Македонија
Милошоски: Владата се плаши да им дозволи на пратениците да направат увид во СЈО

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, изјави дека е очигледно оти владејачката коалиција СДСМ и ДУИ сè повеќе се плашат од тоа да им дозволат на пратениците да направат увид во СЈО. Тој рече дека вчера добиле допис со неосновани технички образложенија од страна на спикерот Талат Џафери дека предлог-одлуката за анкетната комисија ја враќа на подносителите.
„Наводно, поради одредени недостатоци, ги видовме сите оние нешта што тој ги споменал како недостатоци и нема ниту еден деловнички, пропуштен, суштински дел од предлог-одлуката, што може да се смета за сериозен недостаток. Напротив, предлог-одлуката за формирање анкетна комисија по содржина и структура е иста со предлог-одлуката за анкетна комисија што господинот Талат Џафери во претходниот состав ја поднесе за формирање анкетна комисија за прислушувањето. Нема никаква разлика.
Она што нам ни е информација од собраниските служби и од самиот ракопис на овој предлог за враќање на одлуката за формирање анкетна комисија е дека ова не е ракописот на Талат Џафери. Ова е ракописот на Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието, или на некој близок советник на СДСМ, што Талат Џафери морал да го послуша и да го потпише и да го врати предлогот за формирање анкетна комисија затоа што очигледно и Талат Џафери е седнат во скутот на владејачката партија. Од кои интереси, дали се тоа лични, фамилијарни, политички, партиски, сигурни сме дека во следниот период тоа бргу ќе го докажат“ истакна Милошоски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од оваа намера и дека ќе ги искористат сите можни деловнички процедури, а дека темата анкетна комисија за СЈО и увидот и дискусијата за работата на незаконско, нестручно и несовесно работење и постапување на СЈО, ќе дојде на дневен ред на собраниската седница, порано или подоцна.
„Сметаме дека власта доколку држи до својот глас за разрешување на Катица Јанева за незаконско, несовесно и нестручно работење, треба да дозволи формирање анкетна комисија и треба да дозволи расправа за оваа точка, па ако сакаат, СДСМ и ДУИ нека гласаат против. Ако имаат доволно аргументи дека СЈО работело законито, дека Катица Јанева работела совесно, стручно и законски, ќе имаме расправа на дневен ред и на пленарната седница нека се изјаснат, нека гласаат воздржано или против, но нека не го скратуваат правото да се расправа за ова и да ги понудиме аргументите во таа насока.
Дополнително тоа што во меѓувреме го имаме како сознанија е следното. Не било случајно тоа што во изминативе неколку години сите финансиски извештаи што СЈО ги доставувало со Собранието на Република Македонија во ниту еден извештај не се наведени прецизни ставки во трошењето на средствата. Разгледани се сите извештаи и во сите пишува, повеќето од средствата се потрошени за наемнини, хонорари, набавки и слично, помал дел не е потрошен. Не се кажува колку се потрошени на вештаци, колку се потрошени на плати, колку се потрошени на хонорари, колку се потрошени на јавни набавки. Она што го имаме како сознание дека имало злоупотреба и прекршување на постојните законски прописи од страна на СЈО при вршењето јавни набавки внатре во СЈО, односно индиции дека се злоупотребени пари на граѓаните, несовесно, незаконски и нестручно за нечија сметка, односно за нечие материјално богатење.
Од друга страна, имаме исто така податоци дека на блиските роднини на помошник-обвинители внатре во СЈО или на самата специјална обвинителка или на блиските лица на судии, обвинители, пратеници, функционери и министри надвор од СЈО, кои биле вработени во СЈО, им се исплаќани несразмерно високи хонорари по потпишани договори за чување деловна тајна, а самиот опис на работа на човек што влегува да работи во обвинителска функција, основната плата му е во описот на тоа да биде претпазлив и да чува деловна тајна, односно за тоа нема потреба за посебен договор.
Затоа цениме дека господинот Талат Џафери, Цветанка Иванова и СДСМ во Собранието треба да размислат да не го штитат веќе механизмот кој може на сите нам да ни помогне, темата незаконско работење на СЈО да ја истражиме и да им ја дадеме на увид на сите граѓани затоа што 15 милиони евра од граѓаните на Република Македонија плус донации од Шведска, Холандија и Америка се потрошени за работата на СЈО, а голем дел од нив сметаме дека е потрошен незаконски“, изјави Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.