Македонија
Наместо покачена 12 отсто, вработените во културата не добија никаква плата, од утре излегуваат на протести
Доколку до крајот на денот не им биде исплатена платата за март на 3.000 вработени во културата, од утре тие излегуваат на протести пред Министерството за култура, со можност да се протестира и пред Министерството за финансии. Ќе протестираат сè додека не им биде исплатена платата на сите работници. Вработените во културата алармираат дека за некој ден, освен без плата, ќе останат и без здравствено осигурување.
„Пред точно 18 дена на ова исто место бевме убедувани дека шириме паника и дезинформации меѓу вработените во културата и дека има само една вистина, а тоа е дека платата за март ќе биде исплатена со досега највисоко усогласување од 12 отсто за денес сите да сме согласни дека синдикатите беа во право и пред 18 дена и пред 6 месеци. И, денес, на 18 април, плата за март сè уште нема. Да биде целата ситуација уште потрагична, за неколку дена 3.000 вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување“, рече претседателката на Синдикатот за култура, Вера Атанасовска.
Покрај протестите Атанасовска извести дека повеле постапка за тужба за доцнењето на платата. Овој пат ќе настојуваат и да се лоцира одговорноста за ненавремено исплаќање на веќе одработеното.
Претседателката рече дека утрово ја побарале од кабинетот на министерката за култура за да ѝ јават дека попладнево треба да оди на состанок во Министерството за финансии, а вработени во Министерството за култура истовремено се јавувале во културните институции и им кажувале да прифатат да се исплати платата без усогласувањето. Атанасовска денес пред Министерството за култура постави низа прашања за неисплатената плата и најава за состанок во Министерството за култура.
„Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии? Сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата? Што се случува и кој е одговорен за колапсот што го создадоа во културата? За неуспехот на Владата, особено на Министерството за култура, да ги исполни своите обврски со тоа што не ги исплати ветените плати на сите вработени во културата во согласност со законите и договорите? Ова тотално исмевање на довербата на сите вработени во културата не само што ја загрозува егзистенцијата на оние што се посветени на уметноста и на културата туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции. Зошто Министерството за култура не ја исполнува својата обврска? Дали е тоа поради предизборна војна на партиите или работата е уште подлабока – тотално потценување на уметноста и културата во рамките на владините приоритети? Без разлика на причината, ефектот останува ист – деморализирана култура работна сила и намалена национална култура во колапс и пред протест и штрајк“, рече Атанасовска.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, им даде безрезерва поддршка на културните работници и ја повика министерката уште денес да ја исплати неисплатената плата за март.
„Ја повикуваме министерката за култура, денеска, место да ги повикува во Министерството за финансии да се објаснуваат, да направи максимални напори платите до крајот на работното време да легнат на сметките на овие луѓе. Доколку не, се гледаме утре на протест, се гледаме и другиот ден и така сè до исполнување на нашите барања. Не бараме преку леб погача, бараме плата. Платата веќе сме си ја изработиме, а работиме и за нова плата, која треба да биде исплатена во мај. Недозволиво е ова да ни се случува, особено не 15 дена пред избори. Сите да го имаат ова на ум“, рече Трендафилов.
Пред две недели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на посебна прес-конференција уверуваше дека вработените во културата за март ќе добијат покачена плата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

