Македонија
Милошоски: Правосудството има низок углед, граѓаните немаат доверба во институциите, неопходни се реформи

Денес на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Македонија, пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски му постави прашања на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Првото прашање беше до претседателот на Влада, Христијан Мицкоски и се однесуваше на Републичкиот судски совет. Милошоски напомена дека моментално целото правосудство има низок углед и висока недоверба и тоа влијае на довербата на граѓаните во институциите. Тој истакна и дека ова долго време се провлекува во извештаите на ЕК и дека е време да се преземат чекори.
,,Моето прашање е дали до овој момент, Републичкиот судски совет како целина и тело или некои членови до вас доставија издржан предлог за реформи на оваа институција или доколку нема кој е вашиот план за реформа на Републичкиот судски совет со цел да се зголеми довербата во оваа институција и да има поголема стопанска извесност и капацитет за владеење на право и борбата против корупција?“, праша Милошоски
Второто прашање беше до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и се однесуваше на акцијата која беше спроведена по налог на надлежните институции во струмичкиот регион против неколку фирми од кои што најзвучна во јавноста беше фирмата на Крмзов.
,, Која е вашата проценка за овој случај? За какви дела станува збор или какви индиции ако може да се соопшти, и дали очекувате разрешница на овој кривично правен настан, според она што може вие да го процените како министер за внатрешни работи?“, рече Милошоски
Третото прашање беше до министерот за транспорт и врски Александар Николоски, во однос на делницата Прилеп-Битола. Милошоски напомена дека долго време пелагонискиот регион има потреба од оваа делница и сметаме дека би било многу добро ако навремениот почеток и реализација кој вклучува и експропријација и поместување на одредени надвозници кои веќе ги има тој пат.
,,Би сакал да ја слушнам вашата проценка, за почетокот и реализацијата и во кој временски период овие два стопански центри во Прилеп и Битола ќе бидат поврзани?“, заклучи Милошоски.
Милошоски постави и дополнително прашање во однос на Републичкиот судски совет. Тој напомена дека не може да се очекуват исти резултати ако оваа екипа во РСС продолжи да биде истата во следните 2 до 3 години.
,,Јас сум песимиста дека ќе имаме подобрување во судскиот совет доколку оваа екипа остане. Моето дополнително прашање е дали имавте веќе разговор на оваа тема со европскиот експерт? Бидејќи законоски е регулиран со закони кои се гласаат со 2/3 мнозинство во Собранието, доколку се предложи одреден закон за темелна реформа на судскиот совет освен парламентарно мнозинство, да обезбедиме 2/3 мнозинство за темелна реформа на Републичкиот судски совет“, дополни Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од претходната власт наследивме урбана пустош, дивеење на инвеститори, Аеродром се движи по нова траекторија, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Изјавата на СДС е уште еден обид за дефокус и манипулација од страна на партија која во претходните 4 години не направи ништо за Аеродром, освен бетон и хаос. Граѓаните добро паметат – од претходната власт наследивме урбана пустош, дивеење на инвеститори и нула транспарентност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако од страна на СДСМ изјавија дека Општина Аеродром е жртва на неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски и Дејан Митески.
Денес, според партијата на власт, Аеродром се движи по нова траекторија.
„Со нова инфраструктура, проекти во образованието, социјалната заштита и реални инвестиции. Работиме секојдневно, транспарентно и во интерес на граѓаните. За прв пат во Аеродром во исто време се градат училиште, детска градинка и спортска сала. Паралелно на тоа се реализираат многу инвестиции во патната и водоводна инфраструктура, зеленилото, спортската и детска инфраструктура.
Аеродром повеќе не е бетонска џунгла, напротив, статистички гледано се градат за 80% помалку згради во овој мандат. За првпат спроведовме деурбанизација, односно избришавме маркици за згради и ги пренаменивме во паркови“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тригодишната блокада од владата на СДС, сепак во Аеродром се реализираат проекти како никогаш досега.
Оценуваат дека заврши времето на СДС кога една даска чинеше илјадници евра, еден кош како цела спортска сала.
„Заврши времето на СДС кога со изградба на згради се грижеа за тревата, како онаа кај Мајчин дом.
СДС очигледно не ја научија лекцијата после катастрофалните порази на изборите и пораката дека аеродромци не сакаат празни зборови, туку дела и проекти.
Граѓаните не сакаат враќање на старата неработа“.
Македонија
МЗ: Нормализирано водоснабдувањето во Клиниката за белодробни заболувања „Козле“

Министерството за здравство информира дека водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле е целосно нормализирано.
Од таму додаваат дека хоспитализацијата на пациентите продолжува непречено, а здравствената установа функционира во целосен капацитет.
„Министерството останува посветено на следење на состојбата и обезбедување континуирана здравствена заштита за најмладите пациенти“, соопштија од оваа институција.
Македонија
Македонија е посветена на изградба и модернизација на транспортните коридори, вели Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со заменик амбасадорот на ЕУ, Бен Нупно.
На средбата Николоски ја истакна силната определба на Владата за развој на инфраструктурата, со посебен фокус на европските коридори 8 и 10, како и кракот 10 д.
Потребата од економско зајакнување на Македонија и интеграција во регионот е возможно единствено преку изградба и модернизација на патната и железничката мрежа, потенцира Николоски, истакнувајќи ја потребата од силна подршка од европските партнери во овие процеси.
Тој нагласи дека Македонија се движи во правец на инфраструктурна интеграција во регионот, посочувајќи дека Владата започна интензивни процеси на изградба и модернизација на главните европски рути во земјава, истакнувајќи ги проектите за автопатското и железничкото поврзување на коридор 8, особено проектот за изградба на брза пруга на коридор 10.
Во однос на железничкото поврзување со Бугарија, Николоски ја нагласи определбата на Владата за доизградба на пругата и заедничката реализација на овој проект со Бугарија, особено по средбата што се одржа во Брисел, а во посредство со Европската Унија.
На средбата се потенцира и важноста од зголемување на капацитетите и потребата од искористување на средствата преку ИПА фондовите.
Интегерцијата на Македонија и соработка со ЕУ е стратешка политика на Владата, посочи Николоски, истакнувајќи дека ќе продолжи посветено да се работи на реформските процеси, на борбата против корпуцијата и владееење на правото.