Македонија
Левицата поднесе кривична пријава против поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска
Левицата до Основното јавно обвинителство поднесе кривична приjава против поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска. Причината за пријавата, како што велат од партијата, е тоа што Ангеловска додека била на функцијата, злоупотребувајќи инсајдерски сензитивни информации, го повлекла својот депозит во вкупен износ од 250.000 евра од Еуростандард банка непосредно пред банката да пропадне, со што ја искористила службената положба за остварување лична корист и се поставила во привилегирана и фаворизирачка позиција во однос на другите доверители.
„Со ваквото умислено и противправно однесување пријавената го прекршила член 50 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интересите, со што се исполнети условите за кривичен прогон по службена должност за сторено тешко кривично дело несовесно работење во службата“, изјави Јована Мојсоска од Левицата.
Оттаму додаваат дела за ова кривично дело е предвидена тригодишна затворска казна како јавен деликт насочен против службената положба.
„Дополнително, и антикорупциска комисија отвори предмет против поранешната министерка, каде што констатира етичка и професионална одговорност кај пријавената. Ова е јасна оценка за нарушениот кредибилитет и интегритет на Ангеловска како носител на јавна функција и поради тоа сметаме дека треба да се повлече од извршување на сите јавни функции.
Потенцираме дека самата постапката е фарсична, при што се констатира само ЕТИЧКА, а не и ПРАВНА одговорност и поради тоа нашите пратеници во координација со спикерот ќе ја повикаат претседателката Билјана Ивановска на првите пратенички прашања, кои ќе се одржат на крајот на месецот“, велат од партијата.
Левицата најавува дека ја разгледува можноста да ја прошири кривичната пријава и против други поранешни или актуелни службени лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре почнува собирањето потписи за независни кандидати за градоначалници во четири општини
Утре, 21 ноември 2025 година, започнува постапката за собирање потписи за кандидирање независни кандидати за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, соопшти Државната изборна комисија.
Потписите ќе се собираат пред службените лица во надлежните подрачни одделенија и канцеларии на ДИК, како и пред нотар, секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот. Последниот ден, 30 ноември, постапката ќе трае до 24 часот.
Подрачното одделение на ДИК во Гостивар е надлежно за собирањето потписи за кандидатите за градоначалници на Гостивар, Маврово и Ростуше и Врапчиште, додека канцеларијата на ДИК во Дебар е надлежна за општина Центар Жупа.
Постапката за собирање потписи завршува на 30 ноември во 24 часот.
Повторените избори за градоначалници во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа се закажани поради непостигнат цензус на локалните избори од 19 октомври 2025 година, по што во овие општини не беа избрани градоначалници.
Скопје
Се санира паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Кисела Вода
Во завршна фаза е санацијата на паркот во близина на црквата „Св. Ѓорѓија“, проект што се реализира преку партнерство меѓу Општина Кисела Вода и компанијата „Пелистерка АД Скопје“. Станува збор за значајна интервенција на простор кој долго време се наоѓаше во незавидна состојба и бараше целосно обновување.
Во рамките на активностите извршено е целосно поплочување со нови павер елементи на површина од 420 м². Изградени се две нови пешачки патеки, санирани се скалите од амфитеатарот, обновен е споменикот, поставена е нова водоводна инсталација на која ќе бидат монтирани нови чешми, а во тек се работите на новата фонтана.
Паралелно со овие зафати, Општина Кисела Вода постави нови даски за седење кај амфитеатарот, го оплеменува просторот со ново зеленило, поставува ново парковско осветлување и современа урбана опрема, со што паркот добива попријатен изглед.
Очекувањата се дека за три седмици целиот простор ќе биде целосно готов и ставен во функција.
Скопје
Ново детско игралиште и реконструиран спортско-рекреативен центар во општина Бутел
Во општина Бутел е изградено ново детско игралиште со површина од 400 метри квадратни во рамки на спортско-рекреативниот центар „Македонија“. Покрај игралиштето, целосно е реконструиран и малиот плоштад, а поставени се нова урбана опрема, ограда и осветлување. Просторот што долго време беше запуштен и со руинирани содржини денес претставува модерен спортско-рекреативен центар со вкупна површина од 6.000 м².
Општината информира дека во населеното место Радишани е изградено ново корито на реката Серава, пешачка патека, фудбалско игралиште со висококвалитетна вештачка трева, баскет игралиште со специјална подлога, детско игралиште со мека подлога, фитнес-зона, нов парк, како и дополнителни паркинг места.
Од општината порачуваат дека Бутел продолжува да се развива, вложувајќи во подобрување на условите за спорт и рекреација, со цел да обезбеди здрава иднина за младите генерации и можности за редовно практикување спорт за сите граѓани.

