Македонија
Кој е постар – јајцето или кокошката, му одговори Османи на холандскиот амбасадор по критиките за владеењето на правото

Ние не можеме да постигнеме евроспки стандард во владеењето на правото, без почеток на преговорите. Со холандскиот амбасадор имаме две концептуални разлики. Вака министерот за надворешни работи Бујар Османи одговори на критиките што пред неколку дена ги упати холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп, кој на средбата со Ахмети оцени дека две години државата бележи постојан пад на владеењето на правото.
„ДУИ е еден од тие што најмногу зборува за борбата против корупцијата. Холандскиот амбасадор смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со ЕУ. Јас мислам дека ние не можеме да постигнеме евроспки стандард, балкански можеме да постигнеме и сами, но европски не можеме без процес на преговори и тие два процеса меѓусебно се поврзани. Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможност за постигнување европски стандард. Тука прашањето е кој е постар – јајцето или кокошката, дали причината што сме блокирани или тоа што не постигнуваме европски стандард“, вели Османи.
Османи го коментира и ставот дали има политичко влијание во судството.
„Од наша страна, сметаме дека има повеќе влијание на олигархија, во критични точки во системите во државата, кои се многу поопасни“, посочи тој.
Амбасадорот на Кралството Холандија во земјата, Дирк Јан Коп, на средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, зборуваше за владеењето на правото, но и за случувањата поврзани со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која е на чекор до разрешување по постапката од Судскиот совет.
„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена во целиот политички спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, пишува холандската амбасада за средбата на Јан Коп со Ахмети.
На ова возврати ДУИ.
„Законот за ветинг за судиите, обвинителите и политичарите е подолго време во Собранието, но ЕУ првично имаше резерви во овој процес повикувајќи се на примерот со Република Албанија. Што се однесува до Врховниот суд, Ахмети истакна дека во надлежност на Судскиот совет е да постапува според законите. Според извештаите, до денес имало повеќе дисциплински постапки и во нивна надлежност е да постапуваат во согласност со законот и без каков било внатрешен или надворешен притисок“, се вели во соопштението од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.