Македонија
Меџити: Ахмети побара спас кај Ромите, Турците, Бошњаците, сега чиста албанска опција е само ВЛЕН за новата влада
Не може да правиш разлика со гласови од Роми, Турци и Бошњаци, а после да се повикуваш на албанска опција, рече денес претседателот на Демократско движење и носител на листа во првата изборна единица на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити. Тој смета дека пречка на Демократската партија за интеграција (ДУИ) да стане албанскиот партнер во идната влада е и тоа што тие во 2016 година го прекршија договорот победник да коалицира со победник.
„Во 2008 година имаше мајски договор со кој беше предвидено победникот кај Албанците и победникот кај Македонците да коалицираат и да направат влада. Но токму ДУИ во 2016 година тоа го прекрши бидејќи ВМРО доби 51 пратеник, СДС 49. ДУИ одлучи да го прекрши договорот, од оваа призма јас мислам дека добро направи тогаш што го прекрши договорот бидејќи имаше стратешки интереси и тоа беше потребно за државата, но кога ќе ги прекршиш договорите, немаш право истото да го бараш од другите, тоа е првиот факт. Вториот факт кој што не оди во прилог на нив е дека на овие избори заради ВЛЕН, заради тоа што има силна опозиција, Ахмети спасот го бараше кај Ромите, Турците, Бошњаците.. Тоа е легитимно што направи коалиција со нив, но веќе не може да се повикува дека тој е албанска опција. Така е бидејќи разликата во гласови ја направи со помош на малите заедници. Не може разлика да правиш со нив и после да се повикуваш на албанска опција. Тие веќе не се чиста албанска опција. Чиста албанска опција е само ВЛЕН“, рече Меџити.
Со коалицирањето со партии на други помали заедници, Меџити смета дека ДУИ одбрале да бидат опозиција оти не би можеле да влезат во новата влада како коалиција.
„Сите знаеме дека ВМРО треба да ја води новата влада. Тие во коалицијата имаа турска партија, бошњачка партија, ромска партија, дури имаат и по две – три така да немаат потреба од други партии од помалите заедници оти нема да има логика, сите од помалите заедници треба да бидат дел од владата, нема да остане никој во опозиција. Ништо не оди во прилог на ДУИ. Ние сме единствена албанска опција и убедени сме дека на осми мај, на парламентарните избори ние ќе бидеме легитимни претставници на Албанците како победници со најголем број гласови од Албанците, со најмногу пратеници Албанци во Собранието, ќе имаме бадентерово мнозинство, односно ги имаме сите фактори кои одат во прилог на една вистинска промена на оваа Влада во Република Македонија“, рече Меџити.
Не сакаше да даде конкретен одговор на новинарско прашање кога би се отворил Уставот за во него да се внесат Бугарите. Место одговор тој кажа дека сега се фокусирани на 8 мај, а за се понатака ќе седнат на маса и ќе се договараат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Гостивар
Според досегашните податоци со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утрово во 5 часот и 21 минути се случи земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, на околу 45 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.2
Земјотресот е почувствуван во Гостивар и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
СДС сервилна знае само за патлиџан дипломатија и предавнички политики, руските играчи се во СДС и оние кои му дадоа државјанство на Онишченко, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Тоа што геополитичките интереси на големите геополитички актери во даден момент се поклопиле со државните интереси на Македонија нема никаква врска со „државничка“ политика на СДС.
Бидејќи СДС-сервилна од дипломатија и меѓународни односи знае само за патлиџан дипломатија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС сервилна знае само да ги распродава државните и национални интереси.
СДС на меѓународен план и екипата на Бујар Османи, Маричиќ, Ковачевски нема држава, настан или организација каде не ја понижија Македонија со сервилната и погубната дипломатија која ја водеа.
Руските играчи на македонската политичка сцена се СДС Заев и Филипче. Доказ за тоа е скандалот со доделување државјанство на рускиот државјанин Онишченко осуден за корупција и перење пари во Украина.
Надворешната политика што ја водеше СДС беше обележана со сервилност и отстапки на штета на државните и националните интереси“. Наместо, како што додаваат од владејаќката партија, цврста и достоинствена дипломатија, граѓаните беа сведоци на политики предавнички и недоволна заштита на националните позиции и интереси.
Државата, според нив, заслужува стратегија што ќе се темели на јасно дефинирани национални интереси, самопочит и партнерства изградени врз взаемна почит, а не на политика на постојани отстапки. Според ВМРО-ДПМНЕ, само преку конзистентна, достоинствена и принципиелна дипломатија може да се заштитат долгорочните интереси на Македонија и нејзините граѓани.
Македонија
Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 57 сесија на Клубот на истражувачите
На 27 март 2026 година (петок), со почеток во 13 часот, во просториите на Народната банка ќе се одржи 57. сесија на Клубот на истражувачите.
„Доколку сакате да презентирате Ваш работен материјал на оваа сесија на Клубот на истражувачите, Ве покануваме да се пријавите со доставување на материјалот на е-адресата: [email protected], најдоцна до 18 март 2025 година (среда).
Трудовите треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.
На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија“.
Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер, за што можете да видите подетални информации на веб-страницата на Народната банка www.nbrm.mk, во делот Клуб на истражувачи.

