Македонија
МВР: Дисциплински постапки за тројца полицајци, расчистен случајот со нелегалното користење „флешери“
По извршени детаљни проверки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, ја известуваме јавноста дека комплетно е расчистен случајот со нелегалното користење т.н. флешери за кој во јавноста беа пласирани низа шпекулации, соопшти МВР.
Од обезбедените видеоснимки и други службени материјали, како што велат, утврден е идентитетот на возачот, Г. К. (29), кој управувал возило што е во сопственост на правно лице.
Според надлежното министерство, на Г. К. во полициска станица му е изготвен записник за констатиран прекршок од Законот за безбедност во сообраќајот и поведена е прекршочна постапка против правното и одговорното лице. Исто така, по извршена контрола врз возилото во полициска станица, утврдено е дека се отстранети нелегално поставените флешери.
По детаљни проверки на службените материјали, како и преглед на видеоматеријал и фотографии, констатирано е дека на 26.11.2022, во 17.25 часот, во СВР Скопје добиена е анонимна пријава дека патничко возило „мерцедес“, со скопски регистерски таблички, со голема брзина и вклучени флешери се движи од Качанички Пат кон Скопје по што се известени службите на терен за да го запрат возилото. Но, по неколку минути, В. А., раководно лице во СВР Скопје, дал насоки да се повлече објавата, односно да не се запира возилото затоа што, како што кажал, било службено и со тоа довел во заблуда двајца полициски службеници од Центарот за известување и команда, кои без проверка ја повлекле објавата и ја запреле потрагата по возилото.
Против тројцата се изготвени иницијативи за дисциплинска постапка од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот и поддршката
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

