Македонија
Кога ќе ни почине пациент, тогаш надлежните ќе ја видат итноста на потребата од брз лек, велат болните од цистична фиброза
Претседателот на Асоцијацијата за лица болни од цистична фиброза, Фики Гаспар, за „Макфакс“ вели дека здравствената состојба на болните е доволно лоша и дека не треба да се дозволи чекање и одолжување за набавка на лекот „трикафта“. Гаспар и јавно испрати порака: „Не смееме да дозволиме да ни почине пациент“ по што додава дека тројца пациенти се во критична состојба и секој ден многу им значи.
„Една пациентка имаше три интервенции од страна на брзата помош во текот на претходната недела, ги правиме сите притисоци сè со цел да не го изгубиме тој човечки живот, но доколку чекаме смена на одредени закони, кои министерот Сали ги најави, тоа не е воопшто соодветно и немаме време да дозволиме да се влечкаат одредени процеси“, вели претставникот на лицата болни од цистична фиброза во изјава за „Макфакс“.
На прашањето дали ќе има следен протест, претставникот на Асоцијацијата вели дека за сега нема таква најава, но доколку почине некој од пациентите што се во критична состојба, ќе има голем револт од родителите и од другите пациенти.
Гаспар како претставник на пациентите со цистична фиброза за „Макфакс“ посочува дека постојано прават притисок, но немаат информација кога лекот ќе биде набавен од Министерството. Дециден е дека време за чекање немаат и дека за секој пациент тоа е луксуз.
„Доста сме задоволни од тоа како помина протестот, имаше многу луѓе и повеќе од очекуваното и покрај временските улови и со оглед на другите настани што се случуваа на тој ден во државата, но сè уште немаме никаков официјален одговор од страна на институциите. Во петокот бевме на состанок со министерот, ни дадоа некои чекори што тие сметаат дека треба да се завршат како промена на одредени закони, промена на одредени правилници, како и да воспостават контакт со компанијата што би го набавила тој лек. Вчера, заклучно на состанокот што го имавме со управниот и надзорниот одбор, беше најавено дека до петок ќе чекаме официјален одговор во однос на нашиот протест“, дополнува тој за „Макфакс“.
Првиот човек на Асоцијацијата смета дека е постигнат напредок во преговорите со надлежните каков што немало во последните три години. Воедно, тој посочува: „Ќе има и нареден протест доколку министерот не се држи до дадениот збор дека работите ќе се движат динамично и до крајот на годината ќе има лекови за 30 пациенти, а за преостанатите ќе ги достават в година“.
Министерството за здравство имаше состанок со Министерството за финансии со цел да се најде начин да се набави скапиот лек директно од производителот. Посочија дека веќе во тек се преговори. Но, за набавката да се реализира – мора да се променат три закони. Тоа значи дека Владата треба да ги изготви измените, па да ги достави до Собранието, каде што пратениците преку гласање ќе треба да се изјаснат.
Во саботата се одржа и протест со скандирање „Сакаме лек, не комодитет“ и „’Трикафта’ за сите“. Пациентите и нивните семејства пред Владата одржаа протест и побараа власта да побрза со одлуките и да обезбеди лек за сите болни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Директорот на Царина од Брисел: Македонија чекор поблиску до ЕУ, потпишан Mеморандум за електронска размена на податоци со Бугарија
На највисоко ниво и во присуство на еврокомесарот за проширување Марта Кос, денеска во седиштето на Европската комисија во Брисел, директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорот на Националната царинска агенција на Република Бугарија, Георги Димов, потпишаа Меморандум за разбирање со кој се овозможува електронска размена на податоци. Целта е забрзување на легалната трговија и спречување на обиди за царинска измама, со што директно ќе се придонесе за зајакнување на конкурентноста на македонската економија на пазарот во ЕУ.
Николовски вели дека со овој чекор Царинската управа јасно ги покажува силните заложби на институцијата за забрзување на интеграцијата на нашата држава во ЕУ.
„На овој начин го трасираме патот напред, при што нашата интенција е забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ и подобрување на конкурентноста на македонската економија. Од ЕУ имаме силна поддршка, за што доказ е и денешниот настан“, истакна Николовски од Брисел.
На потпишувањето беа присутни директорите на Царинските управи од земјите од Западен Балкан и ЕУ, како и директорите на ЦЕФТА и Транспортна заедница.
Македонија
Бомбата на Кузеска е петарда која и пукна во рака, следен пат нека излезе на прес со проверени информации, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Според ВМРО-ДПМНЕ, тоа што Кузеска го нарекува бомба е петарда која и пукна во рака.
Не е јасно, велат од партијата на власт, како по којзнае кој пат некој од СДС ја пушта низ вода, да излетува со недоволно проверени информации.
„Да го тргнеме настрана фактот дека јавните набавки се јавни и транспаренти и другиот факт дека Кузеска не го разбира ИТ светот, туку Кузеска обвинува за сомнителни тендери со фирма на која власта на СДС и ДУИ им делеле тендери и грантови од Фондот за иновации.
Така фирмата СИГМОИД која не постои две години, туку многу повеќе само го сменила името од ДОО во ДООЕЛ во 2019 година добила грант од ФИТР од над 1,4 милиони денари.
Потоа повторно добила грант од ФИТР и во 2020 година од над 25 илјади денари.
Згора на тоа, фирмата добивала и тендери на кои се склучувале анекси со АЕК во 2021 година кога на власт беа СДС и ДУИ од скоро 700 илјади денари на кој потоа склучувале анекси.
Потоа тендер од Агенција за пошти предводено од СДС и ДУИ во 2020 од над 120 илјади денари, од ТИРЗ во 2021 од 720 илјади денари, повторно Агенција за пошти во 2021, од Државен завод за ревизија во 2022 над 600 илјади денари, од Агенција за супервизија на осигурување во 2022, и така натаму се до пред паѓање од власт во 2024 кога со АЕК склучиле два тендери од над 2,3 милиони денари. Еден куп тендери во времето на СДС“.
Воедно, истакнуваат од партијата на Мицкоски, очекувале дека Кузеска ќе го пофали новото раководство составено од Заев, но очигледно според нив, нема што да се пофали.
„Нека не се секира Кузеска, одговорност има и ќе има, ама за сите криминали на Венко и Заев“.
Македонија
Ѓорѓиевски – Тигањ: разгледани иницијативи за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска беше домаќин на хрватската амбасадорка во Република Македонија, Нивес Тигањ. Средбата се одржа во пријателска, отворена и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани можностите за унапредување на меѓународната соработка и заедничките иницијативи насочени кон развој на локалната заедница и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Разговорите ја потврдија заемната подготвеност за продлабочување на билатералните односи и за градење одржливи партнерства на локално и меѓународно ниво.
„Разменивме ставови за посветеноста на Град Скопје кон проактивен пристап во креирањето и спроведувањето иницијативи кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Посебно беа истакнати силните партнерства со пријателските земји, при што соработката со Република Хрватска се издвојува како значаен пример за успешна размена на знаење, искуства и добри практики.
Ја потврдивме заедничката определба за понатамошно продлабочување на билатералните односи, со уверување дека ваквите средби создаваат нови можности за граѓаните и претставуваат цврста основа за долгорочно и одржливо партнерство, како на локално, така и на меѓународно ниво“.

