Македонија
Ковачки до Пендаровски: Срамота е што не ве информирале за секс-скандалот во АРМ
Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, со отворено писмо до претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој, како што вели, рекол дека не знаел за скандалот со изнуда на сексуални услуги во АРМ.
„Претседателе Пендаровски, зошто бегате од одговорност? Барате од мене да доставам информации до надлежни институции, а Вие како врховен командант на АРМ сте надлежна институција. Според тоа, барате од мене да Ви доставам информации за изнудите на сексуални услуги. Во ред, се согласувам, кажете кога имате термин, од овој момент, па во следните денови, во кое било време од денот и ноќта, кога Вие ќе одлучите, јас Ви стојам на располагање да дојдам кај институцијата Претседател.
Но, сепак, најпрвин би Ве упатил институционално, односно за тоа да се информирате од министерката за одбрана, која од собраниската говорница потврди дека знаела за изнудите на сексуални услуги од високите офицери, но дека не презела ништо против нив, со што јас ценам дека создала услови дејствата да бидат повторувани во недоглед.
Не сте преземале ниту Вие, со што и Вие создавате услови овие дејства да продолжат да се повторуваат“, пишува Ковачки.
Знаете, додава Ковачки во писмото до Пендаровски, дека „офицерите во ранг генерал и полковник се во Ваша директна надлежност и за тоа по службена должност требало да Ве информира Министерката за одбрана“.
„Не навлегувајќи во овој момент во други подробности, не сакам да се сомневам дека таквата информација ја скрила од Вас.
Лично сметам дека таа Ве информирала, но дека заеднички сте се договориле да го забошотите случајот и да не преземете најстроги дисциплински мерки.
Доколку, пак, министерката не Ве информирала, тогаш тоа е сигнал дека има нефункционалност на комуникацијата помеѓу врховен командант и министер за одбрана, а особено поврзана со случки што може да влијаат и на борбената готовност на АРМ.
И во двата случаја – и да сте знаеле (а сметам дека сте знаеле) и да не сте знаеле (како што сакате да изгледа) е еднакво поразително за Вас. Мора да се расчисти кој учествувал во забошотување на случајот и зошто“, пишува Ковачки.
Тој потенцира дека мора да има одговорност за сите инволвирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има се до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење на мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.