Македонија
Ковачевски – Гир: Поздравени се политиките на Македонија, на линија на Европската Унија

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски придружуван од заменик на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, се сретна со Дејвид Гир, амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава.
На состанокот е поздравено лидерството на Владата и брзата реакција за ситуацијата во Украина.
Премиерот Ковачевски ја потврди позицијата на Република Северна Македонија во согласност со позициите на нашите стратешки партнери ЕУ, НАТО и САД, за најостра осуда на руската инвазија на Украина и поддршка и придружување на санкциите кон Руската Федерација.
На средбата е заеднички истакната важноста на европските перспективи на Република Северна Македонија, што ќе значи охрабрување за европерспективите и на сите други држави од Западен Балкан.
Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека на домашен план Владата е фокусирана кон поддршка на животниот стандард на граѓаните и на компаниите и во насока на надминување на предизвиците од енергетската ситуација. Во врска со односите со Бугарија, премиерот Ковачевски истакна дека разговорите на премиерско ниво и меѓу членовите на работните групи се поставени на достоинствено ниво, со цел постигнување логички решенија врз база меѓусебно почитување и разбирање.
На состанокот е разговарано и за значењето на имплементацијата на европските проекти финансирани со европски пари, за што е констатирано дека е потребно одговорно однесување на локално ниво и од надлежните органи и институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пациенти болни од рак оставени без терапија, владата и министерот загрозуваат десетици животи

90 пациенти на кои им е потребна биолошка терапија за колоректален, оваријален и цервикален карцином цел месец не можат да ја примат потребната терапија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пациентите немаат примено терапија затоа што МЗ не распишало тендер за набавка на лековите.
Под ризик се и пациентите со рак на бели дробови, бубрег и дојка, за кои во наредните неколку месеци ќе се исцрпи потребната терапија.
Министерството за здравство да не си игра со животите на луѓето и веднаш да распише оглас за набавка на сите потребни терапии.
Дали власта сфаќа дека нивната неспособност убива луѓе?
Неспособноста и во здравството е една од причините зошто мора да има избори. Народот не смее да пати и страда заради криминогеноста и неспособноста на СДСМ и нивните коалициони партнери“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Герасимовски: Со враќање на полициските редари се зголемува безбедноста во секое маало во Центар

Во соработка со Министерството за внатрешни работи, во секое маало во Општина Центар се враќаат полициските редари-позорникари. Оваа информација пред граѓаните во населбата Пролет ја сподели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој во присуство на двајца полициски службеници и инспектор за превенција на криминалитет при СВР Скопје, рече дека со овие маалски патроли, кои се враќаат најпрво во Општина Центар, ќе се зголеми безбедноста и спокојот на граѓаните.
„Враќањето на позорникарите во маалата беше барање но и реална потреба за граѓаните и мило ми е што со МВР успеавме да го реализираме. Отсега секое маало во Општина Центар ќе биде покриено со 1 до 2-ца позорникари кои ќе патролираат и ќе ги заштитуваат граѓаните. Доколку ги сретнете низ вашето маало запознајте се и побарајте совети како да го заштитите вашиот дом од кражби, кои се сѐ почести во летниот период. Во минатото маалските полицајци беа симбол на безбедноста во едно маало, а родителите беа сигурни да ги пуштаат децата на улица безгрижно да играат. Се надевам дека оваа сигурност повторно ќе ни се врати, затоа што полицајците позорникари ќе бидат нашите пријатели – заштитници “, рече Герасимовски пред граѓаните.
Полициските службеници пред граѓаните споделија основни совети за подигнување на безбедноста на домовите, при што ги поттикнаа доколку приметат нешто сомнително, да го пријават на телефонскиот број 192.
Инаку, маалскиот-полицаец треба да превенира и да обезбеди безгрижна детска игра надвор и безбедно враќање на тинејџерите дома. Тој го заштитува животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречува извршување на казниви дела и загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, укажува потребна помош и заштита на граѓаните и врши набљудување на подрачјето и безбедносната состојба во населбата.
Македонија
Сончево и ветровито со температури до 26 степени

Времето денеска ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Поради разведрувањето утринските температури ќе бидат ниски за овој период од годината. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени. УВ=7
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Ќе се задржи стабилно и утре со пониски утрински температури, а дневните од сабота ќе бидат значително повисоки. Локална појава на нестабилност проследена со пороен дожд и грмежи ќе има во недела.