Македонија
Ковачевски ќе разговара за финеси за датумот на изборите, но во законските рокови и во работни групи: помина времето кога премиерот на аеродром кажуваше кога да има избори

Разговори за одредување датум за претседателските и парламентарните избори треба да има, но исклучиво во работните групи во институциите, вели премиерот Димитар Ковачевски. По вчерашниот апел од претседателот на Собранието, Талат Џафери, до Нова година политичките партии да се договорат за датумот на изборите, Ковачевски вели дека може да се разговара за тоа, но во рамките на законските рокови. Тој извести дека работна група, во која членуваат политичките партии за претстојните избори, е веќе формирана во Министерството за правда како што налагаат прописите и, единствено, ВМРО-ДПМНЕ нема делегирано свој претставник.
„Јас ги поттикнувам да делегираат свој претставник бидејќи не може една или две партии да одлучуваат за процес во кој учествуваат триесет и повеќе политички партии. Местото за такво нешто е во работна група. Таму, прво, ќе бидат усогласени финално препораките на ОБСЕ и ОДИХР во законот и исто така може да се разговара за точниот датум на изборите бидејќи изборите се распишуваат во согласност со законот, во согласност со Уставот и во согласност со мандатот на избраните функционери, тука, пред сè, мислам на претседателот на државата и на пратениците. Во рамките на законските рокови може да се разговара за финеси во однос на датумот. Сè друго, одржување средби, кои се надвор од тој формат, каде што сите треба да си го дадат својот збор, но и своето мислење, мислам дека е вонинституционално“, рече премиерот Ковачевски денес од Дојран по почетокот на санацијата и реконструкцијата на колекторскиот систем и изградба на нова пречистителна станица.
Ковачевски остро го критикува неучеството на ВМРО-ДПМНЕ во работната група во Министерството за правда и порача дека поминало времето кога премиер од аеродром кажува кога да бидат изборите. Уверува дека одлуките за претстојните избори ќе се носат институционално и законски.
„Ние такви работи сме гледале во минатото за време на 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога тогашниот претседател на Владата на аеродром кажуваше кога ќе има избори, па потоа се водеа секогаш тешки преговори, кои државата не ја однесоа никаде напред, туку стоеше во место. На крајот, заврши со голема политичка криза, која ја надминавме во 2017 година и денес изградивме демократско општество, во кое сите процеси се водат во институциите, според закони и според она што е пропишано за одржување демократски процеси, каде што врвен процес се изборите“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера, на политичките партии им посочи дека 8 мај не е соодветен датум за претседателските избори оти новиот претседател треба да биде инаугуриран најдоцна до 12 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште тројца кандидати за градончалници

СДСМ ги објави имињата на уште тројца кандидати за градоначалници, со што досега објавени се вкупно 60 кандидатури.
За градоначалник на Пробиштип, партијата го кандидира Драган Анастасов, Драгослав Симоновиќ е кандидат за градоначалник на општина Градско и Борче Гиевски за Зелениково.
„Сите кандидати се чесни, одговорни и посветени луѓе, кои ќе го дадат својот максимум во интерес на граѓаните. Преку изборните програми кои се подготвуваат заедно со граѓаните, со стручни лица и експерти во различни области СДСМ ќе понуди издржани решенија за секоја општинина и ќе претстави нова визија за развој на локалните заедници“, велат од партијата.
Македонија
Јасно и гласно кажав дека не сум се сретнал со Груевски, ВЛЕН манипулира, рече Османи

Бујар Османи, потпретседател на ДУИ и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, ги демантираше тврдењата за наводна средба со Никола Груевски за обезбедување пратеници за поддршка на уставни измени.
„Во недостаток на идеи и очекуван пораз на изборите, манипулациите на ВЛЕН продолжуваат во однос за наводна моја средба со Груевски со цел обезбедување на пратеници за подршка на утавни измени. Јасно и гласно кажав дека таква средба немало. Тоа што се служат постојано со лаги и повторување на сите невистини нема да им помогне во кампањата“, рече Османи.
Додаде и дека дговорот на овие оцрнувања ќе стигне на 19 октомоври.
Македонија
Ахмети: Да сакавме да ја поделиме Македонија, тоа ќе го сторевме во 2001 година

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, од партиски собир во Чаир порача дека тврдењата оти Албанците сакаат да ја поделат Македонија се измислени од одредени политичари. Тој нагласи дека ако тоа било вистина, тоа можело да се случи уште во 2001 година со 15.000 вооружени лица.
Ахмети додаде дека ДУИ е за унитарна држава, рамноправна за сите, и дека е потребна правна држава со истраги за приватизацијата и поранешните функционери.
„Но, ние сме за унитарна држава, рамноправна за сите. А не еден да биде аргат, а другиот ага. Ние не сакаме да живееме во сопствената земја како кираџии“, рече Ахмети.
Лидерот на ДУИ посочи дека иднината на земјата е со стабилност, рамноправност и интеграција во Европа, додека актуелната власт, според него, не направила значаен напредок.
На настанот, Ахмети заедно со кандидатите за градоначалници потпиша „акт за Чаир“ како симбол на националното единство од 2001 година, повикувајќи на борба против дискриминацијата и лошото управување пред октомврискиот референдум.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ по обрќањето на Ахмети истакнаа дека ДУИ не само што не може да ја дели државата, туку може и да завршат во затвор за криминал и затоа што ја разјадуваат Македонија
Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека ДУИ се во очај што се враќаат на 2001 година, додавајќи дека за време на 23 години власт учествувале во компромитирање на институциите и злоупотреба на етнички теми за лична корист.