Македонија
Лукаревска: Од предложениот буџет заклучуваме дека смело чекориме кон нови задолжувања, без разлика на што ќе се користи кредитот, каматата е наменета за граѓаните
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска во рамките на расправата на собраниската комисија за финансирање и буџет, посветена на предлог-буџетот за 2025 година истакна дека реториката на напад на власта полека оди кон одбрана, на моменти неосновано и безаргументирано.
„Мислев дека нема да се критикува претходната власт, а и не би личело кога зборуваме за нов буџет, нема веќе простор за обвинувања за некакви душмански трошења, несоодветна распределба на средства, фаворизирање на една или друга институција, па некогаш не одат во прилог бројките за споредба по било кој параметар, особено за јавниот долг, гломазноста и секако сè ќе пукне како балон, за што се милуваше овде долго и долго да се зборува претходните неколку години“, рече Лукаревска, и направи споредба со сите епитети коишто што беа давани изминатите години, кога се носеа буџетите.
Лукаревска истакна дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ скрои буџет од 6,5 милијарди евра во услови кога претходната влада предводена од СДСМ ги санираше разорувачките последици од пандемиската криза, на која и се надоврза економската криза, војната во Украина, енергетската неизвесност, ценовните шокови и неминовната инфлација.
„Во целиот текст на буџетот провејуваат оптимистички проекции, но истите ако не се остварат ќе имаме влошување на фискалната консолидација во земјата. На пример се планира раст од 13,1% на приходи од данок на личен доход во 2025 во однос на планираните од минатата година, тоа тешко да се оствари во отсуство на овогодинешна даночна реформа затоа што слушнавме дека ќе имаме одреден напредок во 2026 година и во услови на инфлација и забавен раст на платите“, рече Лукаревска, додавајќи дека покрај ова има и даночни приходи, кои се планирани да растат уште и посериозно, како и раст на БДП од 3,7% во 2025, што исто така не го зема предвид забавувањето на економијата во еврозоната, посебно во Германија.
Лукаревска нагласи дека кај тековните расходи, најголем е растот масата на плати и социјални трансфери, капиталните расходи се зголемуваат повеќе од тековните расходи, што на прв поглед изгледа во ред, но треба да се постави прашањето колкав дел од тие плаќања ќе останат во македонската економија.
Нема средства за унапредување на здравствена заштита преку фондот за здравство, за поддршка на земјоделството средствата се намалуваат од 128 во 2024 на 117 милиони евра. Се намалуваат средствата за поддршка на развој на мали и средни претпријатија од 80 милиони денари на 18. Тие се двигателот во бизнис заедницата, а од друга страна за поддршка на странски инвестиции има 36 милиони евра, истакна Лукаревска, и констатираше дека оваа влада ги продолжува проектите, кои се осмислени, преговарани и договарани од претходната влада, како коридорите на Бехтел и Енка кои беа „криминален проект“, а сега се високо на агендата на проекти за реализација на новата влада.
Предлог Буџетот за 2025 точно ја дефинира политиката која има намера да ја тера оваа влада исклучиво за свои потреби, минимална грижа за граѓаните, максимална за себе, минимална реална посветеност и максимална пропаганда. Единствено што може да се заклучи од предложениот буџет за 2025 година е дека смело чекориме кон нови задолжувања, кои, кон крајот ќе стигнат за наплата кај секој граѓанин, без разлика на што и кој ќе го користи кредитот, каматата секако е наменета за граѓаните, порача пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Следната година 30 милиони евра за студентски стандард, за 18% проценти повеќе од буџетот годинава
„Буџетот за студентски стандард во 2025 година ќе изнесува 30 милиони евра или за 18% повеќе од годинава. Тоа подразбира повеќе и поголеми права и можности за студентите, но и повеќе за инвестиции во инфраструктурата која ја користите. Тоа е нашата честитка кон вас по повод Меѓународниот ден на студентите. Не празни зборови, туку конкретни дела“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска вчера на настан по повод Меѓународниот ден на студентите кој го организираа Националното студентско тело (НСТ), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Младинскиот образовен форум (МОФ), а на кој присуствуваа и претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова и премиерот, проф. д-р Христијан Мицкоски.
„Вакво обединување на државното раководство околу грижата кон младите, веројатно одамна не е видено. Сите имаме идентична цел и сплотени заложби – да имате доволно можности за развој на личниот потенцијал, да ги остварите вашите амбиции во родното огниште и да придонесете во градењето на силна и просперитетна Македонија“, рече Јаневска, додавајќи дека лошите политики во изминатите 7 години резултирале бројот на ученици да се намали за 17 илјади, а бројот на студенти за 7 илјади.
Министерката информираше дека во изминатите четири и пол месеци, прифатени се повеќе барања на студентските организации, со кои се проширија студентските права.
„Овозможивме бруцошите да користат субвенциониран оброк од први октомври, што не беше така до лани. Направивме промена на конкурсните услови за повеќе категории на стипендии да може да конкурираат што повеќе млади. За стипендиите за втор циклус на студии во државата, овозможивме да аплицираат и студенти со завршени тригодишни додипломски студии, кои до лани беа дискриминирани на некој начин“, додаде Јаневска.
Посочи и дека е започната етапна реконструкција на студентските домови, а од следната година ќе продолжи изградбата на објектите за ФИНКИ и ФФК. Ќе се работи и на нови закони за високото образование и за студентскиот стандард.
„Продолжете да вложувате во себе, сакајте ја Македонија и тука остварете ги вашите соништа“, им порача Јаневска на студентите.
Македонија
Без вода делови од Скопје
ЈП Водовод и канализација денеска (19.11.2024) ќе започне со чистење и хлорирање на десната комора од резервоар Припор 2. Активностите ќе отпочнат во периодот од 08:00, а можно е да има мал прекин на водоснабдување о. Сопиште.
Денеска поради уличен дефект на водоводен цевка Ф 5/4“на улица Јани Лукровски 9-2., прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Јани Лукровски. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со работните активности. о. Гази Баба.
Поради изведување на водоводен приклучок ф100мм на улица МаџирМаало бр.15 ( населба Маџир Маало – Центар ), денеска прекинато водоснабдување од 10:00 часот ќе имаат дел од корисниците на ул.Охридска ( потегот од ул.Петричка до ул.Ѓуро Ѓоновиќ ) до завршуање со работните активности. о. Центар
Македонија
Делови од Сарај и Карпош без струја
Поради планирани прекини на електрична енергија во електродистрибутивната мрежа на ЕВН денеска без електрична енергија ќе останат следните корисници:
· Во период од 09,00ч до 15,00ч дел од с. Сарај кај трговскиот центар о. Сарај
· Од 12,00ч до 15,00ч дел од ул. Париска бр.5 и ул. Букурешка бр. 21,19,17 и 15 о. Карпош