Македонија
Минчев: Реформите во јавната администрација се клучни за нашата европска иднина
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ја истакна важноста на реформите во јавната администрација на состанокот на специјалната група за реформа на јавната администрација посветен на европските интеграции и административните реформи.
Министерот Минчев упати благодарност до Европската Унија, СИГМА, РеСПА, и останатите партнери за нивната континуирана поддршка и посветеност, нагласувајќи ја клучната улога на јавната администрација како столб на модерното општество и важен фактор за подготовката на Република Македонија за членство во Европската Унија.
„Реформата на јавната администрација е еден од главните приоритети во пристапното партнерство со Европската Унија, дел од првиот кластер – Основи, во согласност со новата Методологија за пристапни преговори. Но, овие реформи не се само обврска кон ЕУ, туку и обврска кон нашите граѓани. Наша цел е да изградиме модерна, транспарентна и ефикасна јавна администрација што нуди брзи и квалитетни услуги за сите,“ – истакна Минчев.
Минчев информираше за клучните активности на Министерството за јавна администрација, кои се насочени кон реализација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, Планот за раст и Патоказот за реформи.
Во тек е изработка на нова законска рамка која ги опфаќа законите за вработените во јавниот сектор, административните службеници, и стручното усовршување, со цел воспоставување институционални механизми за континуирана едукација и професионализација на службениците.
„Извештаите на Европската комисија и оценските мисии на СИГМА ги гледаме како компас за насочување на реформите. Тие ни покажуваат не само каде треба да бидеме подобри, туку и колку е значајна соработката со ЕУ и сите останати партнери,“ – додаде министерот, повикувајќи на заеднички напори за исполнување на приоритетите.
Минчев ја истакна потребата од зајакнување на меѓуинституционалната соработка и партнерствата со граѓанскиот сектор, како и меѓународните организации.
„Нашата посветеност на реформите е недвосмислена, но успехот е возможен само преку заеднички труд. Уверен сум дека со стратешка соработка ќе постигнеме значајни резултати кои ќе ја потврдат нашата подготвеност за полноправно членство во европското семејство,“ – заклучи тој.
Министерството за јавна администрација останува посветено на исполнувањето на своите реформски цели во партнерство со Европската Унија и меѓународните организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети за посетата на Косово: Мојата поддршка никогаш нема да изостане
Лидерот на ДУИ Али Ахмети по посетата на Косово на социјалните мрежи обзнани дека денеска во Приштина се сретнал со Рамуши, Мемли и Лумир со кои разговарал како што пишува, за Косово, регионот и заедничката евроатлантска иднина.
„На Косово му требаат пријатели и сојузници и единствено решение е меѓусебното признавање, но тоа може да се постигне само со прогресивни политики и посветеност на иднината.
Мојата поддршка за Косово никогаш нема да изостане.
Ви благодариме за гостопримството браќа“, пишува Ахмети.
Претходно, во Косово замина и најблискиот соработник на Ахмети, Артан Груби, кој се бара поради случајот со криминалот во „Државната лотарија“. Обвинителството вчера побара притвор за поранешниот вицепремиер.
Македонија
Меџити: Секој ден придонесуваме за почист воздух
Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити учествуваше во иницијативата за засадување садници во новиот Мега парк во општина Карпош, дел од акцијата за урбано зазеленување на Скопје, со донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“.
За време на иницијативата за засадување 956 дрвца, во присуство на амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, претставникот на УНОПС во Северна Македонија, Марко Вујачиќ, и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, Меџити рече дека оваа иницијатива ја нагласува силата на партнерствата помеѓу Европската Унија, централната и локалната власт, како и партнерите за имплементација како што е УНОПС.
„Работејќи заедно, успешно ги усогласивме ресурсите, експертизата и заедничката посветеност за подобрување на урбаните средини. Со засадување на 956 дрвја, стари по две и три години, од 16 автохтони видови, кои покрај ефектот на намалување на количината на CO2 во атмосферата, ќе ги апсорбираат и ПМ честичките, ќе ги ограничат ефектите од урбаните топлински острови, дополнително со зеленилото на разни локации во градот ќе ја направат околината многу поубава и поатрактивна за рекреативни активности, како што се бреговите на реката Вардар”, рече Меџити.
Меџити информираше дека акцијата нема да се спроведува само во Скопје, туку дека вакви акции се преземени и ќе се преземаат во градовите Тетово, Куманово и Битола, а ќе може да им се приклучат и четирите најголеми градови во иницијативата на Економскиот совет на ОН за Европа „Предизвик на дрвјата во градовите“, бидејќи ќе бидат засадени околу 6000 дрвја, главно зимзелени, како дел од мерките против загадувањето на воздухот.
Амбасадорот на ЕУ рече дека преку оваа иницијатива е збогатена биолошката разновидност на градот, придонесувајќи за поздрав урбан екосистем, додавајќи дека засадувањето на близу 1000 дрвја придонесува за филтрирање на штетните загадувачи од воздухот и ги регулира хидролошките циклуси и ги подобрува зелените простори Скопје.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска рече дека ваквите иницијативи претставуваат конкретни акции за намалување на аерозагадувањето, а се однесува на еден од итните еколошки предизвици.
Дрвјата што беа засадени денеска ги донираше ЕУ преку проектот на ЕУ за чист воздух, додека засадувањето го направи Град Скопје преку ЈП Паркови и зеленило.
Македонија
МВР ја образложи кривичната пријава за Ковачевски – овозможил Лотарија да приредува игри на среќа без лиценца
МВР образложи зошто поднело кривична пријава и за експремиерот Димитар Ковачевски, како и за генералниот секкретар во Владата, Методија Димовски, кои, засега не се опфатени во истрагата за криминалите во Државна Лотарија.
Според информацијата од Министерството доставена до медиумите, Ковачевски како премиер, по претходен договор со Бајрами, на 8 март 2022 година, ја злоупотребил службената положба, ја ставил на дневен ред и усвоил постапка за основање на трговското друштво „Нова Државна Видео Лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека материјалите не се разгледуваат на седница согласно Деловодникот за работа на Владата (член 68 став 1). Со ова, како што велат од МВР, Ковачевски, овозможил друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца и на одговорните лица им овозможил противправна имотна корист од 8.598.000 денари.
За Димовски, пак, од МВР велат дека во својство на генерален секретар на Владата и покрај тоа што знаел дека материјалите кои се доставени до Владата не се разгледуваат на Седница на Владата ја предложил како точка на дневен ред за разгледување на информацијата во врска со постапката на основање на трите нови трговски друштва за приредување на интернет игри на среќа, и на тој начин со пречекорување на границите на своите службени овластувања им овозможил на одговорните лица на правни лица од Скопје и Битола да се стекнат со значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 4.852.212 денари, а новоформираните правни субјекти од Битола и Скопје да остварат противправна имотна корист во големи размери во вкупен износ од 55.029.956 денари.
Обвинителството претходно оопшти дека Ковачевски и Димовски се пријавени за друг временски период и за други дејства. Кривичната пријава што ја поднесе МВР за експремиерот Димитар Ковачевски и за поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, не е отфрлена, а Обвинителството ги проверува наводите.
„ Напоменуваме двете лица што ги наведувате (Ковачевски и Димовски) се пријавени за сосема друг временски период и за други дејства, а на седницата на 6 јуни 2023 година, кога точка на дневен ред била наведената одлука, претседавал единствено сега осомничениот“, велат од Обвинителството.
Обвинителството вчера побара притвор за директорот на „Државната лотарија“, Прпарим Бајрами, и за поранешниот вицепремиер Артан Груби поради проневера во „Државната лотарија“. Според информациите, барањето е со цел притворската мерка да почне да се спроведува веднаш по пронаоѓањето на двајцата осомничени, кои во моментот не се во државата, како и нивно приведување. Судот денес одлучува за притворите.
Од Обвинителството информираа дека Бајрами доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ-терминали и нивно имплементирање. Предлогот бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна бидејќи АД „Државна лотарија“, во согласност со Законот за игри на среќа, нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државата.
Вицепремиерот Груби иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека „Државната лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 6 јуни 2023 година како вицепремиер претседавал со седница на владата во својство ччен на собранието на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.
Другите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повика за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должностите и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена бидејќи не биле исполнети законските услови.