Македонија
Маричиќ: Не е разговарано, а не е ни време за друга интервенција во Уставот

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, изјави дека нема никаков договор за друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и другите етнички заедници што го бараат тоа. Според него, сега не е време за други интервенции, кои би одзеле повеќе време.
„Да се фокусираме на оние обврски што произлегуваат од преговарачката рамка. Така мислам дека имаме најголеми шанси за успех во разумен рок оваа година да ги завршиме уставните измени. Секое друго прашање е вредно за разгледување, но не верувам дека е сега вистинското време за тоа зашто ќе земе и повеќе време и повеќе енергија и ќе го комплицира процесот. Можеме понатаму да ги елаборираме тие прашања и да видиме дали имаме двотретинско расположение за дополнителни промени на Уставот“, рече Маричиќ.
Тој нагласи дека процесот на уставни измени ќе почне пред летото и очекува да биде успешен, а изборите ќе бидат во редовен термин в година.
Претходно денес, и министерот Османи рече дека процесот на уставни измени треба да се фокусира на ЕУ и да не се оптоварува со други политички прашања.
На реакциите претходи вчерашната изјава на министерот за правда, Кренар Лога, кој рече дека покрај уставните измени во делот на внесувањето на Бугарите во Уставот, ова е повод да се направат и други измени, меѓу кои и формулацијата „јазик што го зборуваат 20 отсто од населението“ да се замени со формулацијата „албански јазик“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Струјата, најверојатно, нема да поскапи 13 отсто, претпоставува Бектеши и остави Регулаторната да одлучи

Цената на струјата најверојатно нема да се покачи за 13 отсто како што бараат дел од компаниите. Ова го посочува министерот за економија Крешник Бектеши, потсетувајќи дека и минатата година дел од компаниите бараа зголемување и до 100 отсто. Тој повтори дека, конечната одлука ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика.
„Претходната година, енергетските компании бараа зголемување, ако се сеќавате на 78 отсто, па надминаа и над 100 отсто некои компании. Не е важно колку бараат тие, важно е колку ќе се одобри од Регулаторната комисија за енергетика и која ќе биде цената која ќе ја утврди Владата на ЕСМ, која ќе ја даде кон универзалниот снабдувач, во овој случај ЕВН, цена која важи за домаќинства и мали потрошувачи. Тоа значи дека 13 отсто зголемување, кое е барање од страна на енергетските компании, најверојатно нема да се прифати. Јас можам да кажам дека нема да се прифати цената што би можело да ја бара ЕСМ, а работа на Регулаторната комисија за енергетика на направи калкулации за барањето од страна на МЕПСО и другите компании“, рече Бектеши.
ЕСМ засега нема побарано од Владата да се утврди цена со која ќе учествува на тендерот.
„Цената која ја нуди ЕСМ на ЕВМ Хоме се разгледува на затворена седница на Владата. Откако ќе имаме барање од ЕСМ, ќе бидете известени навремено. Тоа ќе биде согласно интересите на граѓаните и заштита на животниот стандард. Немаме се уште информација од ЕСМ до Владата, за да Владата утврди цена со која ќе учествува на тендерот“, додаде Бектеши.
Претходно, Бектеши посочи дека зграѓаните, цената на струјата нема да поскапи во наредните шест месеци.
Македонија
(Видео) Ѓорчев: Во Македонија во моментов се случува демографска катаклизма

Во Македонија во моментов сега се случува буквално демографска катаклизма, никогаш помалце родени бебиња и страшни, ужасни демографски падови, истакна Влатко Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Само во месец март оваа година во Македонија има 18% помалку родени бебиња одошто минатата 2022 година. 2022 година беше најлошата, убедливо најлошата демографска година во историјата на Македонија со најмалку родени бебиња, на таа најлоша година сега во март имаме 18% дополнителни родени бебиња помалку. Тоа значи празни училишта, празни градинки, празни градови и села, тоа значи пуста, пуста земја. Овие бројки се ужасни. Ова се политиките на Таче Ковачевски и Стево Пендаровски. Тие политики буквално ја уништуваат Македонија. За Македонија да живее и преживее мора овие нивни политики да бидат час поскоро поразени“, истакна Ѓорчев.
Во март 2022 година, како што посочи Ѓорчев, родени се 1557 бебиња, во март 2023 година родени се 1279 бебиња во Македонија, тоа, како што оцени, се 278 бебиња помалку, само во еден месец. За Ѓорчев, тоа е фрапантен ужасен пад од 18%, 14 паралелки помалку со деца, 14 паралелки со 20 деца.
„Имаме еден куп места и еден куп школи каде имаме паралелки со три деца, пет деца, седум деца или девет деца. Во првиот квартал 2023, во однос на уште еднаш ќе повторам, најслабата во историјата со најмалку родени бебиња 17.700 бебиња се родени во Македонија 2022 година, сите негативни рекорди се пробиени. Значи во првиот квартал минатата најлоша демографска година родени се 4. 009 бебиња. Во овој квартал 2023 година родени се 3.656 бебиња тоа е 353 помалку бебиња за еден квартал, односно намалување на квартално ниво во однос на најлошата година од 9 проценти“, додаде тој.
Тоа, според него, значи дека Македонија исчезнува, „тоа значи дека Македонија ја нема“.
„Тоа значи дека со овие политики на Таче Ковачевски и Стево Пендаровски ќе имаме празни училишта, празни градинки, празни полиња, празни села, празни градови, испразнети маала, без детски џагор. Тоа значи дека буквално стануваме пуста земја. Нема ниту една земја, нити една земја во светот во март која има ваков пад 18 проценти. Најлоши во светот, уште еднаш на Македонија, за жал со Стево Пендаровски и Таче Ковачевски и се случува демографска катаклизма, колапс и буквално катастрофа“, дополни Ѓорчев.
Македонија
Одмрзнати цените, нема гаранција дека производите нема да поскапат

Одмрзнати се цените на лебот, зеленчукот и овошјето, а министерот за економија, Крешник Бектеши, нема гаранција дека тие нема да поскапат. Имало само ветување од страна на компаниите. Доколку вештачки се покачат, тогаш инспекциите тоа ќе треба да го нотираат и казнат.
„Во однос на цените на производите, утврдено е дека речиси сите се намалени со владините мерки. Да, тие нема да важат. Ако одредена компанија, одреден сектор, вештачки ќе се обиде да ги зголеми цените, институциите ќе влезат во функција и нема тоа да биде дозволено. Имавме разговори, каде што тие кажале дека за одредени производи ќе има и намалување“, рече Бектеши.
Посебни мерки не се планирани, освен спроведување на законите.
„Не предвидуваме никакви мерки, само ќе важат сите одредби од Законот за пазарна инспекција, УЈП и Финансиска полиција, како и Законот за заштита на потрошувачите. Инспекциите мора да ги вршат контролите согласно тоа што е донесено како одлука од страна на Владата“, додаде Бектеши.
На почеток на април беа замрзнати цените на дел од производите, за да се сопре ценовен шок. Мерките важеа до вчера. Од сега, маркетите можат да ги корегираат по сопствена желба. Владата најави дека будно ќе ја следи состојбата.