Македонија
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ја води раководството, лажната пропаганда на СДСМ се распрсна како меур од сапуница
ВМРО-ДПМНЕ ја води раководството на партијата заедно со структурите во партијата, членовите и активистите. ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот, својот легитимитет го црпи од народот, а не коленичејќи на црвени дебели персиски ќилими низ светот, туку заедно со народот како што беше и денеска и ВМРО-ДПМНЕ врз основа на тој легитимитет за неколку месеци од денеска ќе ја формира новата влада, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Општина Новаци, одговори на новинарско прашање околу пропагандата која ја води СДСМ дека друг ја води ВМРО-ДПМНЕ.
Тој исто така истакна дека тоа беше лажна кампања на СДСМ скоро половина деценија, но се распрсна како меур од сапуница.
„Тоа беше лажна кампања скоро половина деценија на оние кои се мајстори за лажни вести, а тоа е СДСМ, која што се распрсна како меур од сапуница и нивната петарда сега пукна во нивната рака и сега се немоќни како да се справат со тоа. Претпоставувам ќе измислат нешто, но она кое што можам да им го посакам е да извлечат поука од овие нивни погрешни политики изминатава повеќе од пола деценија, во опозиција да се реструктурираат, вистинските патриоти во СДСМ да дојдат на вистинските места и повторно да се борат за Македонија, бидејќи сепак СДСМ е политичка партија која што е стожерна партија, барем во деведесеттите години, иако во последните години го изгуби тој епитет. Ценам дека ова за нив ќе биде едно добро и непроценливо искуство коешто ќе можат долги години во опозиција да го користат за да се реструктурираат за да еден ден можеби бидат посериозен кандидат за да бидат коалиционен партнер во некоја идна влада“, потенцираше Мицкоски.
За тоа дали измените на КЗ може да бидат карта за уставните измени, Мицкоски истакна дека ниту имал, ниту ќе има тајни средби на кои би се договарало нешто коешто може да биде на штета на Македонија, како што тоа го правел некој во минатото.
„Слушнавте од Али Ахмети кој е тој кој што имал тајни средби и кои се тие кои што имале тајни средби. Слушате од меѓународни медиуми, кредибилни извори, кои се тие што ја делеле и парчеле Македонија, но истовремено ја уривале правдата и чувството за правдина на Македонија. Додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, никогаш немам намера зад завесата да договарам и да преговарам ништо што ќе може да биде штета на македонскиот идентитет, на македонските граѓани и на Македонија како држава. Сè што бараме како политичка партија го кажувам јасно и гласно и го кажувам јавно“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

