Македонија
Левицата: Касами повика на рушење на уставниот поредок – ОЈО итно да постапи
Првиот човек на Движењето Беса и актуелен коалиционен партнер на ДПМНЕ во советот на Тетово, Билал Касами, честитајќи го Денот на знамето на Албанија, упати јасна иредентистичка порака, каде изјави дека Македонија ќе стане трета албанска држава.
Политичката партија Левица коментира дека изјавата претставува своевидна кулминација на долгата низа крајно националистички, етнотрибалистички и максимално сецесионистички ставови и дела на т.н. албански политички партии во Македонија по повод Денот на албанското знаме.
„Додека во Уставот е јасно наведено дека Македонија нема територијални претензии и дека го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави – иредентисти како Касами отворено го подриваат уставниот поредок и суверенитетот на Македонија. Затоа, ваквата заканувачка изјава не смее да наиде на молк од страна на Јавното обвинителство кое го повикуваме да отвори предмет за сторени кривични дела: Повикување на насилна промена на уставниот поредок и Загрозување на територијалната целина“, велат од Левица.
Јавно ги повикуваат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да ја осудат оваа изјава на Билал Касами и да објаснат на македонските граѓани – како со вакви сецесионистички албански политички партии, кои отворено ги искажуваат своите ставови за отцепување од Македонија и креирање на Голема Албанија, можат да коалицираат и да „планираат европска иднина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

