Македонија
Марш за женските права: Уште многу работа до родова еднаквост
Неколку стотици граѓанки и граѓани денеска присуствуваа на Маршот за женските права, кој започна од Паркот на жената борец во центарот на градот. Со пораки за проблемите со кои сè уште се соочуваат жените во општеството, дискриминацијата, како и нееднаквите можности, организаторите го започнаа маршот кој преку плоштадот Македонија се упати кон влезот на Старата скопска чаршија и заврши кај плоштадот Филип Втори.
Активистката Калија Димитрова истакна дека фактите и статистиките сами по себе говорат за тоа до каде е Македонија во однос на родовата еднаквост.
„На локалните избори 2017 година: од 208 кандидати за градоначалници, само 12 се жени. Повторувам, само 12 се жени. Тоа се помалку од 6 отсто! За тие во последниот ред што дофрлаат дека тоа не е родова дискриминација, туку немањето квалитетен женски кадар или, пак, ги оправдуваат партиските одлуки со мантрата дека електоратот сè уште не сака да гласа за жени, прочитајте нешто за системска дискриминација. Проверете ја сопствената привилегија, размислете за шансите што ви биле дадени во животот и потоа зборувајте за праведна распределба на јавни позиции!“, рече Димитрова.
Таа додаде дека стапката на малолетнички бракови во земјата е во пораст и во одредени делови на земјата на девојчињата не им се нудат можности да растат и да се развиваат, туку само да бидат машини за репродукција од првиот момент кога нивните тела се способни за тоа.
„Правилото е следно: само 33,8 отсто од работоспособните жени се вработени. Иако се пообразовани, најчесто се на подредени позиции. Мнозинство жени во земјава сè уште работат на најлошо платените места во текстилната, чевларската и во кожарската индустрија, како касиерки во маркети, како чистачки без никакво осигурување, безбедност и заштита на женските работнички права. Маргинализираните жени, како лезбијките, бисексуалките, трансродовите жени, сексуалните работници, Ромките, жените со попреченост, се соочуваат со насилство, социјално исклучување и масовно прекршување на нивните права. Наместо солидарност, емпатија и заштита од насилство, сексуалните работнички и трансродовите жени добиваат морализирање, стигматизирање и насилство, дури и од страна на полицијата.
Во ноември 2017 година три национални радиостаници објавија кампања за преманципираните кучки, наменета за жени што, трчајќи по пикирани кариери, ја загубиле својата женственост. „Еманципирани жени со доминантни фрустрации, освестете се, станавте мажи“, се вели во кампањата! Не постои нешто како прееманципација, исто како што не може да постои премногу слобода или премногу правда!“, додаде Димитрова.
Снешка Илиќ од здружението „Реактор“ рече дека и во 2018 година во земјата имаме највисока доенечка смртност во Европа.
„Причините за тоа не треба да се бараат кај жените, туку во системот за здравствена заштита и здравствените услуги што им следуваат, но секоја година сè повеќе и повеќе се скратуваат“, рече Илиќ и додаде дека на 80 отсто од жените Ромки им се наплаќаат прегледите што треба да бидат бесплатни.
Маршот за женските права доби поддршка и од власта како и од претставници на дипломатскиот кор во земјата и на него присуствуваа премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица Заева, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, и други. Премиерот Заев направи и необичен гест кога ѝ го придржа мегафонот на една од учесничките во протестот, која претходно се пошегува дека мегафонот е тежок, додека таа говореше за поразителните статистики за родовата еднаквост во земјата.
К. О.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

