Македонија
Левицата: Без пожарникари не можеме, без Шилегов сигурно можеме

Самоволието и арогантниот однос од страна на функционерите на СДС од ден на ден стануваaт сè почести. Наместо да се решаваат проблемите со кои се соочуваат работниците, тие се соочуваат со неспособноста на градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, кој соочен со притисокот од сериозноста на ситуацијата полека, но сигурно го губи допирот со реалноста, обвини Левицата.
„Последниот испад на Шилегов се однесува на реалните и очекувани барања на Противпожарната бригада од Автокоманда, која единствено го бара она што им следува на пожарникарите во согласност со ризичноста на работното место – надомест за ризик на работно место!
Наместо да наидат на разбирање кај таткото на град Скопје, работниците беа пречекани со крајно несериозен и игнорантски однос. Имено, Шилегов не понуди никакво решение, туку, напротив, тој ги нападна и уцени работниците. Шилегов очигледно заборави на ветувањата на премиерот Заев од минатата година на средбата со претставниците на Независниот синдикат, каде што соопшти дека се обезбедени финансиски средства за плати на сите пожарникари согласно со законот и дека има зголемување на средствата за 70 милиони денари за 2020 година.
Доколку градоначалникот тврди дека одговорноста е во централната власт, која трансферира блок-дотации, тогаш нека праша во својата партија зошто има средства за платите на советниците на Заев, кои се двојно поголеми од платите на пожарникарите! Додека коалицискиот партнер ДУИ и новиот министер за финансии Фатмир Бесими тврдат дека нема ингеренции кои може да спречат да се исплаќа плата на вработените во администрацијата, кои патем не одат на работа и дека ова нема фискални импликации, од друга страна, пожарникарите не може да си ги добијат ниту платите за кои работеле и им следуваат по закон.
Ние како политичка партија, која се залага за правата и интересите на работничката класа, најостро го осудуваме однесувањето на градоначалникот Шилегов и бараме од него, конечно, да почне да ги решава проблемите со кои се соочуваат овие работници, како и проблемите општо во градот, во спротивно, нека си признае дека е неспособен и нека си даде оставка.
Воедно, упатуваме целосна поддршка за Противпожарната бригада од Автокоманда и им порачуваме дека им стоиме на располагање со нашите капацитети во процесот на решавање на нивниот проблем“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.