Македонија
Лабудовиќ: Во секое училиште и градинка ќе обезбедиме здрав, топол и квалитетен оброк за секое дете

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, најави една од, како што рече, најважните мерки во својата програма – воведување на здрав, топол и нутритивно избалансиран оброк за секое дете во сите градинки и училишта во Центар.
„Имаме јасна цел – секој оброк што ќе го добијат децата да биде свеж, квалитетен и приготвен со љубов и внимание. Менито ќе го подготвуваат професионални нутриционисти, кои ќе внимаваат да има баланс меѓу хранливите вредности и вкусот што децата го сакаат,“ изјави Лабудовиќ.
Целта на оваа мерка е здравата исхрана да биде темел на растот и развојот на децата. „Здравата храна не е луксуз, туку право на секое дете. Затоа оваа мерка не е само оброк – тоа е инвестиција во здравјето и иднината на најмладите,“ потенцираше Лабудовиќ.
Оброците ќе бидат подготвени од домашни и внимателно избрани намирници, со проверен квалитет. „Оброкот ќе биде навистина топол – подготвен со грижа, внимание и љубов. Сакам родителите да бидат спокојни дека нивните деца секој ден во училиштето и градинката го добиваат најдоброто,“ додаде тој.
Освен здравствената компонента, мерката има и економска и општествена димензија. Со неа ќе се поддржат локалните производители и ќе се подигне свеста за важноста на правилната исхрана уште од најмала возраст.
„Центар мора да биде пример – општина што се грижи и што покажува дека секое дете е подеднакво важно. Здравото дете е среќно дете, а среќното дете е иднината на Центар. Верувам дека токму со вакви мерки ја градиме основата за подобро утре – за општина во која нејзините најмлади жители ќе растат здрави и радосни,“ порача на крајот Мирослав Лабудовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива непречено, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1,83 милиони граѓани

Во 7 часот денеска започна гласањето на осмите Локални избори од осамостојувањето на државата.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112 илјади запишани во посебниот Избирачки список со лица во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 гласачи од домовите за стари лица.
Локалните избори се одржуваат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје.
Се гласа на 3.474 избирачки места.
На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.