Македонија
Лукаревска веќе не е директорка на УЈП, ќе биде пратеник
По верификувањето на мандатот за пратеник, Сања Лукаревска ја напушти функцијата директор на Упрвата за јавни приходи, а на нејзино место за в.д. директор е поставен Фарук Омери, кој пред назначувањето бил помошник-директор во Упрвата, информираат од УЈП за „Макфакс“.
Лукаревска вели дека засега останува на функцијата пратеник, а дали ќе биде именувана на друга функција доколку СДСМ состави нова влада, ќе одлучува премиерот.
„Како ќе одлучи премиерот Зоран Заев со формирањето на новата влада, така ќе биде. Поради законското ограничување, во моментот не можам повеќе да бидам избран функционер од Владата затоа што сум пратеник во Собранието“, изјави кусо Лукаревска.
На оваа функција Лукаревска беше 3 години и за време на нејзиното директорување се спроведува еден од најголемите проекти што ги најави СДСМ на претходните избори – „Мој данок – мој ДДВ“ преку кој граѓаните со скренирање на фискалните сметки си го остваруваат правото на поврат на парите од данокот.
Таа беше носител на листата во Втората изборна единица од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, која освои најмногу пратенички мандати на изборите на 15 јули, а на 4 август ѝ беше верификуван мандатот за пратеник во новиот собраниски состав.
Освен Лукаревска, и други функционери од редовите на СДСМ ги напуштија функциите. Така, на директорското место на Мартин Костовски од „Службен весник“ е назначена Татјана Лалчевска. Кога станаа пратеници, функциите ги напуштија и Дарко Каевски, кој беше директор на Агенција за млади и спорт, Фаница Николовска од Државниот управен инспекторат и Боби Мојсоски од Казнено-поравната установа „Идризово“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лашкоска: Обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, денес ја посети Гевгелија каде заедно со градоначалникот, Андон Сарамандов, се приклучија на акцијата за масовно пошумување и подигање на јавната свест „Да пуштиме корени во нашата Гевгелија“ во рамките на која на месноста Топлик, Гевгелија се засадуваа 6000 дрвни насади.
„Министерството за животна средина ги поддржува активностите за пошумување во државата бидејќи тие се значаен ресурс од повеќе аспекти – заштита на биодивезитетот, подобрување на квалитетот на воздухот, климатските промени, заштита од ерозија и свлечишта и се важен економски ресурс“ изјави Лашкоска на настанот потенцирајќи дека обновувањето на шумскиот фонд е дел од приоритетите на локално и национално ниво особено во услови кога сме соочени со многу високи летни температури и со сериозно опожарување на шумите на територијата на целата држава.
Таа упати честитки и благодарност до градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов и општина Гевгелија за одлично реализираната акција.
Во рамките на посетата на општина Гевгелија, заменик министерката Лашкоска и градоначлникот Сарамадов направија увид во реализацијата на проектот за намалување на загуби на вода со замена и инсталација на водомери заедно со инсталација и конфигурација на опрема со далечинско отчитување. Проектот го имплементира ЈКПД Комуналец Гевгелија, а е финансиски поддржан од страна на МЖСПП со средства во висина од 5 милиони денари.
Македонија
СДСМ утре на Конгрес ќе избира ново раководство
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија утре ќе го одржи 30. партиски Конгрес, на којшто ќе биде избрано новото партиско раководство.
Од опозициската партија известија дека Конгресот ќе има отворен и работен дел, ќе се разговара за идните, нови политики на партијата и ќе биде избрано новото раководство, однсно членовите на највисиките тела во СДСМ – Централниот и Надзорниот одбор.
На почетокот, ќе има обраќање на Венко Филипче, кој пред пет месеци ја презема претседателската функција од неговиот претходник, Димитар Ковачевски по големиот пораз што го претрпе партијата на парламентарните и претседателските избори.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ контра Кузеска: Оваа Влада вложува во модернизација, претходната потроши 5 милиони евра на службени возила
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која што вложува во модернизација, професионализација и осовременување на условите за работа во македонските институции, СДС и ДУИ во своето владеење за службени возила потрошиле повеќе од пет милиони евра, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Очигледно на функционерите од СДС изминатите седум години на власт, најважна им била сопствената комоција, а не и реалните проблеми на обичните луѓе“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека во буџетот за 2025 година предвидено е зголемување на средствата за модернизација на МВР, одбраната, здравството, земјоделието, односно предвидени се зголемени средства за набавка на опрема во сите институции.
Кузеска претходно денес на прес-конференција обвини дека власта ги одби амандманите за поголеми плати, а ќе троши на мебел и скапи автомобили за функционерите.