Македонија
Мицкоски го поддржа бојкотот на маркетите: Од почеток зборувам за поединци во овој бизнис, кои шпекулативно сакаат да профитираат

Најавите за бојкот на маркетите кај нас в петок, по примерот на бојкотот на маркетите во Хрватска и Црна Гора, добија поддршка од премиерот Христијан Мицкоски. Попладнево, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на уловите за користење на парите од унгарскиот кредит, тој рече дека токму однесувањето на некои поединци од овој бизнис е во неговиот фокус откако е на функцијата.
„Јас имам лично разбирање за оваа акција на граѓаните и тука не треба да имаме никаква дилема бидејќи од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Институциите и Пазарниот инспекторат ја следат состојбата и навремено реагираат“, рече премиерот Мицкоски.
Со мотото „Попусто попусти кога цените се исти!“ од утрово на социјалните мрежи граѓани повикуваат на бојкот на маркетите в петок. Иницијативата за бојкот ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, од каде што сметаат дека одредени маркети со зголемувањето на цените влијаат директно врз зголемувањето на сиромаштијата.
И СДСМ ја поддржа иницијативата за бојкот на маркетите. Нивниот став е дека граѓаните се подготвуваат за бојкот оти Владата не ги заштити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес сонце и температури до 36 степени

Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.