Македонија
Клиника за пластична хирургија: Во услови на Ковид-19 извршени над 500 хируршки интервенции
На Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија континуирано се одвива работниот процес и во услови предизвикани од пандемијата со Ковид-19. Во периодот од крај на март до денес се изведени над 500 хируршки интервенции, а амбулантски се прегледани повеќе од 2.000 пациенти, соопшти Министерството за здравство.
„На клиниката во моментот нема листи на чекање за третман на пациентите со малигни болести. На оваа клиника се лекуваат и пациенти со повреди на дланка, мекоткивни и термички повреди, состојби кога е потребен итен хируршки третман и тие се третираат на клиниката како пред пандемијата така и сега за време на Ковид-19“, велат од клиниката.
На Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во континуитет се одвива и научната работа и размената на искуства со европски и светски центри.
„Во медицината е неопходно да се следат трендовите за третман, а тоа се прави преку размена на искуства со колегите од другите европски и светски центри. Нашата работа беше вреднувана со прифаќање четири научни труда за презентирање на досегашните искуства за третман на повреди на дланка на конгресот на Европската федерација на здруженија на дланка (FESSH), што ќе се одржи виртуелно поради актуелната ситуација со Ковид-19, на почеток на септември во Базел. На овој начин, рамо до рамо со колегите од сите европски центри ќе биде и Универзитската клиника за пластична и реконструктивна хирургија. За време на овој конгрес Македонската асоцијација за хирургија на дланка ќе стане полноправен член на FESSH“, посочуваат од клиниката.
Исто така, Универзитската клиника за пластична и реконструктивна хирургија е дел од мултицентричната студија #RSTNCOVID, чија цел е да го евидентира начинот на третман на пациенти со повреди на дланка за време на пандемијата и од неа ќе произлезат препораки и насоки на клиничките патеки во иднина.
„Во исчекување сме и на публикација на научен труд од областа на реконструкција на дланка и периферни нерви. Трудот е направен во соработка со професор д-р Оскар Азман од Медицинскиот универзитет Виена и колегите од нашата клиника. На овој начин се потврдува дека нашата клиника е референтен и етаблиран регионален центар за реконструктивна хирургија на дланка“, истакнуваат од оваа клиника.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

