Македонија
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва на протестите порача дека продолжуваат онаму каде што застанале.
„Рековме дека сето она коешто ќе се случува во деновите коишто се пред нас во Парламентот претставува обична фарса, суштината е во оваа зграда овде. А, суштината е дека тие што се во оваа зграда овде веќе се согласиле на тоа коешто го нарекуваат модифициран последен предлог, а во суштина е ништо повеќе од директен удар врз македонскиот идентитет. Тоа се луѓето коишто ќе останат запаметени во македонската историја како луѓе коишто го распродаваа идентитетот македонски за да ги зачуваат своите фотелји уште неколку месеци.
А, она што ќе се случува овие два дена во рамките на Парламентот е обична фарса бидејќи само 41 глас се доволни за т.н. заклучоци или тој лист хартија да бидат усвоени.
Јас навистина не знам што друго да кажам освен тоа дека треба да кажат НЕ во последен момент. Претпоставувам дека барем малку има македонско во нив и ако има барем малку македонско во нив тогаш ќе кажат НЕ. Бидејќи, ќе повторам уште еднаш, ова што се нуди не е почеток на преговори за Македонија. Ова што се нуди е сликање во Брисел, за да ги почнеме преговорите потребно е да биде променет Уставот, а ние како ВМРО-ДПМНЕ јасно и гласно кажавме дека Уставот нема да се промени и покрај шпекулациите на одредени слуги и платеници на власта дека постоеле вакви, постоеле такви структури во парламентот“, рече Мицкоски.
Тој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за измените на Уставот, а нема да гласаат ниту пратениците од СДСМ откако ќе го видат Протоколот што ќе го потпише Бујар Османи.
„Тој е толку лош што мислам, или можеби сум преголем оптимист па не знам што да кажам, сè уште верувам дека кај некои од пратениците од СДСМ постои малку македонско затоа што кога ќе го прочитаат предлогот, односно протоколот којшто ќе го потпише Бујар Османи ќе се предомислат и ќе се проколнуваат себеси затоа што воопшто дозволиле да гласаат за ова што се нарекува последен модифициран предлог.
Така што ете тоа нè чека во деновите коишто следат, бидете спокојни. Апел до македонската јавност дека можеби ова на сила ќе им помине во Парламентот и можеби ќе има хушкачи чијашто единствена цел е да направат директен пробој во македонскиот идентитет. Ќе измислуваат дека имало пратеници, вакви или такви, коишто се подготвени за уставни измени, но јас ве уверувам дека такви уставни измени ВМРО-ДПМНЕ, а и поголем дел од пратениците од Парламентот нема да поддржат“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.