако како мала земја, имате културна и спортска дипломатија, многу е важно да имате и економска дипломатија. Како претседателка, во однос на економските прашања, секогаш ќе се залагам, и кога одам надвор, и кога дочекувам званични лица, прво ќе се консултирам со економски тим. Да не говорам за средбите со стопанските комори. Не мора да влеземе во ЕУ за да ја градиме економијата, можеме и претходно. Еден од моите приоритети како претседателка ќе биде заедно со владата да поднесеме барање за итен влез во единствениот европски пазар. На тој начин, македонската економија, македонските компании, македонските институции ќе ги уживаат сите придобивки на Европскиот економски простор. Се разбира дека како претседателка ќе инсистирам и на економска соработка со дијаспората, ама мислам дека предуслов за тоа е владеењето на правото и правната држава.
Една од најважните функции на претседателот е предлагањето на гувернерот на Народната банка. Во тој дел, истакнувам дека еден одговорен претседател треба првично да се консултира со луѓе од економијата и да го избере најдобриот. Само со вистинските луѓе на вистинските места можеме да одиме напред!“
Македонија
Албанската опозиција организира завршен митинг во исто време, на исто место со Европскиот фронт, ова е провокација, рече Адеми
„Со длабоко жалење, Европскиот фронт и штабот на Европскиот фронт ја изразуваат својата загриженост и разочарување поради ненадејната одлука на албанската опозиција да организираат во ист ден, во исто време, на исто место, завршен митинг, за кој штабот на Европскиот фронт претходно доби потврда и дозвола од Секторот за внатрешни работи да ја одржи завршната средба на 6 мај на плоштадот Илирија“, рече Арбр Адеми.
„Оваа ненадејна одлука на албанската опозиција не дека е во спротивност со принципите на взаемно разбирање и соработка за да има слободни и демократски избори, туку претставува и провокација да се наштети на јавната безбедност и мирот, затоа апелираме до нив да ја преиспитаат својата одлука знаејќи дека Европскиот фронт, кој на 9 април поднесе барање за одржување на оваа завршна средба до Секторот за внатрешни работи, испрати известување до Општина Тетово, до Противпожарната служба и до Брза помош, институции кои треба да се заложат за успехот на еден ваков величествен собир.
Но, тоа што се случи по поднесувањето на нашето барање, дури на 22 април, замислете 10 дена откако СВР Тетово го прифати нашето барање, опозицијата на 22 април се обрати со барање, со кое СВР Тетово како надлежен орган кој дава дозволи за вакви активности, ги известува дека не можат да организираат ваков собир, направиле три обиди да остварат контакт и да избегнат ваква ситуација која би можела да ја ескалира ситуацијата, но претставниците на ВРЕДИ не реагирале, па дури и во писмена форма тие беа поканети да одржат координативен состанок.
Апелираме до албанската опозиција уште еднаш да ја преиспита својата одлука, нека се определат за друг простор или некој друг ден, сите заедно нека придонесат за слободни и демократски избори по европски стандарди кои и ние и тие ќе имаме можност да ги презентираме своите програми пред граѓаните со собир од ваков тип“, изјави Арбр Адеми.
Македонија
Палевски ќе биде екстрадиран во најкраток можен рок, кажа Тошковски
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кажа дека добил информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за Љупчо Палевски Палчо, со тоа што македонските полициски службеници се во комуникација со турските колеги.
„Се очекува во наредниот период да утврдат се што е потребно од аспект на оперативни активности, за во најкраток можен рок предметното лице кое што е под прогон од страна Обвинителството во Македонија да биде изнесено пред лицето на правдата и пред судот“, рече Тошковски.
Министерот кажа дека нема конкретен рок, но дека тоа ќе биде сторено во најкратко време.
„Очекуваме дека ќе биде за брзо“, додаде Тошковски.