Македонија
Лукаревска: Со успешната мерка „Мој ДДВ“ вративме над 100 милиони евра кај граѓаните
Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска на трибината „Повеќе за сите“ во скопски Аеродром истакна дека 540 илјади кограѓани кои редовно скенираат фискални сметки се најсилна потврда за успешноста и значајноста на мерката „Мој ДДВ“.
„540 илјади корисници, граѓани кои редовно скенираат фискални сметки се најсилна потврда за успешноста и значајноста на оваа мерка. Од една страна враќаме пари кај граѓаните, а од друга се бориме против сивата економија. Ќе продолжам да се борам и понатаму, оваа мерка да биде најдоброто нешто од сите мерки коишто досега сме ги реализирале“, рече Лукаревска.
Во новата програма којашто ја пишуваме и која знам дека ќе биде најдобра, победничка програма ќе одиме уште еден чекор напред за оваа мерка, затоа што граѓаните заслужуваат повеќе, додаде таа.
„Програмата на СДСМ има реализација од 90%. Ја пишуваме и новата победничка програма на СДСМ за изборите 2024 година. Можам да најавам дека лимитот за поврат на ДДВ дополнително ќе го зголемиме, максимално можно, затоа што и во новата програмата на пиедестал го ставаме граѓанинот кој со СДСМ добива повеќе“, рече Лукаревска.
Ако во времето на ДПМНЕ редовноста на повратот на ДДВ иако беше законска обврска а не се враќаше, ние редовно ги враќаме, над 40 милијарди денари годишно, редовноста на повратот ја имаме зголемено за 76,5%, додаде таа.
На нашата економија и е потребна стабилна политика и европска иднина, блокадите на ДПМНЕ и штетат на економијата, децидна беше Лукаревска.
„Блокадата на европскиот пат има име и презиме, тоа е ДПМНЕ. Но радосна вест за државата никогаш не била радосна вест за опозицијата, таа е заглавена во нивната деструкција, блокада на државата. Затоа ќе бидат поразени на претседателските и парламентарните избори“, рече Лукаревска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Директорот на „Идризово“ по пожарот со четворица задушени чувари: Се запали душек од сунѓер, кој може да пламне и од догорче од цигара
Четворицата задушени чувари од затворот „Идризово“ се во добра состојба и се очекува утре да бидат пуштени дома, вели директорот на затворот, Зоран Јовановски. Ги посетил синоќа, неколку часа откога завршија во болница оти вдишале чад гаснејќи го пожарот во затвореното женско одделение.
„Тие и вчера се чувствуваа подобро, но лекарите рекоа дека вдишаниот чад може да има одложено разложување, па затоа беа задржани за да бидат под надзор. Веќе утре, како што ни е кажано, ќе бидат пуштени дома. Четворицата чувари, заедно со полицајците и војниците, кои се во затворот, го гаснеа пожарот. Огнот не беше толку голем колку што беше чадот. Се запали душек направен од сунѓер, кој воопшто не е по стандардите за опрема во затвори оти може да вивне во пламен и од обичен отпушок. Не требало воопшто да бидат набавени такви душеци, но тука се. Изгорен е само еден душек, другите се само оштетени оти интервенира и пожарната за да не се прошири огнот и во другите простории“, вели директорот Јовановски за „Макфакс“.
Во собата во која избувнал пожарот, како и во другите соби во затвореното женско одделение во „Идризово“, сместени се пет затворенички. Директорот Јовановски не ја исклучува можноста пожарот да бил подметнат, но очекува МВР тоа да го утврди.
„Сунѓерот од кој е направен душекот е високозапалив, можно е да се работи за невнимателност, но можно е и да е намерно запален. Тоа ќе го утврди МВР. Дојде увидна екипа, направи разговори. Очекуваме истрагата да покаже што се случило“, рече директорот Јовановски.
Собата во која избувнал пожарот е испразнета и најбргу што може ќе биде реновирана.
За една година и два месеца, колку што тој е директор на затворот „Идризово“, Јовановски вели дека ова е прв пожар во затворските соби. Пред една недела во пожар изгоре неговиот службен автомобил, а изминатива една и пол година изгореа седум возила на вработени во затворот „Идризово“.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот е 34.87 отсто
До 15 чaсот, од вкупно запишани 4.514 гласачи на седумте избирачките места, гласале 1574 односно 34.87 отсто, објави Државната изборна комисија.
Во ИМ 2101 во Желино гласале 428 гласачи односно 43.10%.
Во ИМ 1194 во Крушево, гласале 197 гласачи односно 42 %.
Во ИМ 1202 во Крушево, гласале 67 гласачи односно 22.48 %.
Во ИМ 1272 во Охрид, гласале 226 гласачи односно 31.79 %.
Во ИМ 1470 во Долнени, гласале 173 гласачи односно 26.29 %.
Во ИМ 1470/1 во Долнени, гласале 184 гласачи односно 29.11%.
Во ИМ 1844 во Струга, гласале 299 гласачи односно 39.71 %.
Во споредба со гласањето на 8 мај 2024, до 15 часот, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 1.21% на овие избирачки места.
Македонија
(Видео) Трипуновски: Со земјоделците и откупувачите договориме откупната цена на младиот компир да не биде под 20 денари за килограм
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска е во општина Босилово каде што земјоделците од овој регион веќе неколку дена протестираат заради падот на откупната цена на младиот компир.
– Заедно со мене на протестот присуствуваа и неколку откупувачи и заедно со земјоделците разговаравме за можно решение и се договоривме во наредните 10 дена откупната цена на младиот компир да не биде под 20 денари за килограм, а потоа се договоривме да оствариме уште една средба се со цел да го средиме и останатиот дел од пазарот. – изјави Трипуновски.
Трипуновски рече дека успеале заеднички да се договорат за условите и можностите за понатамошниот тек на откупот на млад компир.
– Денес постигнавме договор кој не е идеален, но е преодно решение во овие тешки моменти кои ги наследивме од Владата на СДС. Во иднина ние како Влада предвреме заедно со земјоделците и откупувачите ќе креираме мерки и стратегии за да немаме повеќе вакви несакани ситуации. – заврши Трипуновски.