Македонија
Коцевски и Абази на регионална конференција за соработка во санкционирањето на воените злосторства
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази учествуваат на Регионалната конференција на јавни обвинители за соработка во обработката на предмети за воени злосторства што се одржува во Бриони, Република Хрватска.
Форумот, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со поддршка од ЕУ и Владата на Обединетото Кралство, го отворија хрватскиот Генерален државен обвинител Иван Турудиќ, министерот за правда, администрација и дигитална трансформација на Хрватска Дамир Хабијан, како и Главниот обвинител на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали Серж Брамерц.
Дискусијата се фокусираше на механизмите за јакнење на регионалната соработка, заемното уважување на доказите и поддршка на жртвите и сведоците.
Во Република Северна Македонија нема активни постапки за воени злосторства, но македонското обвинителство е посветено на јакнење на каналите за меѓународна соработка кои треба да гарантираат дека ниту едно злосторство каде било во светот нема да остане неказнето, истакна јавниот обвинител Коцевски пред учесниците на форумот.
“Воените злосторства се најтешките форми на нарушување на човековите права и на хуманитарното право. Тие се санкционирани и во македонскиот Кривичен законик. Ефикасниот кривичен прогон на воените злосторства е прв чекор кон помирување и траен мир”, рече Коцевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прекинат прагот на алармирање во Кичево, престануваат да важат мерките и препораките
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на ден 24.12.2025, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3 и епизодата со надминување на прагот на алармирање за РМ10 честички е прекината во Кичево
Со тоа мерките и препораките за надминат праг на алармирање се прекинуваат.
Македонија
Денес завршуваат воведните зборови на одбраната и почнува сослушувањето сведоци за пожарот во „Пулс“
Со воведни зборови на бранителите на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, на компанијата „ММММ Кафе“ и на Александар Нацев како неформален сопственик на „Рубикон“ денес во дигиталната судница во Идризово продолжува судењето за пожарот во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Александар Нацев е 35. физичко лице обвинето за пожарот во Кочани, досега беа дадени воведни зборови за 34 обвинети физички лица и за едно правно лице од вкупно три правни лица обвинети за пожарот во „Пулс“. Сите кажаа дека не чувствуваат вина за пожарот.
По воведните зборови на одбраната судот ќе почне со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност, односно оти од 2012 година до пожарот со постапување, но и со непостапување придонеле за катастрофалниот пожар. Меѓу обвинетите се поранешни министри за економија и вработени во Министерството, градоначалници на Кочани, градежни инспектори од Општината, инспектори од Државниот пазарен инспекторат, проектанти, менаџери на локалот, обезбедувачи, а првообвинет е сопственикот на „Пулс“.
Македонија
Филипче со честитка за Католички Божиќ: Да создадеме трајни вредности за идните генерации
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче по повод големиот празник, Христовото раѓање – Божиќ, во свое и во име на партијата упати честитка до сите христијански верници кои овој празник го празнуваат по Грегоријанскиот календар, како и до скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Република Северна Македонија, Киро Стојанов.
„На сите припадници на Католичката црква и на сите христијани кои денеска го слават Христовото раѓање, им упатувам искрени честитки по повод големиот празник Божиќ.
Божиќ е празник на надежта, љубовта и заедништвото. Овој голем празник нè потсетува дека само со солидарност, меѓусебна почит и грижа едни за други можеме да изградиме поправедно и похумано општество, во кое секој граѓанин ќе има еднакви можности и сигурна иднина.
Во духот на Божиќните пораки, да се свртиме кон вистинските вредности кои нè обединуваат и ни даваат сила да ги надминеме сите предизвици. Да правиме добри дела кои ќе бидат патоказ за подобра иднина на следните генерации.Во овие божиќни денови посакувам добро здравје, мир и радост во секој дом. Нека Божиќ донесе нова надеж, нови почетоци и успеси за сите нас.Христос се роди, Честит Божиќ“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во честитката.

