Македонија
МЗШВ: Јавните повици се поништени поради правично доделување земја, се подготвуваат нови

Министерствотo за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) најостро ги демантира сите информации изнесени од Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ во врска со поништувањето на јавните повици за доделување државно земјоделско земјиште под закуп.
Министерството информира дека јавните повици за доделување државно земјоделско земјиште под закуп се поништени поради неправилности во постапката, а со цел правично, транспарентно и законито доделување државно земјоделско земјиште.
„Јавниот повик 01/21 е поништен од причина што мнозинството од членовите на Комисијата утврдиле дека дел од членовите на Комисијата работеле без потребениот кворум за работа пропишан со правилникот за работа на Комисијата. Четворица од членовите на Комисијата веќе имаат доставени изјави до архивата на МЗШВ дека не биле известени ниту за јавното отворање на понудите ниту за тековното работење на Комисијата за овој јавен повик.
Јавниот повик 04/21 е поништен поради тоа што членовите на Комисијата процениле дека во јавниот повик недостига нагласен документ, со кој ќе се утврди староста на насадот за кој се доставени поднудите, што би можело да доведе до злуопотреба на постапката.
Од овие причини, а во согласност со Законот за земјоделското земјиште, но и заради транспарентна, законита и правична распределба на државното земјоделско земјиште под закуп, овие два јавни повика се поништени пред стапување на функција на актуелниот министер Љупчо Николовски. Актуелниот министер Николовски неселективно ќе преземе соодветни чекори за иницирање одговорност на службените лица што со своите постапки придонеле за неправилности во постапките. МЗШВ најтраснапрентно ги извести понудувачите на јавните повици за поништувањето, на законски начин пропишан со Законот за општата управна постапка преку објавување на известувањето во два дневни весника и во „Службен весник“ на РСМ. На никој начин со актите на Министерството не се ограничува правото на надомест на штета доколку кој било земјоделец има претпрено каква било штета од поништувањето и ако тоа го докаже во соодветна судска постапка“, се наведува во соопштението.
Од Министерството нагласуваат дека во најбрз можен рок ќе бидат објавени нови јавни повици за истите региони.
Земјоделците што се пријавиле на поништените јавни повици ќе имаат можност повторно со истите елаборати да аплицираат за истите земјоделски површини.
Од МЗШВ воедно апелираат земјоделците да не потпаѓаат под, како што велат, манипулативни изјави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.