Македонија
(Видео) Мизрахи: Има сомнежи дека и денес се заработува на грбот на болните од рак, бараме да се продолжи рокот за работа на анкетната комисија
Поради сомневањата дека основаните сомнежи за заработка на грбот на пациентите и несоодветниот третман на болните од рак се случуваат денес, претседателката на анкетната комисија за скандалот на Онкологија во Собранието, Рашела Мизрахи, најави дека денес, откога ќе ги сослушаат последните сведоци, ќе побараат проширување на надлежностите и работата на комисијата.
Таа наведе дека во случајот со Онкологија има нови сознанија, од кои, според неа, јасни се три работи, односно дека Фондот нарачал и изготвил извештај, кој остава сомнеж дека и денес болните имаат несоодветен третман, дека и денес се набавуваат лекови за суми изразени во милиони евра и покрај складираните количини и лековите им се даваат на пациентите во торбиче, а се фактурира како да ги аплицирала Клиниката.
„Овие нови сознанија за случувањата на Онкологија ја наметнува потребата да се испитаат сите нови информации и да се продолжи рокот на работата на комисијата и да се прошири опфатот на периодот на кој таа се однесува, вклучително и тековниот период од април 2023 година, на кој се однесува извештајот на ФЗО. Вистината за канцер-мафијата мора да се знае. Одговорност за дивото месо во здравството ќе има, со име и презиме. Во текот на денешниот ден имаме свикано сведоци. Во текот на денешниот ден ќе бидат господинот Оливер Спасовски, господинот Јовевски, Никола Васев и Стево Крстевски, ексдиректор на ФЗОМ како присутни, а понатаму ќе се достави барањето до пленумот за проширување на надлежностите и работата на анкетната комисија“, рече пратеничката Мизрахи.
Таа извести дека денес е последниот ден за сослушување сведоци и експерти за скандалот на Онкологија. Досега се сослушани 49 сведоци и експерти, а десетмина не се појавиле иако биле уредно поканети.
Јавното обвинителство вчера соопшти дека обвинувањата за Онкологија, што вчера ги изнесе ВМРО-ДПМНЕ, вклучително давањето лекови во торба, се погрешни и може да ја вознемират јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

