Македонија
МВР во акција низ повеќе градови, се апсат членови на криминални групи
Во последните два часа, Министерството за внатрешни работи започна координирана акција насочена кон пресметка со насилни криминални групи, која се одвива во неколку делови на Скопје и други градови низ Македонија.
Според информациите, зголемено присуство на полициски сили е забележано во скопските општини Чаир и Арачиново, каде што жителите сведочат за активни интервенции. Акцијата, според најавите, нема да се ограничи само на главниот град, туку ќе продолжи и на други локации низ државата.
Засега нема повеќе информации за оваа акција, но може да се очекуваат во текот на утрешниот ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Делови од Скопје ќе останат без вода, најавена голема санација на 21 декември
На 21 декември, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ќе го затвори главниот градски цевковод во кругот на касарната во Ѓорче Петров поради санација на сериозни дефекти. Процесот на санација ќе опфати поправка на еден од поголемите дефекти на улицата Никола Парапунов во Карпош 4, каде веќе десетина дена има излевање на вода на улицата.
„Додатно ќе се санираат и три други дефекти на затворачи по должината на главниот цевковод Ф1600мм, од кружниот тек во Ѓорче Петров до раскрсницата на булевар Партизански одреди со улица Никола Парапунов“, соопштија од „Водовод и канализација“.
Цевководот ќе биде затворен за време на интервенцијата, а завршувањето на работите ќе биде соопштено по успешната санација.
„Овој вид на затворање на главниот цевковод не се случува често. Последен пат се изврши вакво затворање во 1991/1992 година. Интервенцијата е неопходна за отстранување на дефекти од овој тип“, велат од „Водовод и канализација“.
Со завршување на санацијата, ќе се подобри водоснабдувањето и ќе се намали загубата на вода, како и ќе се ревитализира водоводниот систем од Ѓорче Петров до Карпош.
Македонија
Галичник три недели отсечен од светот, а од денеска нема ни струја
Селото Галичник веќе три недели е отсечено од светот поради непрооден пат, а од денеска е и без електрична енергија. Жителите преку месната заедница упатија апел до надлежните институции да го расчистат патот и да ја вратат струјата во селото.
„Бараме да ни овозможат проодност до Галичник, кој веќе трета недела е отсечен од патна комуникација. Според активните сообраќајни законски норми, станува збор за регионален пат кој мора да биде постојано прооден“, стои во соопштението на месната заедница.
Дополнително, од месната заедница информираат дека селото трета недела е без улично осветлување, а од денеска поради дефект на 20-киловолтен далновод, жителите останале и без струја.
„Во Галичник има постојани жители, а многумина сопственици на имоти имаат работни обврски што бараат повремено присуство во селото. Поради тоа, неопходен е пристап и функционирање на основните услуги“, се додава во соопштението објавено на социјалните мрежи.
Жителите на ова мијачко село очекуваат навремена реакција од надлежните институции за расчистување на патот и нормализирање на снабдувањето со електрична енергија.
Скопје
Изгоре новогодишната елка пред ТЦ „Бисер“
Вечерва околу 18 часот, пред трговскиот центар „Бисер“ во Општина Аеродром, новогодишната елка била зафатена од пожар. Според првичните информации, причина за пожарот најверојатно се дефектни сијаличките што го украсувале дрвото
Според информациите пожарот бил пријавен во скопската противпожарна околу 18 часот, при што било интервенирано со едно возило и петмина пожарникари.
За среќа, нема повредени во инцидентот, а материјалната штета се проценува. Причината за пожарот ќе биде предмет на дополнителна истрага.