Македонија
Лашкоска: СДСМ повторно ги заборави работниците од „Еурокомпозит“
За СДСМ човечките животи и судбини воопшто не се важни. СДСМ на чело со премиерот во заминување Зоран Заев повторно по којзнае којпат ги излажаа и ги заборавија вработените во прилепскиот „Еурокомпозит“, изјави Ане Лашкоска, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ..
„ Пари за исплата на неисплатените плати и придонеси на овие работници, повторно и во буџетот за 2021 година, СДСМ одлучи да нема. Уште едно лажно ветување и поигрување со судбината на вработените во прилепски ‘Еурокомпозит’.
СДСМ уште еднаш ги остави овие луѓе на цедило. Ги остави без плати, но замислете, во услови на пандемија и тешка секојдневна борба со Ковид-19 ги остави и без здравствено осигурување. Срамно, безобразно и лицемерно однесување на СДСМ.
СДСМ има пари за набавка на нови возила и нов мебел за министерствата, има и за бадеми и ф’стаци и други луксузирања, но нема за исплата на плати и здравствено осигурување за вработените во ‘Еурокомпозит’. Очигледно за СДСМ и Зоран Заев, дадените ветувања, дадениот збор или законите, немаат апсолутно никаква важност и тежина.
Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ преку амандман на буџетот за 2021 година предложи веднаш и без никакви изговори, да се обезбедат средства во висина од 172 милиони и 480 илјади денари со цел конечно да се реши овој горлив проблем на вработените во прилепскиот „Еурокомпозит“.
За мене како пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој доаѓа од Прилеп, но и за целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, решавањето на овој проблем, со оглед на важноста и тежината, секогаш бил и е приоритет. Како во изминативе 3 години, така и сега, ние ќе продолжиме да се бориме со сите средства кои ни се на располагање сè додека СДСМ и нивниот шеф Зоран Заев конечно не се сетат и не одлучат да го решат овој повеќегодишен проблем со исплатата на платите и придонесите за овие луѓе.
Затоа уште еднаш ги повикувам СДСМ и колегите пратеници од владеЈачкото мнозинство да си ја признаат сопствената грешка, да го поддржат овој амандман на ВМРО-ДПМНЕ и како знаат и умеат да обезбедат средства за овие луѓе. Само така ќе покажат дека имаат искрени намери и работат за решавање на проблемите на граѓаните. Во спротивно, доколку не го сторат тоа, уште еднаш ќе докажат на дело дека перфектно лажат, манипулираат и си поигруваат со трпението и човечките животи и судбини на луѓето“, порача Лашкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром спроведува акција за чистење диви депонии на повеќе локации
Јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром денеска реализира акција за чистење на поголемите диви депонии на повеќе локации на територијата на општината.
Со соодветна механизација се врши темелно отстранување на секаков вид отпад депониран на несоодветни и недозволени места, со цел подобрување на хигиената и заштита на животната средина.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните да не се фрла отпад на недозволени локации и да се постапува совесно и одговорно, во интерес на заедницата и јавниот простор.
Во наредниот период ќе се спроведуваат зајакнати инспекциски контроли, при што против сите прекршители ќе бидат преземени соодветни мерки, согласно со важечките законски прописи.
Општина Аеродром останува посветена на континуирани активности за унапредување на јавната хигиена и создавање чисто, уредно и здраво опкружување за сите жители.
Македонија
Унгарските искуства за „Безбеден град“ и миграциите во фокус на посетата на Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на покана на министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, во периодот од 14 до 16 јануари реализираше билатерална посета на Министерството за внатрешни работи на Унгарија, со цел продлабочување на безбедносната соработка и размена на конкретни искуства и добри практики.
Во рамки на посетата, Тошковски оствари билатерална средба со министерот Пинтер, на која беа разгледани прашања од заеднички интерес, со посебен фокус на управувањето со миграциските текови, борбата против организираниот криминал и современите безбедносни предизвици. Министерот Пинтер го истакна значајниот и конкретен придонес што Македонија го дава во спречувањето на илегалната миграција, нагласувајќи дека улогата на македонската полиција е од суштинско значење за безбедноста на Европа.
„Посебно внимание беше посветено на искуствата на Унгарија во воспоставувањето и примената на системи за автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци, во контекст на тековната имплементација на системот „Безбеден град“ во Македонија. Во таа насока, беа разменети мислења за практичните аспекти, институционалната подготвеност, правната рамка и ефектите од примената на ваквите системи, со цел користење на најдобрите европски практики.’, истакна министерот Тошковски.
Во делот на борбата против трговијата со дрога, беа презентирани законските и институционалните решенија што Унгарија ги има спроведено во областа на кривичното санкционирање, при што беа споделени искуства за влијанието на построг и појасен казнен пристап врз сузбивањето на организираните нарко мрежи и зајакнувањето на превенцијата.
Во рамки на посетата беше потпишана Декларација за соработка во спроведувањето обуки за полициски службеници помеѓу Центарот за обука на МВР и Центарот за полициска едукација и обука на МВР на Унгарија, со што се отвораат можности за долгорочна и практична размена на знаења и искуства. Воедно, беше упатена покана унгарскиот центар да се приклучи кон Регионалната асоцијација на центри за обука и полициски академии на Југоисточна Европа, формирана на иницијатива на нашето МВР.
Министерот Тошковски оствари и работна средба со директорот на унгарското Национално биро за истраги, Арон Јенеј, на која беа разменети искуства за институционалната поставеност, оперативните модели и пристапите во сузбивањето на најсериозните форми на организиран криминал. Дополнително, беше реализирана и средба со директорот на Националниот директорат за менаџмент на катастрофи, Золтан Гора, со фокус на системот за управување со кризи, меѓуинституционалната координација и практичните искуства во справувањето со катастрофи.
„Унгарија е докажан пријател и партнер на Македонија, а посетата претставува уште еден чекор кон зајакнување на соработката, размената на искуства и градењето партнерства кои придонесуваат за поголема безбедност, стабилност и европска перспектива.’, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска-Клеин: Соработката со Унгарија е пример за вистинско партнерство
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес во просториите на општината оствари средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин. Во рамките на разговорот, таа ја претстави својата визија за развој на општината, а посебно беше нагласена подготвеноста за унапредување на долгогодишната соработка меѓу општината и Унгарија.
Соговорниците посебен акцент ставија на продолжувањето на традицијата на чествување на Шандор Петефи, чија биста е поставена во новиот парк во Драчево. И годинава ќе продолжат активностите поврзани со неговото одбележување, а најавен е и конкурс за учениците од основните училишта, посветен на теми од унгарската историја и државност.
-Преку вакви проекти не само што го унапредуваме урбаниот и културниот живот во Кисела Вода, туку и ги зајакнуваме врските меѓу македонскиот и унгарскиот народ. Нашата соработка со Унгарија е пример за вистинско партнерство и верувам дека и во иднина ќе реализираме уште многу заеднички иницијативи-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
На средбата присуствуваше и претседателот на Здружението на Унгарците во Македонија-Теледом, Јожеф Шутуш, кој ја потврди долгогодишната соработка и одличните релации со Општина Кисела Вода, како основа за понатамошно зближување и заеднички развој.

