Македонија
Маричиќ: Време е да се реформира ЕУ и да се примат нови земји членки, 2030 реален датум за тоа

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за Балканс Дебриф рече дека сега за нас е вистинска шанса за брзо членство во ЕУ, но исто така и за Европската Унија да направи промени кои не ги направила од Лисабонскиот договор, во 2009 и после Брегзит.
-Мислам дека е вистинско време да се реформира ЕУ и да се примат нови земји членки, и седум години од денес мислам дека е реална временска рамка тоа да се направи, рече Маричиќ, додавајќи дека немање временски план за членство во ЕУ во некои земји од регионот, а и во Северна Македонија носи пад на јавната поддршка за ЕУ и дека 2030 година очекува да биде мотивација плус за да чекориме напред.
Според Маричиќ она што дава поттик и причина и со самодоверба да се гледа на 2030 како реална временска рамка за членство е неодамнешната изјава и говор на претседателот Шарл Мишел, на Бледскиот стратешки Форум, каде за прв пат, после зачленувањето на Хрватска, еден официјален претставник на Европската Унија ја предвидува 2030 година како реален датум за членство во Европската Унија.
– Колку е реално ова? Мислам дека зависи од 2 работи. Колку ќе биде успешен преговарачкиот процес со земјите кандидати и земјите кои веќе преговараат, а очекувам Молдавија и Украина брзо да се вклучат во оваа група, а на друга страна како Европската Унија ќе се справи со реформите на системот на Европската Унија за да може да апсорбира нови земји членки, објасни Маричиќ.
Тој смета дека ова е остварливо само доколку се работи паралелно на двата процеси т.е реформи во ЕУ и преговарачкиот процес на земјите кандидати. Во таа насока Маричиќ се повика на говорите на францускиот претседател Макрон и претседателот на Европскиот парламент, Мишел и рече дека три прашања се важни и тоа: Како ќе може европскиот буџет да ги покрие трошоците на Унијата за нови членки, потоа се институционалните предизвици т.е како би се калкулирала институционалната застапеност во Брисел со повеќе земји членки на Унијата, и трето е како може процесот на одлучување да стане поефикасен со повеќе земји членки.
На прашањето дали очекуваме официјализирање од Брисел на 2030 година како година на идно проширување на ЕУ, Маричиќ кажа дека очекува ова да стане реален план и заложба на институциите, што не би значело неусловена временска референца за членство, туку спротивно, условен реформски процес во ЕУ и успешен преговарачки процес со земјите членки.
– Оваа есен ќе имаме неколку прилики на кои Европската Комисија и Европската Унија ќе треба да им се обратат на земјите од Западен Балкан со конкретни пораки и конкретни точки. Ја имаме турнејата на претседателката на Европската Комисија Фон дер Лејн во октомври во сите земји во регионот, и таа вети дека ќе го претстави планот за раст за Западниот Балкан, како може да придобиеме некои од бенефитите и инструментите на заедничкиот пазар и пред членство во ЕУ, т.е како да ја направиме таа забрзана интеграција реална можност. Тоа беше најавено исто така и од комесарот Вархеји, дека овој октомври ќе слушнеме повеќе за идното проширување до 2030 година, изјави Маричиќ.
Вицепремиерот напомена дека забрзаната интеграција е многу добра можност за напредок, но не смее да се третира како замена за полноправното членство, бидејќи досега преговарачкиот процес трае предолго, подолго од претходните бранови на зачленување, и дека ова на некој начин го руши ентузијазмот и мотивацијата на институциите дека членството е остварливо.
– Затоа ценам дека би било добро ако ни се овозможи пристап до некои бенефити, пред да станеме полноправна членка на ЕУ, како што се на пример земјоделскиот пазар на ЕУ, политики за развој на туризмот, некои европски фондови кои се достапни само за земјите-членки, но, исто така, да речеме, роаминг програмата која е достапна за земјите-членки, признавањето на дипломите и квалификациите, и ова се само некои мали нешта кои ништо нема да ја чинат Европската Унија, а ви значеле многу за луѓето од Западен Балкан, нагласи Маричиќ во интервјуто за „Балканс Дебриф“.
#BalkansDebrief е поткаст, кој го води новинарката Илва Таре, во рамки на Центарот за Европа на Атлантскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.