Македонија
Куќен притвор за организаторите на 27 април, судот смета дека може да избегаат
Судијата Илија Трпков смета дека околностите укажуваат оти обвинетите Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски можат да се дадат во бегство. Судечкиот совет одреди куќен притвор, наместо ефективен за Вељаноски, Ристовски и Атанасовски. За Јанакиески беше кажано дека мерката куќен притвор е доволна за обезбедување присуство.
„Судот донесе решение предлогот на Обвинителството за укинувањето на мерката куќен притвор за Миле Јанакиески и определување притвор да се одбие. Според советот, ваквата мерка е доволна за обезбедување на обвинетиот до правосилност на постапката или поинаква одлука на судот. Судот донесе решение по однос на предлогот за мерка притвор за останатите обвинети, тој делумно да се уважи. Спрема обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски се определува мерка куќен притвор до правосилност на пресудата. Забрана имаат за напуштање на местото каде што ќе се издржува мерката куќен притвор. Има забрана за употреба на уреди за комуникација со лица. Ако не ги почитуваат мерките, ќе се определи притвор“, рече Илија Трпков.
Претходно, обвинителката Гордана Смаќоска побара притвор. Таа смета дека тие имаат контакти бидејќи некогаш биле високи функционери, а со тоа можат да се дадат во бегство. Притворот е побаран бидејќи се осудени како организатори на 27 април.
„Предлагам на Спиро Ристовски, Трајко Вељановски и Владимир Атанасовски да им се определи притвор до правосилност на пресудата. Денеска тие се огласени за виновни за многу тешко кривично дело. Тие имаат многу познанства во странство, кои ако се бранат од слобода тие ќе се дадат во бегство, односно кријат за да ја избегнат кривичната одговорност и издржување на ефективната казна затвор. Со оглед дека Миле Јанакиески е во куќен притвор по друг предмет, предлагам судот да ја укине таа мерка и да определи притвор по истите основи како останатите обвинети“, рече обвинителката Смаќоска.
На ова се спротивставија адвокатите на обвинетите кои добија затворски казни за случајот „Организатори на 27 април“. Адвокатот Еленко Миланов кажа дека сите обвинети до сега го почитувале судот, доаѓале на судења, а за обвинетиот Миле Јанакиески кажа дека веќе е во куќен притвор и нема ниту едно негово прекршување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

