Македонија
„Меѓаши“ предлага форми на образование надвор од традиционалниот систем на училиштето

По последните настани во врска со уписите и почетокот на тековната учебна година, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ – Република Македонија изразува загриженост поради фактот што денес има деца што би требало да бидат прво одделение, а сè уште се надвор од образовниот систем поради непримени вакцини во согласност со календарот за имунизација.
Првата детска амбасада „Меѓаши“ апелира до Владата да го преиспита заклучокот донесен на 135. седница оддржана на 14 мај 2019 година, каде што во точка 32 заклучува: „(1) Во кое било училиште може да се запишат исклучиво деца што се вакцинирани и за тоа имаат соодветен документ/потврда“, понатаму: „(2) Во сите училишта да се примаат пријавите за упис во училиштата и на оние деца што не се вакцинирани, но да не се врши упис на истите сè додека не биде приложен соодветен документ/потврда за вакцинација“.
„Детската амбасада ‘Меѓаши’ укажува дека со горенаведените заклучоци, а особено со првиот заклучок цитриран погоре, врши и поттикнува директна дискриминација по основ на Законот за основното образование, каде што децидно е забележано во член 5: „(1) Во основното воспитание и образование се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување по основ на пол, раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, попреченост, род, сексуална ориентација, родов идентитет, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, други видови уверувања, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба и општествен статус или која било друга основа која е предвидена со закон или со меѓународен договор ратификуван во согласност со Уставот, во остварување на правата од основното образование“.
Понатаму, со заклучокот број 2, донесен на гореспоменатата седница, создава услови на конфузија помеѓу образовната управа задолжена да постапува по пријави за упис на деца во градинка и училиште, како и меѓу родителите“, се вели во соопштението на Детската амбасада „Меѓаши“.
Заклучокот, според Детската амбасада, е нејасен и како таков дозволува слободно толкување од страна на воспитно-образовната управа при постапување по индивидуалните пријави за упис на деца, што, како што велат, е евидентна состојба денес, каде што имаме деца што се невакцинарни и запишани и деца што се сè уште незапишани во училиште/градинка.
„Како резултат на последното македонското општество се соочува со голем број деца и надвор од предучилишните установи – градинки, а неодамна и со немил настан, каде што дете – првоодделенче беше директен сведок на употреба на сила при неговото отстранување од училишниот простор заедно со својот родител исклучиво поради конфузијата што е предизвикана како дејство поттикнато од втората точка на заклучокот на горенаведената владина седница“, се наведува од Детската амбасада.
Детската амбасада „Меѓаши“, покрај овој апел, укажува дека во светот веќе со години постојат и функционираат форми на образование надвор од традиционалниот систем на институција – училиште. Според Детската амбасада, денешните можности што ги нуди комуникациската технологија дозволуваат децата што имаат, пред сè, право на образование, тоа да го добијат на друг и веќе користен начин во развиените земји.
„Ја поттикнуваме Владата, со цел почитување на правото на најдобар интерес на детето, да ги разгледа опциите, како што се: учење од дома (homeschool), учење на далечина (distance learning) и други форми на образование актуелни во светот, кои и тоа како ќе им олеснат и ќе обезбедат соодветно образование признаено во светски рамки за деца и младинци што имаат потреба од нетрадиционална форма на образование.
„Меѓаши“ стои на располагање за соработка со Владата и надлежните институции, прашањето за алтернативните начини на образование да се актуализира на ниво достојно на важноста на темата – право на најдобар интерес на детето и правото на образование“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.