Македонија
Осудените организатори на 27 април да бидат веднаш однесени во затвор, побара обвинителката
Обвинителката Гордана Смаќоска побара притвор за поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистерот за образование Спиро Ристовски, ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески и ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски. Таа смета дека тие имаат контакти бидејќи некогаш биле високи функционери, а со тоа можат да се дадат во бегство. Притворот е побаран бидејќи се осудени како организатори на 27 април.
„Предлагам на Спиро Ристовски, Трајко Вељановски и Владимир Атанасовски да им се определи притвор до правосилност на пресудата. Денеска тие се прогласени за виновни за многу тешко кривично дело. Тие имаат многу познанства во странство и ако се бранат од слобода тие ќе се дадат во бегство, односно кријат за да ја избегнат кривичната одговорност и издржување на ефективната казна затвор. Со оглед дека Миле Јанакиески е во куќен притвор по друг предмет, предлагам судот да ја укине таа мерка и да определи притвор по истите основи како останатите обвинети“, рече обвинителката Смаќоска.
На ова се спротивставија адвокатите на обвинетите кои добија затворски казни за случајот „Организатори на 27 април“. Адвокатот Еленко Миланов кажа дека сите обвинети до сега го почитувале судот, доаѓале на судења, а за обвинетиот Миле Јанакиески кажа дека веќе е во куќен притвор и нема ниту едно негово прекршување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Падна дрво во населбата „Автокоманда“ во Скопје
Преку Единствен повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за паднато дрво на булеварот „Александар Македонски“ близу паркингот на влезот на фабриката „Железара и Железарија Јоле“ во населбата „Автокоманда“.
Од ЦУК, веднаш по добиената информација од страна на Сектор за операции и координација, покрај МВР, беа известени ЈП „Паркови и зеленило“ на Град Скопје, коишто испратија екипи и истите интервенираа во расчистување на паданатото дрво.
Македонија
Променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд
Променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Во јужните делови наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално проследени со грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Во сабота ќе има преодно стабилизирање на времето, а потоа во следните денови во попладневните часови ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и грмежи. Дневната температура ќе биде во пораст.