Македонија
Маричиќ – Брнс: САД остануваат силен поддржувач на европската интеграција на Македонија

Заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, се сретна со амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс.
На средбата се разговараше за американската поддршка во процесот на европската интеграција на нашата земја, а беа нагласени и важноста и неопходноста од напредокот на Западен Балкан во процесот на евроинтеграциите. Вицепремиерот Маричиќ изрази уверување дека реформите остануваат во фокусот, но дека истовремено е потребен јасен и извесен исход за европската иднина на регионот.
Вицепремиерот Маричиќ во пресрет на заедничката седница со владата на Бугарија ѝ го претстави на амбасадорката Брнс начинот на кој ќе се формираат и на кој ќе функционираат работните групи во рамките на новиот пристап со Бугарија, од кои се очекува да го придвижат процесот за надминување на отворените прашања, но и да бидат добра основа за зајакнување на соработката помеѓу институциите, граѓанскиот и бизнис-секторите.
На крајот, вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ, истакна дека јакнењето на соработката со Соединетите Американски Држави како наш стратешки партнер со кој негуваме долгогодишни блиски односи е од голема важност бидејќи САД остануваат еден од главните поддржувачи на реформската агенда на патот кон европската интеграција.
Амбасадорката Брнс на средбата упати честитки до вицепремиерот Маричиќ за новата функција изразувајќи доверба во неговиот личен ангажман дека ќе даде голем придонес во евроинтегративниот процес на земјата во рамките на мандатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ковачки: СДСМ молчи за јавниот срам за средбата на Џафери со чеченски политичари блиски до Путин

Власта на СДСМ и ДУИ декларативно е за НАТО, а остварува контакти и средби со лица блиски до режимот во Кремљ, истакна на денешната прес-конференција, Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа е, како што оцени, лицемерие пред граѓаните, а бламажа на меѓународна сцена и пред стратешките партнери.
„Скандалот со делегацијата која ја примил Талат Џафери во Македонското Собрание во која биле дел чеченски политичари, поранешни пратеници во руската Дума отвораат низа на прашања, кои за жал остануваат неодговорени. Молчи Талат Џафери, молчи СДСМ, молчи Ковачевски, молчи Владата, молчи претседателот Пендаровски, молчат надлежните безбедносни институции. Зарем е нормално во Парламент на земја членка на НАТО, средба да имаат претседател на Парламентот и лице каков што е Абдул-Вајед Нијазов, поранешен пратеник во Думата и основач на здружението „Муслиманите во поддршка на Претседателот Путин“. Ова лице е со потенцијален безбедносен ризик и затоа се потребни одговори како, зошто и кој дозволил таква средба, за што се разговарало на таа средба и дали воопшто Џафери ги известил безбедносните служби за оваа средба“, потенцира Ковачки.
Одговори и одговорност, како што истакна, должат и коалициските партнери СДСМ, кои не треба да се кријат туку да одговорат дали и тие партиципирале на средбите и знаеле за намерите да се гради споменик на Ахмат Кадиров во Тетово, лик кој ги основал воените структури популарно наречени Кадировци.
„Ова ја компромитира Македонија и ја нарушува довербата пред нашите стратешки партнери. Очекуваме Талат Џафери и коалицијата предводена од СДСМ да дадат одговори, но и Ковачевски, кој веројатно пак ќе се правда дека не видел или не чул, исто како што се правдаше за примитивното и вулгарно однесување на Талат Џафери кога ги пцуеше и навредуваше вработените во Собранието“, наведе Ковачки.
За доброто на институцијата Претседател на Собранието, но и за имиџот на Македонија, оценува дека најдобро е Талат Џафери да си поднесе оставка, а прв кој треба тоа да го иницира е Димитар Ковачевски како претседател на СДСМ.
„Но народот вели врана на врана очи не вади, па така својата дружба Талат и Ковачевски не сакаат да си ја расипат, по цена на јавен срам на институциите и на Македонија како држава“, беше истакнато на прес-конференцијата од страна на пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Македонија
Независниот синдикат на професионални војници со шатори и вреќи започнува штрајк пред Владата

Независниот синдикат на професионални војници на Македонија најави дека од 11 часот ќе постави шатори и вреќи за спиење пред Vладата.
„Независниот синдикат на професионални војници на Македонија од основањето континуирано и интензивно работи за подобрување на стандардот на вработените во Армијата на Република Северна Македонија, на подобрување на односите Синдикат – работодавач – Министерство за одбрана на Република Северна Македонија, подобрување на условите за работа, инсистира на зголемување на буџетот, на подобрување на опремата за вработените, на корекции во Законот за служба во АРСМ за подобрување на условите за живот и работа на вработените“, е потенцирано во нивното соопштение.
Појаснуваат дека согласно член 40а од Законот за служба во Армијата, професионалните војници со наполнување на 45 години старост се префрлуваат во други сродни институции. Но веќе 2 години од страна на Владата, како што велат, за дел од професионалните војници не се превземени никакви активности за префрлување во друга институција.
„Затоа синдикатот превзема активности со своите членови и на ден 22.05.2022 година пред Владата на РСМ ќе постави шатор и вреќи за спиење долж тротоарот пред Владата и таму ќе остане се додека не се исполни нашето барање“, е потенцирано во најавата од независниот синдикат на професионални војници.
Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност и температури до 33 степени

Денеска се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Околу пладне и попладне, претежно во западните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално и во форма на краткотрајно невреме. Ќе дува умерен, а вдолж Повардарието засилен северозападен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 24 до 33 степени. УВ=7
Во Скопје, времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Во наредните денови ќе се задржи многу топло време со максимални температури над просекот за овој период од годината.
Во попладневните часови на места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено утре и во понеделник кога локално процесите ќе бидат и поинтензивни во форма на невреме.