Македонија
Кузеска: Измама која ги штити трговците е намалувањето на маржите

По само неколку недели од воведувањето, анализите покажуваат дека владината мерка за намалување на цените на основните производи е целосно неефективна. Голем дел од цените не се намалени, некои се намалени минимално, а за некои производи цените дури и се зголемени, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.
„Оваа мерка се покажа како голема измама на Владата, која очигледно ги штити трговците, а не граѓаните. Според реалните теренски анализи, освен ПР кампањата на Владата со налепници „загарантирана цена“ во маркетите, ништо друго не се променило. Еве ги бројките. Во октомври, синдикалната кошничка е намалена за само 57 денари во споредба со претходниот месец. Тоа е заштедата за граѓаните за еден месец од мерките на Мицкоски. Денес, на едно четиричлено семејство му се потребни 61.249 денари за основните потреби во месецот, додека просечната плата падна за 1.000 денари откако Мицкоски стана премиер. Овие индикатори покажуваат дека животниот стандард на граѓаните драстично опаѓа и дека имаат сè помалку пари во џебовите. Економистите со право ја критикуваат Владата за неуспешната економска политика. Никој не препознава план или знаење кај оваа Влада да го подобри стандардот на граѓаните ниту да ја зајакне економијата. Додека граѓаните живеат сè полошо, Владата одбива да ја зголеми минималната плата на 450 евра. Со потсмев им вели на граѓаните ‘да почекаат, ќе бидат задоволни’. Чекаат работниците за повисоки плати, а граѓаните за ефективни мерки за намалување на цените.“, вели Кузеска.
Таа додава дека сите чекаат Владата да се смилува и да преземе нешто што ќе значи директна поддршка за семејствата и родителите кои се борат да ги покријат основните потреби.
„Наместо да манипулира со лажни кампањи, Мицкоски треба да се охрабри и да ги продолжи добрите политики на СДСМ. Јасно е дека нема економски концепт и дека со неговите политики сите осиромашуваат. Време е да признае дека вака веќе не може и да го прифати предлогот за зголемување на минималната плата. Ова е решение кое ќе донесе бенефит за сите работници, ќе ја зголеми минималната плата, а со тоа и просечната плата. Секое семејство ќе има повеќе пари“, изјави Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.