Македонија
Ковачевски – Бојл: Македонија останува стабилен стратешки партнер и докажан сојузник на САД
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, за време на работната посета на Вашингтон оствари средба со конгресменот Брендан Бојл од Пенсилванија.
На средбата Ковачевски и Бојл заклучија дека Северна Македонија изминатите години донесе повеќе мудри и храбри одлуки, кои овозможија одржување на долготрајната стабилност, европската и евро-атлантската интеграција и преку кои се покажа дека земјата може да функционира како вистинска мултиетничка демократија.
На средбата премиерот го поздрави силниот фокус на САД кон регионот на Западен Балкан, при што Ковачевски изрази уверување дека со заемни напори може да се создаде пријатна средина за инвестирање и креирање работни места во регионот, особено за младите луѓе, а во меѓувреме да се нудат можности за инклузивен, транспарентен економски раст, повисоки нивоа на трговија и директни инвестиции. Премиерот се заблагодари на конгресменот Бојл за неговата поддршка на земјата во носењето на најважните одлуки во изминатиот период и гласната поддршка во Претставничкиот дом за нашата евро-атлантска интеграција.
Конгресменот Бојл ја нагласи целосната поддршка за следните чекори на Северна Македонија во евроинтегративниот процес, како и за заложбите за севкупен развој на регионот. Како долгогодишен пријател на Северна Македонија, Бојл посочи дека навистина се гордее на влијанието што го има македонската заедница во САД.
Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека Северна Македонија останува стабилен, стратешки партнер и докажан сојузник на САД, билатерално и во НАТО, фокусирана на заедничката посветеност кон безбедност, слобода и демократски просперитет, како и на заедничките активности во борбата против тероризам и други закани за светскиот мир и стабилноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.

