Македонија
МЗ демантира: Не постои илегална вакцинација, да не се шират лаги и паника во јавноста
Министерството за здравство ги демантира тврдењата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, за илегална вакцинација во земјава.
Од министерството велат дека жалат што најголемата опозициска партија во државата во период на воведување КОВИД вакцинација шири лажни вести, со кои, како што наведуваат, ја манипулира јавноста вадејќи од контекст изјава на премиерката на Република Србија.
„ Очигледно е дека ова монтирано видео е со единствена цел да создаде неоснована паника која може да има долгосежни поседици и врз здравствениот систем и врз колективното здравје на граѓаните. Министерството за здравство најостро ги демантира лагите денеска изнесени од страна на портпаролот на опозицискиата партија, а претходно објавени на социјалните мрежи од пратеник на истата партија. Ниту се одвивала, ниту се одвива илегална вакцинација, ниту било што поврзано со јавното здравје се прави на нетранспарентен начин. Вакцинирањето во Република Северна Македонија ќе започне во февруари. Министерството за здравство води преговори за да обезбеди вакцини по три механизми, Ковакс, директни преговори и преку солидарниот фонд на ЕУ“ соопшти МЗ.
Оттаму додаваат дека заедно со Националната техничка работна група за КОВИД вакцинација изготвиле оперативен план за вакцинација во кој се утврдени приоритетните групи, број на потребни вакцини, пунктови на кои ќе се врши вакцинацијата. Со ваквите манипулативни видеа, велат од министерството, свесно опозициската партија сака да го потцени и оцрни трудот на здравствените работници, експерти во областа кои работат на процесот на вакцинација.
Министерството за здравство бара итно да се повлече видеото, а портпаролот и пратеникот да се извинат јавно. Апелираат до јавноста да не ги зема предвид лажните информации.
„ Од почетокот на ковид кризата министерството за здравство информира точно навремено и целосно транспарентно и така ќе продолжи и понатаму. Министерството за здравство ги повикува надлежните институции секоја злоупотреба или лажна вест да биде законски санкционирана затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника“ се додава во реакцијата од министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

