Македонија
Ковачевски смета дека дојавите за бомби се хибридна војна
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека дојавите за бомби се хибридна војна, односно хибридни напади. Според него, тоа може да се види од опфатот на објекти во кои се дојавуваат бомбите, интензитетот на испраќање, таргетирањето објекти.
Ковачевски вели дека пораките се повторуваат во повеќе држави, односно нивната содржина. Тој додава: „Ако е изолиран случај на адолесценти и хакери, нема во толку многу држави, на толку исти институции, во толку ист интензитет, во толку исти денови, да се случуваат“.
„Ако ги видиме пораките испратени денеска за дојави на бомби во нашата држава и доколку се споредат со пораките во Црна Гора или други држави, се работи за речиси идентични пораки, на кој начин се најавуваат бомбите. Тоа што некоја држава успеала да најде еден случај на некој што дојавувал, тоа не значи дека се најдени сите. И ние кажавме дека е најден еден случај на наш граѓанин за кој се води постапка. Сакам да истакнам уште еднаш. Ова што се случува во Европа е најголемиот воен конфликт по Втората светска војна. Се води војна на помалку од 1.000 километри од нашата држава“, изјави Ковачевски.
„Доколку ја гледате содржината на дојавата на бомбите, многу е јасно дека во Европа постојат две страни. Едната страна, која вели дека не треба државите сами да го определуваат својот демократски пат, како што тоа ѝ е скратено на Украина, дека помалите држави не може сами да одлучуваат за својата иднина, дека може да ги нападне кој било и да бара промени на влади, уредување итн. И другата страна, каде што ние припаѓаме, страна на демократскиот свет, членка на НАТО, страна што е составена од држави членки на ЕУ или ќе станат членки на ЕУ“, додава Ковачевски.
Претходно, Ковачевски изјави дека е невозможно да се фатат лицата што ги испраќаат заканите за бомби во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

